1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долго топло лето во Грција

Диогенис Димитракопулос
12 октомври 2016

Грција профитира од убавото време, туристичката сезона продолжува, и есенва е погодно време за патувања.

https://p.dw.com/p/2R53M
Griechenland Tourismus Village Hotel
Фотографија: DW/D. Dimitrakopoulos

Без оглед на покачениот данок на додадена вредност на 24 процентии без оглед на бегалците кои и натаму во голем број доаѓаат во Грција, туристичкиот сектор и оваа година на земјата и‘ донесе многу пари. До август Грција ја посетиле дури 753.000 туристи повеќе отколку во истиот период ланската година. Четири петтини од новоотворените работни места во Грција отпаѓаат на туристичкиот сектор. Затоа многумина имаат желба динамиката на овој сектор да продолжи и во остатокот од годината.

Повеќе отколку само море и сонце

Пиерија во северниот дел од Грција е еден од оние региони на кои годинава добро им оди. Сместен меѓу Егејското Море и митолошкиот Олимп, Пиерија ги има сите предуслови за целогодишен туристички развој. Тој во лето е концентриран околу градот Катерини и неговите плажи. Овде во 80-те години беше полно со германски туристи, кои доаѓаа со автобуси. Денес е тука ривиера на Западен Балкан.„Овде престојуваат Балканци“, ни вели еден од туристите на плажа. „До средината на јули имавме проблеми поради бегалската криза во Идомени, но работата во меѓувреме се смири“, вели Јоргос Зиграфос, претставник на хотелиерите во Катерини. „Ова е идеално време во годината. Уште е топло, а постојат и алтернативи за капењето, на пример излети во северна Грција“, вели Зографос. Се планира продолжување на плодниот период кој му користи и на пазарот на труд, „развлекување“ на туристичката сезона, а со самото тоа и сезоната во која се заработува. И тоа свртувајќи се кон туристи со различни афинитети и од различни старосни групи.

Griechenland Tourismus Wandern Olymp
Планинарење на ОлимпФотографија: DW/D. Dimitrakopoulos

По патот на боговите

Минатите години стана популарно планинарење по падините на Олимп. Разноликата убавина на пејсажот и климата привлекуваат бројни постители во откривањето на планината, на бројни организирани планинарски тури од различен степен. „Овој годишен период е најдобар, зашто не е многу жешко, што го олеснува планинарењето. Луѓето со искуство го претпочитаат ова време“, вели Бабис Маринидис од локалниот туристички центар. „На викенд планината е полна. И тоа до почетокот на зимата, кога стигнуваат скијачите“.  Напролет повторно доаѓаат планинари и така кругот се затвора и сезоната трае преку цела година. Од тоа, разбирливо, профитираат многубројните туристички работници во овој крај, но и многу други кои на овој или оној начин се поврзани со туризмот.

Griechenland Tourismus Landgut Enovion
Дегустација на вино во „Еновион“Фотографија: DW/D. Dimitrakopoulos

Земјоделски и вински туризам

Овој дел од Грција отсекогаш бил земјоделски ориентиран. Одовде доаѓаат овошје, како јагоди и цреши, но и млечни производи. А некои земјоделци сега на своите имоти во традиционални мали хотели угостуваат и туристи, кои од прва рака можат да дознаат како производите од овој крај доаѓаат на масите на рестораните и хотелите и да уживаат во пресните традиционални јадења. Моментно е во тек бербата на грозјето. Во селото Рахес, кое отсекогаш живее од вино, Апостолос Куртис, сопственик на фирмата „Еновион“, на туристите им демонстрира традиционална обработка на грозјето, целокупна програма, почнувајќи од берба, преку производство па до дегустација на виното. Во текот на летото во регионот се одржуваат гроздоберски фестивали, но производителите на вино и во зима организираат свои манифестации. Туристите задоволно заминуваат, секој со шише темно вино, кое добро грее во зимските денови.