1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп потфрли во справувањето со корона-кризата

Александра фон Намен
30 март 2020

Никакво лидерство, никаква емпатија – Американците навистина не заслужија ваков лош кризен менаџер како Доналд Трамп. Па сепак, можно е во ноември повторно да го изберат, смета Александра фон Намен.

https://p.dw.com/p/3aBdy
USA Donald Trump und Krankenhausschiff USNS Comfort
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Semansky

Неговите, во меѓувреме, речиси секојдневни пресконференции поврзани со коронавирусот, треба да демонстрираат доверба и моќ за донесување одлуки. Но за оние кои бараат насоки и се заинтересирани за факти тие се неподносливи. При неговиот настап, претседателот често шири полувистини или лоши лаги, и напаѓа новинари кога му поставуваат прашања. Неговите пораки се контрадикторни, а неговиот лош кризен менаџмент може многу Американци да ги чини живот. Кога неговите разузнавачи уште во јануари го предупредија од коронавирусот, Доналд Трамп ја минимизираше опасноста. Кога поради недостаток на тестови вирусот почна забрзано да се шири, зборуваше дека ситуацијата е под контрола. Во меѓувреме тој сега се опишува како „воен претседател“ кој се бори против невидлив непријател. Но не е Трамп оној кој храбро и одлучно се бори со кризата и ја охрабрува нацијата, туку демократот Ендру Куомо, гувернер на сојузната држава Њујорк која во моментов е епицентар на корона-кризата во САД.

Контрадикторните пораки на Трамп

И додека бројот на заболени во Њујорк и други делови на земјата екстремно расте и се повеќе американски болници се на граница на можностите, претседателот Трамп сака наскоро повторно да ја рестартира економијата. Додека лекарите во градот Њујорк се подгтовуваат, дека поради недостаток на респиратори ќе мора да бираат кој да биде спасен, а кој ќе се остави да почине, Доналд Трамп неодамна говореше за полни цркви за Велигден.

Минатата сабота тој најави дека Белата куќа размислува да наметне целосна блокада на сојузните држави Њујорк, Конетикат и Њу Џерси. Само неколу часа подоцна ја повлече идеата. Наместо тоа здравствените власти издадоа препорака до жителите на погодените региони да се воздржат од непотребни патувања.

von Nahmen Alexandra Kommentarbild App
Александра фон Намен, авторка на коментарот

Расте поддршката за Трамп во анкетите

Гувернерот на Њујорк, Куомо извести за панични повици од жители на Њујорк, кои во меѓувреме размислуваат градот навреме да го напуштат. Ви доаѓа да извикате - „Америка, кого ли го избра во Белата куќа!"

Повеќе:

-Коронавирус: Трамп стравува од 100 илјади починати во САД

-Пандемија во Њујорк: „Ќе имаме тела по улиците доколку вака продолжи“

-Коронавирусот може да му се удри од глава на Доналд Трамп

Од друга страна во анкетите расте поддршката на Трамп. Потресената и исплашена нација, вообичаено во време на криза, се собира околу својот претседател. А тој вети дека земјата од оваа криза ќе излезе посилна од претходно, бидејќи Америка е Америка. Одлична земја која може да успее во сѐ. Страст и самодовреба – има моменти кога Трамп ја презема претседателската улога во вистинска смисла. За жал ваквите моменти траат кратко, најчесто само неколку минути, пред Трамп повторно да се претвори во некој кој се гордее со изнесените оценки на неговите прес конференции и се жали на тоа дека медиумите и критизерски настроените гувернери не го уважиле доволно.

Чек од претседателот?

На неговите приврзаници тоа им е сеедно. Тие му веруваат на „нивниот” претседател. Многу Американци во скоро време ќе добијат по 1200 долари од владата како директна помош во кризата која сега ја нагризува и американската економија. Се зборува дека Трамп сака да го види својот потпис на чековите. Подобар изборен подарок човек не може да си замисли.

Парите се дел од најобемниот пакет за спас во историјата на САД, а го усвоија минатата недела во Конгресот без разлика на партиската припадност на конгресмените. Пакетот содржи помош во висина од повеќе милијарди за работниците, но и субвенции и кредити за помали компании, болници и особено тешко погодени гранки во економијата, како на пример воздухопловната индустрија.

Противкандидатот на Трамп се бори за внимание

Демократите и републиканците мораа многу да попуштат на маса да се најде законот кој треба да помогне Америка да ја надмине кризата и економски. За американскиот претседател кој секогаш се дефинирал преку растот на економијата и берзанските рекорди, се чини дека ова е приоритет. Математиката на Трамп е дека ако економијата повторно почне да бележи пораст, а бројот на невработени да се намалува на време пред изборите на есен, неговите гласачи ќе му останат верни. Неговиот очекуван противкандидат, поранешниот потпретседател Џо Бајден од редовите на демократите, актуелно се соочува со потешкотии воопшто да биде перцепиран со оглед на ситуацијата. Тоа што во кризата до сега покажа повеќе емпатија и рацио отколку актуелниот претседател, не му е многу од корист во вонредната состојба. Во вакви времиња сите погледи се вперени кон првиот човек во Белата куќа. Ако Америка се справи со кризата, заради Трамп или и покрај него, претседателот има добри изгледи во ноември да биде реизбран.