Доналд Трамп: Застрашувачко непочитување на демократијата
4 ноември 2020Неизвесниот исход на изборите во САД покажува дека многу Американци како прифатливо го сметаат ужасното однесување на Трамп.
Изборната ноќ во САД се покажа точно онака како што предвидуваа многу експерти и аналитичари- најмалку во еден поглед: неизвесноста. А, утрото не донесе јасен победник.
Клучните сојузни држави, како Мичиген, Висконсин и Пенсилванија, сè уште се во игра и веројатно ќе им биде потребно уште некое време до објавувањето на конечните резултати.
Не е изненадувачки што и двајцата кандидати се обидоа да ја игнорираат неизвесната состојба и да покажат оптимизам пред своите поддржувачи.
Повеќе:
- Драма во САД: Трамп објави победа и побара да запре броењето на гласовите
-Кој ќе го одлучува победникот на изборите во САД?
-Следете во живо: Мртва трка во САД, Бајден во блага предност, Трамп фаворит
Претседателскиот кандидат на Демократската партија, Џо Бајден се појави пред медиумите во својата матична сојузна држава Делавер. „Знаевме дека ова долго ќе трае“, рече Бајден, додавајќи оти има добро претчувство што се однесува до моменталната ситуација и неопходните 270 електорски гласа. „Не е готово додека не се пребројат сите гласови, додека не се пребројат сите гласачки ливчиња“, нагласи тој.
Од три вида различни гласови: лично гласање на денот на изборите, лично предвремено гласање и гласање по пошта, процесот на броење може да се растегне и во наредните денови. Тоа е целосно легитимен дел од демократскиот процес.
Не изненадува тоа што претседателот Доналд Трамп, не пружајќи докази, на Твитер тоа го опиша како обид демократите да ги „украдат“ изборите. Но, тоа сепак предизвикува огорченост. Во својот говор Трамп тврди дека очигледно победил во неколку сојузни држави кои сѐ уште немаат завршено со пребројувањето.
Тој особено укажа на свое водство во Пенсилванија, не споменувајќи важни детали - кој од трите вида гласачки ливчиња таму треба уште да се пребројат. Многу од гласачките ливчиња кои сѐ уште не се пребројани се оние кои стигнаа по пошта, а за кои стручњаците претпоставуваат дека се повеќе во полза на демократите.
Па секако Трамп не би сакал тие да се пребројат. Но, тоа, исто така, значи оти демократите сѐ уште не би требало да загубат надеж, голем број гласови кои ќе се избројат веројатно ќе бидат за Бајден.
Повеќе:
-Избори во САД: Што ако нема јасен победник на изборната ноќ?
-Изборна ноќ во САД: Што треба да знаете додека Американците гласаат
-Кој ќе го избере следниот американски претседател?
Но, со тоа што Трамп прогласи победа, нарекувајќи го процесот на броење гласови „голема измама“ и најавувајќи дека конечна одлука би можел да донесе Врховниот суд, покажа дрско занемарување на начинот на кој гласовите се сметаат во демократија во оваа година на пандемија.
Многу либерални Американци се надеваа на јасна победа на Бајден, и сигурно не на ваква тесна изборна трка. На крајот, нивниот кандидат се кандидираше против претседателот кој сака на муслиманите да им забрани влез во САД, кој ги раздели децата на мигрантите од родителите на јужната американска граница, кој започна расистички напади против жените членки на американскиот Конгрес, кој мораше да одговара поради обид за трговија со воена помош на Украина во замена за помош против неговиот политички ривал, под чие водство досега во САД починаа над 250.000 луѓе од Ковид-19...
Списокот е навистина долг. Фактот дека значителен број Американци и натаму гласаа за Доналд Трамп и покрај неговите постапки во изминатите 4 години покажува што е прифатливо во САД. И тоа е поразувачки, без разлика на тоа кој ќе заврши во Белата куќа.