Доживотен затвор за Ратко Младиќ поради геноцид
22 ноември 2017Босанско-српскиот екс генерал Ратко Младиќ е осуден на казна доживотен затвор од страна на Хашкиот трибунал за воени злосторства извршени во поранешна Југославија. Според првостепената пресуда, Младиќ е виновен меѓу другото и за геноцидот извршен во Сребреница во 1995. година, како и за најкрвавите злосторства за време на војната во БиХ. Српските единици во 1995. година навлегоа во тогашната заштитена зона од ОН, Сребреница, и убија околу 8.000 муслимански мажи и момчиња
Судскиот совет констатирал дека обвинетиот Младиќ од 12. мај 1992. година бил командант на Војската на Република Српска, најмалку до 8. ноември 1996. година. Од 1991. до 1995. година постоел здружен злосторнички потфат за отстранување на босанските муслимани и Хрвати од БиХ. Обвинетиот Младиќ издавал наредби и непосредно учествувал во операции на ВРС, а издавал и оперативни директиви на единиците на ВРС и на други единици, стои во образложението на пресудата. Во неа освен за геноцид, Младиќ е прогласен за виновен по десет точки од обвинението, кое имаше 11 точки, а во нив спаѓа и злосторства против човештвото и воени злосторства. Како главен командант на војската на босанските Срби, Младиќ сноси главна вина за протерувањата, мачењата, убиствата и силувањата во БиХ, преку три години долгата опсада на Сараево со околу 10.000 жртви.
Постоеја дилеми дали 75-годишниот Младиќ ќе може поради здравствената состојба да се појави во судницата на Трибуналот, но тој присуствуваше на почетокот на изрекувањето на пресудата од страна на судијата Алфонс Ори, за по околу еден час да побара лекарска помош, зашто наводно му се слошило. Одбраната побара прекин на читањето на пресудата и веднаш да се премине кон изрекување на пресудата поради висок крвен притисок на обвинетиот, но судијата Ори, по извршените консултации, реши да продолжи со читањето на образложението, замолувајќи го развревениот Младиќ да седне. „Сето ова е лага“, викаше Младиќ, по што Ори побара тој да биде отстранет од судницата.
Повеќе десетици роднини на жртвите од БиХ допатуваа во Ден Хаг и го следеа изрекувањето на пресудата за Младиќ.
„Највисоката казна е некој вид правда“, изјави заменичката-претседател на „Мајките од Сребреница“, 72-годишната Када Хотиќ.
„Балканскиот касап", како што го нарекуваат, е осуден близу 22 години по војната во БиХ, Младиќ беше уапсен дури во 2011. година, во Лазарево во Србија, по 16 години поминати во бегство. Младиќ тврдеше дека е невин, а неговите адвокати бараа ослободителна пресуда.
Во војната на Балкан од 1992. до 1995. година беа убиени околу 100.000 луѓе, а два милиона принудени на бегство.
Процесот против Младиќ, започнат во 2012. година, е последен за Трибуналот, кој на крајот на годинава ќе ја заврши својата работа по 24 години постоење. Тековните просеци ќе бидат преземни од нова инстанца во Ден Хаг.