1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Другата пандемија: губење на мирисот како последица од Ковид

Чарли Шилд
13 март 2021

Глобалното ширење на САРС–Ков–2 предизвика уште една потпандемија– губење на мирисот или вкусот. Експертите стравуваат дека ова може да има последици по менталното здравје и исхраната. Но, сепак има надеж.

https://p.dw.com/p/3phOa
Russland Rostov-on-Don | Coronavirus | Frau mit Maske
Фотографија: Valery Matytsin/TASS/picture alliance

На Рики Томсон, тукушто почна да му се враќаат мирисот и вкусот три месеци откако имаше сомнеж дека е заразен од коронавирусот во април 2020, кога тој во август излезе позитивен на корона-тестот и повторно ги изгуби овие сетила.

„Само што почнаа да ми се враќаат и повторно се изгубија,“ вели тој за ДВ. За Томсон, 28 годишен електроинженер од Австралија кој живее во Лондон, шест месеци со ослабено чувство на мирис и вкус се потсетник за тоа колку силно нашите сетила не поврзуваат со реалноста и всушност колку го земаме мирисот како нешто здраво за готово. Истовремено ваквата состојба може да предизвика и нелагодност.

„Кога повторно се отворија теретаните и почнав да вежбам, бев само свесен дека смрдам ама не знаев дали и колку – едноставно не можев да се помирисам,“ вели тој.

Губењето на чувството за мирис, кое се вика анозмиа, беше релативно непозната состојба. Но, сега стана еден од клучните симптоми на Ковид-19. Точниот процент на луѓе кои го изгубиле мирисот како последица на коронавирусот, варира според различни студии, но сепак сите имаат заеднички заклучок – ова е една од најчестите последици на болеста.

Symbolbild: Jemanden riechen können / Fehlender Geruchssinn bei Frau und Mann
Фотографија: picture-alliance/M. De Souza

Кај некои тоа е единствениот симптом, а кај многумина тој трае многу подолго отколку другите симптоми како што е температура или стегање во градите. Често покрај мирис, заразените со ковид го губат и вкусот – состојба која се вика агеузија. Кај некои може да дојде и до хемистезија – губење на чувствителноста на јазикот.

Кои се последиците?

За мирисот се вели дека е она чувство без кое може да се функционира. Но истражувачите нагласуваат дека мирисот е многу позначаен за нашиот живот отколку што сме свесни.

Повеќе:

-Пост- Ковид симптоми: Болеста напаѓа и шест месеци по прележаниот коронавирус

-Најсигурните симптоми дека сте заразени од коронавирус

-Коронавирус: Седум групи симптоми на Ковид-19

Потенцијалната опасноста демне од многу страни – ако не можете да помирисате гас кој истекува, чад од оган или расипана храна. Во крајна линија може да ја намали и желбата за јадење. Губењето на чувството за мирис може да биде „крајно трауматично за луѓето“ вели Рејчел Херц, психолог и невролог од Браун Универзитетот во САД.

„За жал многу луѓе не го сфаќаат ова,“ вели таа за ДВ. Мирисот е интензивно поврзан со нашите емоции, и е сложено поврзан со нашиот социјален живот, интимните искуства, нашата меморија и чувството за сам себе, објаснува Херц. Мирисите поинаку се процесираат во мозокот за разлика од останатите четири сетила. Ова е единственото сетило кое го забиколува таламусот – сензорниот центар во мозокот – и оди директно во примарниот кортекс каде ги обработуваме и чуваме нашите спомени.

Брзи тестови за коронавирус - во ноќен клуб

„Овој невробиолошки пат е одговорот зошто мирисот толку поттикнува силни сеќавања и реакции,“ вели Џули Волш – Месинџер, психолог на Универзитетот Дејтон во САД и додава дека „чувството за мирис исто така го придвижува и нашето социјално однесување.“

Истражувањата покажуваат дека мирисот е суптилен начин преку кој можете да детектирате страв кај другите. Друга студија пак покажува дека жените носат одлука за атрактивноста на мажите врз основа на нивниот мирис – иста слика на маж поврзана со различен мирис покажала различен рејтинг кај испитаничките. Губењето на мирис е поврзано и со повисок степен на депресија и анксиозност. Истражувањата објавени по јули 2020 година покажуваат дека луѓето на кои им се вратил мирисот откако го изгубиле како последица на Ковид-19, имаат подобрување на нивната ментална состојба и социјална интеракција.

Како Ковид-19 предизвикува губење на мирисот?

Научните се уште немаат целосен одговор на тоа што прави коронавирусот кога навлегува во носот и зошто се губи мирисот. Претпоставката е дека во носот има многу клетки со рецептори АЦЕ-2 на кои се закачува коронавирусот при што предизвикува воспаление на назалните клетки што кај некои резултира „затворање“ на рецепторите за мирис, објаснува Херц.

„Поради тоа многу ме нервира коа гледам дека луѓето не го покриваат носот со маските, бидејќи тоа е примарниот пат за влез на вирусот во нашето тело,“ нагласува неврологот.

Што со вкусот?

Се уште не е јасен ниту механизмот со кој коронавирусот влијае и врз губење на вкусот и сензорите на јазикот, вели Маша Нив, вонреден професор на Еврејскиот Универзитет на Ерусалим во Израел и шеф на универзитетската лабораторија која истражува мирис и вкус.

„Вкусот е нарушен кај многу Ковид-19 пациенти (над 70%) и тоа најмногу имаат проблем со препознавање на слатко, солено, горчливо и кисело,“ вели Нив за ДВ. Голема меѓународна студија спроведена во јуни 2020 година во која учествуваше и Нив покажа дека кај 50% од оние кои изгубиле мирис и вкус како последица на коронавирусот имале и губење на сензорите на јазикот (хемистезија). Иако вкусот и хемистезијата се различни сетила кои се потпираат на рецепторите за вкус, во комбинација со мирисот сите три играат улога во она што ние го доживуваме како „вкус“ на храна и пијалоци. 

„Хемистезијата не се случува без да ви биде нарушен мирисот или вкусот“, појаснува Нив.

За Рики ова беше најчудниот дел од искуството со губење на сетилата.

„Кога ми се враќаше вкусот за некои работи одеднаш добивав нагон на повраќање,“ раскажува тој. „Сега (по Ковид) можам да јадам маслинки и пиперки бидејќи ги доживувам со намален интензитет, а претходно не можев да ги ставам во уста,“ вели Рики.

Што можат луѓето да направат за да им се врати мирисот?

Кога за првпат се утврди дека губењето на мирис е симптом на Ковид-19, научниците стравуваа дека вирусот ги напаѓа невроните за мирис во носот кои испраќаат сигнали директно во мозокот и поради тоа директно навлегуваат во него.

Но оваа теорија е демантирана по пост-мортем анализите на пациенти кои починале од Ковид-19 при што е утврдено дека вирусот речиси и не стасува до мозокот.

Кај многумина постои можност за повторно оспособување на носот да мириса, вели Херц. Истражувачите препорачуваат да соберете низа производи со силни мириси – на пример, лимон, цимет, нане – и секое посебно да го мирисате по 10 секунди, по неколку пати на ден, неколку месеци. Потоа тоа да го правите со други ароматизирани производи. На овој начин според Херц мозокот се тренира повторно да го препознава мирисот што предизвикува повторна стимулација и реактивирање на рецепторите за мирис.

„Добрата вест е дека немате невролошка штета на овие неврони и сензори како последица од Ковид 19,“ вели Херц и додава:„Всушност кај овие случаи има надеж за опоравување.“

Што се однесува до Рики, мирисот и вкусот сега му се речиси вратени на нормала и без „тренинг за мирис“. Кога теретаните во Лондон повторно ќе се отворат тој конечно ќе може да оди да вежба без да стравува дека ќе мириса лошо наоколу без да знае.