1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донаторска конференција на ОН за Авганистан

ЖА
13 септември 2021

93 проценти од домаќинствата во Авганистан немаат доволно за јадење – ОН сакаат да помогнат организирајќи донаторска конференција, без оглед што талибанците ја презедоа власта.

https://p.dw.com/p/40G1R
Grenze Afghanistan - Pakistan | Flüchtlinge aus Afghanistan
Фотографија: Saeed Ali Achakzai/REUTERS

Целта на донаторската конференција во организација на ОН е спречување на хуманитарна катастрофа, се проценува дека се потребни 606 милиони долари за помош на населението до декември. На конференцијата во Женева денеска се очекуваат околу 40 министри за надворешни работи, меѓу кои и германскиот, Хајко Мас, како и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, а многу ќе се вклучат преку видео врска.

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

Пред заминувањето за Женева, Хајко Мас истакна дека должност на меѓународната заедница е да покаже одговорност за луѓето во Авганистан и да пружи хуманитарна помош онаму каде е потребна. Предуслов е меѓутоа соработниците на хуманитарните организации да не стравуваат при својата работа од заплашувања, самоволие или ограничувања од страна на талибанците. Притоа е јасно – освен чиста итна помош не доаѓа во предвид друг ангажман во Авганистан, потенцира Мас.

Според проценките на службите на ОН, основното снабдување со храна во Авганистан е пред колапс, но нужна е итна помош и во форма на лекови, здравствени услуги, снабдување со вода. ОН проценуваат дека 93 % од домаќинствата во Авганистан немаат доволно за јадење.

Уште пред талибанците да ја преземат власта на 15 август, земјата страдаше од суша, истакнува Мери-Елен Мекгроарти, национален директор на Програмата за храна на ОН за Авганистан во разговор за Дојче веле: „Уште тогаш близу 14 милиони луѓе страдаа од глад“, вели таа, а ситуацијата во меѓувреме е дополнително влошена.

Пред претстојната зима мора во земјата да биде испратена храна, зашто многу патишта, многу населби во време на острата зима се отсечени од надворешниот свет, во тек е трка со времето, подвлекува Мекгроарти.

Комесарот на ОН за бегалска политика Филипо Гранди вчера предупреди дека „повторно рагорување на борбите, повредувањето на човековите права или колапсот на економијата и основното социјално згрижување" многумина Авганистанци може да ги натера на бегство во странство. Соседните држави Пакистан и Иран веќе имаат примено милиони бегалци, а во бегство во самата земја моментно се 3,5 милиони Авганистанци.