Дрезден ја слави 800-годишнината од постоењето
1 април 2006Најстариот доказ за постоењето на градот произлегува од еден документ во врска со некаков спор меѓу некој гроф и бискуп од 1206-та година. Местото во кое спорот бил решаван со посредување е заведено како Дрезден, а датумот 31-ви март. Дрезден ќе слави цела година со низа манифестации, но централната прослава се одржа вчера во Семпер-операта.
Славјето за малку ќе го попречеше Елба, чии надојдени води му се закануваат на градот. Состојбата е тешка, но се’ уште не и катастрофална. Водостојот на реката изутринава достигна 7 метри и 60 сантиметри, иако нормално изнесува два метра. Водата веќе се прелеа преку насипот кај една населба, поплавени се повеќе улици крај брегот, многу визби се полни со вода. Во посебно загрозените делови на градот вчера и денеска неколку илјади лица мораа да ги напуштат домовите и се пренесени на побезбедни места.
Но, не се очекува да се повтори ситуацијата со поплавата од пред 4 години, кога под вода се најде и историското јадро на Дрезден. „Ние разбирливо многу точно следиме што ни носи пролетниот висок водостој. Состојбата е напната, но ни оддалеку не и катастрофална. Водостојот би требало да се покачи за уште два метра, како во 2002-ра, тогаш би било критично“ – процени вчера градоначалникот Инголф Розберг.
Значи, свечената прослава не беше загрозена. Розберг во говорот фрли поглед врз изминатите осум векови во историјата на постоењето на Дрезден, на процутот во времето на барокот, на разорувањето во бомбардирањата од страна на сојузниците во Втората светска војна, како и на обновата. Но, за градоначалникот се важни шансите што тој ги гледа за иднината на градот: „Во ниеден друг источногермански град не може толку јасно да се види дека многу критикуваната обнова на истокот сепак има успех. Доаѓањето на големи претпријатија како Инфинеон, Едвансд микро дивајсис или Фолксваген – тоа се само примери – му подари на Дрезден нов пораст“.
Вчерашната свеченост беше увод, прославата ќе трае цела година, предвидени се преку 400 манифестации. Организаторите се надеваат дека ќе им дојдат многу гости во нивната јубилејна година.
„Повратните информации се многу позитивни. Гостите, на пример од Јапонија или САД, ако планираат тура низ Германија, се решаваат во Дрезден да дојдат на некоја конкретна манифестација во рамките на јубилејната година“ – вели Ивон Кубица, шеф на Дрезденската реклама за туризмот.
Јубилејот, значи, ќе му донесе дополнителен поттик на туризмот, иако Дрезден веќе сега е еден од најголемите магнети за туристите во Германија. Градот, во кој секоја година доаѓаат милиони посетители, се смета за еден од најубавите во Европа. Семперопер и Фрауенкирхе се познати во целиот свет, пред се’ црквата, која е симбол како за разорувањето од бомбардирањето, исто така и за обновата на Дрезден.
„’Сево ова се случи во Дрезден‘ – таа реченица од документот од 1206-та беше повод за денешниот собир. Но, уште повеќе, со целосна надеж и целосна радост можеме да гледаме во она што во Дрезден допрва ќе се случува“ – оптимистички навести градоначалникот Росберг.