1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп е американски оригинал

Михаел Книге
30 ноември 2016

Најголемата закана во мандатот на Доналд Трамп е неговата непредвидливост, вели за ДВ холандскиот експерт за популизам Кас Муде. Професорот кој предава во САД исто така зборува за ефектот на Трамп на изборите во Австрија

https://p.dw.com/p/2TWXm
USA Präsidentschaftskandidat Republikaner Donald Trump
Фотографија: Getty Images/S. Olson

ДВ: Го дефинирате популизмот како идеологија која го двои општеството на две хомогени и антагонистички групи, „неизвалканите луѓе“ и „корумпираната елита“ која вели дека политиката треба да биде одраз на „општата волја“ на луѓето. Како Трампизмот, во недостаток на подобар збор, се вклопува во овој шаблон?

Кас Муде: Во поголемиот дел од кампањата всушност и не се вклопуваше затоа што додека тој ја гледаше елитата како хомогена и корумпирана структура, истовремено ги таргетираше републиканците и демократите, и всушност не говореше многу за неизвалканите луѓе. Најважно е тоа што тој сметаше дека политиката, во најголем дел треба да ја следи неговата волја. Во последните неколку месеци од неговата кампања, таа стана уште повеќе популистичка и тој се почесто се презентираше себеси како глас на тивкото мнозинство и гласот на народот.

Велите дека иако споредбите меѓу Доналд Трамп и политичарите од крилото на европската десница се корисни, за да може целосно да се разбере, Трамп треба да биде гледан како американски феномен. Зошто го мислите тоа?

Една од клучните работи кои го направија привлечен е неговото претставување, односно идејата за него како успешен бизнисмен. Во САД има долга и силна традиција, особено во Републиканската партија, во верувањето дека претседателот треба да биде своевиден генерален директор на САД кој ја води државата како бизнис. Ова е начинот на кој размислуваат повеќето Американци кој не е популарен секаде во Европа. Исто така, сметам дека начинот на кој се појави преку Републиканската партија и како телевизиска личност, е нешто кое е повеќе типично за САД, отколку за Европа. Во Европа меѓу речиси сите политичари кои се пробиваат во јавноста се претставници на политички партии, најчесто како дел од поголема субкултура. Трамп е индивидуа.

Но, Доналд Трамп го постигна тоа што на многумина десничарски политичари од Европа не им успева - да стане лидер на држава. Што очекувате од претседателството на Трамп и каква улога ќе има Републиканската партија во неговиот мандат?

Важно е да се запамети дека Доналд Трамп беше радикален десничарски лидер на нереадикална десничарска партија. Не можете да ја изедначите неговата поддршка со онаа што ја има Марин Ле Пен затоа што значаен дел од неговите гласачи, веројатно мнозинството, гласаа за Републиканската партија, повеќе отколку за Трамп. Тие гласачи можеби би сакале да гласаат за нерадикален лидер од Републиканската партија, но немале опција.

Professor Cas Mudde  (European Consortium for Political Research (ECPR))
Фотографија: European Consortium for Political Research (ECPR)

Она што го очекувам од неговиот мандат е многу, многу десничарска влада на Републиканската партија. Ако ги погледнете неговите назначувања, особено оние на кои ќе служат во неговиот кабинет, повеќето се луѓе кои доаѓаат од силно конзервативното, про-бизнис и антиабортус крило на партијата и се чини дека се предложени од групата која се нарекува „Акција Херитиџ" која е многу конзервативна група поврзана со Херитиџ фондацијата. Овој дел ќе биде целосно успешен затоа што овој дел е целосно на линија со Републиканската партија, која ги држи двата дома во Конгресот.

На врвот на тоа го имаме Трамп со некои уште повеќе езотерични советници како Банон, Флин и други. Тие ќе туркаат помалку вообичаена агенда, особено во делот на надворешната политика, каде ќе туркаат план за поинакви позиции на САД кон Русија, како и за некој вид на изолационализам, како и за поголеми социоекономски проекти преку инфраструктурни планови. Мислам дека ќе бидат доста неуспешни, затоа што ќе наидат на Конгрес кој целоно ќе биде пасивен.

Клучната поента е: Како светот реагира на еден многу неортодоксен претседател? И тоа е најголемата закана од мандатот на Трамп - неговата непредвидливост.

Тоа беше моето следно прашање со оглед дека го истражувате популизмот и екстремната десница. Што можете да ни кажете од искуството и истражувањето за тоа како светот и САД треба на најдобар начин да се справат со претседателот Трамп?

Не верувам дека можат да научат некакви лекции затоа што Трамп е навистина уникатен ако се направи споредба со други популистички лидери во етаблираните демократии. Тој нема историја и нема конкретна структура со која се врзува. Оттука, тој може да се спореди единствено со Силвио Берлускони кој исто така беше бизнисмен без реални политички врски. Но, големата разлика е тоа што Трамп е претседател на САД, а Берлускони беше премиер на Италија. 

Проблемот со Трамп е тоа што секој твит кој тој го испраќа, веднаш станува вест во светот поради неговата функција. Со оглед дека испраќа чудни пораки, реагираат финансиските пазари, а исто така реагираат и владите - и тоа е голем проблем. Прашањето е: Дали ќе научи и ќе разбере дека неговите постапки имаат последици во реалниот свет? Скептичен сум за ова, погледнете ја на пример, бурата од твитови во неделата. Покажува дека тој е непроменет.

Лекцијата која треба да се научи е дека секој треба да биде претпазлив, но исто така да не се „скока“ на се. Бидејќи од друга страна како што поминува времето дека тој исфрла некоја идеја и потоа продолжува како ништо да не се случило. Многу од работите што ги кажа во минатото се целосно безначајни денеска. Така што, наместо да се крева паника за секој твит, значајно е за САД и за поголемиот дел од остатокот на светот да се повлечат еден чекор наназад и да разберат дека сепак, ова е Трамп и треба да се почека и да се види што ќе направи. 

Во Австрија на претседателските избори наредната недела кандидатот на Зелените ќе се соочи со кандидатот на десничарската Партија на слободата. Дали очекувате да се случи ефектот на Трамп?

Не очекувам ефект на Трамп, но очекувам Хофер (кандидатот на Партијата на слободата) да победи. Европјаните не гласаат за десничарските кандидати едноставно поради тоа што Американците гласале за Трамп. Тие гласаат за кандидати на радикалната десница поради домашни причини. Ако ги погледнете анкетите, Хофер води на повеќето, иако тоа не беше случај во последната година. Така што логично е да се претпостави дека ќе победи, но не верувам дека Трамп има голема улога во тоа.

Кас Муде е професор по политички науки на Универзитетот во Џорџија чија работа се фокусира на екстремизмот и демократијата. Неговата последна книга „За екстремизмот и демократијата во Европа“ беше објавена годинава. Интервјуто го направи Михаел Книге.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи