1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Должи ми неограничено и блокирај ме нежно!

Катерина Блажевска21 септември 2015

Неликвидноста во стопанството се враќа на голема врата - фирмите не можат да си ги наплатат побaрувањата од државата. Приватниот сектор бара итни законски измени со кои ќе се подобри наплатата од јавниот сектор.

https://p.dw.com/p/1GZZL
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во Македонија заклучно со јули имало 43.713 блокирани фирми, а според статистиката, во последните 4 години бројот на блокади постојано расте. Додека државата бара дисциплина во наплата на нејзините побарувања, таа дисциплина не функционира во обратната насока - кога таа им должи на правните субјекти. Компаниите се жалат дека дури и со извршни решенија не можат да си ги наплатат побарувањата. Во екот на политичката криза, додека целото внимание е посветено на договорените мерки за излез од неа, во сенка на тие процеси, поради ваквите проблеми, неликвидноста во стопанството се враќа на голема врата.

Според податоците на Народна банка на Република Македонија, овој проблем бил растечки и лани. Најголем проблем со наплатата на побарувањата имале правните лица во градежништвото, каде што најмногу била влошена состојбата во 2014 година во споредба со 2013. Ако во 2013 година во просек биле потребни 193 дена за наплата на побарувањата, лани за тоа им биле потребни 237 дена. Релативно подобра била состојбата во трговијата, транспортот и угостителството, на кои во просек им биле потребни „само“ 92 дена за наплата на побарувањата.

Иако министерот за финансии, Зоран Ставревски, јавно тврди дека побарувањата редовно и навреме се сервисираат и дека тој тренд ќе продолжи и во наредната година, од фирмите го тврдат спротивното. Виолета Божиновска, директор на правна служба во „Гранит“, според искуството на оваа градежна компанија, за ТВ Алсат -М изјави дека состојбата е проблематична.

„Постојат многу проблеми во наплатата на побарувањата што ги имаме од општините, јавните претпријатија и државните органи. Овој долг никогаш нема да се избрише, тој долг постојано ќе се зголемува, затоа што каматите течат и ќе порасне до значителни износи. Како тие органи ќе го надминат овој свој долг?“, прашува Божиновска.

Mazedonien Skopje Archäologisches Museum
Проблем со наплатата имаат компаниите од сите профили во Македонија.Фотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

Малите најранливи

Ако состојбата тешко ја поднесуваат поголемите компании, јасно е со какви се проблеми се соочуваат помалите. Ако се анализира трендот според големината на правните лица, податоците на НБРМ укажуваат дека најголем проблем со наплата имаат микро правните лица. Нив ги има најмногу, а токму тие се најмногу ранливи заради нивниот релативно послаб капацитет за функционирање во подолг временски период без разлизирана наплата на побарувањата.

За проблемот најчесто молчат заради претходни лоши искуства.

„Не планираме да се жалиме. Пред три години кога на една телевизија јавно проговоривме за проблемот, следниот ден неколку инспекции 'случајно' ни дојдоа во фирмата. Не можам да ви објаснам на какви се начини се обидуваа да најдат 'нешто' за да не казнат. Откако не најдоа ништо, на крајот се фатија за една толку споредна, несуштинска работа, аме ете и таква глупост била предвидена во законите. Напишаа казна, која, покрај ненаплатените побарувања, дополнително го загрози нашето тековно работење“, велат од микро прeтпријатие, на кое јавно претпријатие му должи за извршени услуги.

Освен кај малите, во 2014 година проблемот со наплата на побарувањата бил влошен и кај правните лица со средна големина, а кај големите ситуацијата останала непроменета во однос на 2013 година.

Визуелизација и на проблемот

Револтот е голем, бидејќи додека правните лица чекаат на нивните сметки да легнат парите што им ги должи државата, на јавна сцена власта се фали со проекти кои не значат ништо освен непродуктивни трошења, од типот на панорамско тркало, разубавување на фасади и други козметички потфати.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Вицепремиерот Ставрески тврди дека долговите редовно се сервисираатФотографија: MIA

Сашо Јаневски, економски аналитичар, вели дека со тоа што проблемите на правните лица не се јавно експонирани, стануваат и релативно невидливи за пошироката јавност, па отсуствува притисок врз државните органи да си ги извршат обврските.

„Последиците од молкот на фирмите заради страв од дополнителни санкции врз нив или заради губење на идни договори со државни органи, за жал, ќе станат видливи дури кога некои од нив ќе бидат принудени да стават клуч на вратата. Но, токму тој молк засега и остава простор и комодитет на власта да се посвети на пропагирање на своите 'дострели и успеси', кои најсуптилно стигнуваат до јавноста преку нивна 'визуелизација'. Новите објекти, згради, фасади, па и панорамското тркало, се нешто што сите ќе го видат како 'сведок' за таа градителска офанзива, од која се очекува да носи огромни политички поени. Но, она што не се гледа, е колку заради приматот на тие проекти, доцни исплатата на државните обврски кон фирмите и колку вработени поради тоа евентуално морале да бидат отпуштени, до фактот дали фирмите понатаму воопшто ќе можат да работат. Затоа е важно и овој проблем да се 'визуелизира', да добие гласност, да стане јавна слика за состојбите. Ќе мора да ги соопштат фактите, да ги соочат аргументите и да бараат дисциплина и од државата, како што таа бара од правните субјекти“, вели Јаневски.

Приватниот сектор бара итни законски измени со кои ќе се подобри наплатата од јавниот сектор. Како клучен проблем се посочува погрешната примена на одредбата од Законот за извршување, односно членот 211.