1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Духот на инфлацијата кружи низ целиот свет

Томас Колман
26 јуни 2021

Не е за изненадување што при нaглото закрепнување на економијата по пандемијата, растат и цените. Но, дали и инфлацијата тропа на врата?

https://p.dw.com/p/3vIrn
Symbolbild Steuerflucht Schwarzgeld
Фотографија: picture alliance / John Greve

Економистите без поголема грижа ги следат моменталните зголемувања на цените при обидот за  закрепнување на светската економија, која се обидува да се врати на ниво како пред пандемијата. Новите околности предизвикаа поголема побарувачка - а со тоа и повисока цена на енергијата, суровините и целиот синџир на снабдување сè уште не работи како што треба. Што се однесува до тоа, сигурно е дека во догледно време понудата ќе се зголеми, а цените повторно ќе паднат. Но, кога ќе се додадат и негативните каматни стапки на централните банки за да се пласираат пари, тогаш предвидувањата се посложени.

Федералните резерви на САД, тамошната централна банка - најави дека следната година ќе ја зголеми есконтната стапка во два чекори, што предизвика паника кај берзанските шпекуланти коишто се научија на наплив на државни пари, но без да падне нивната вредност. Томас Мајер од економскиот институт „Флосбах фон Шторх“ во Келн веќе долго време е незадоволен поради ниската каматна стапка на Европската централна банка. Тој не смета дека паниката меѓу берзанските шпекуланти е оправдана, но овој пат предупредува дека „старите механизми“ со кои централните банки можат да ја намалат инфлацијата - повеќе не работат, затоа што се испукани, пишува Мајер во коментар за „Велт“.

-повеќе на темата: Турција станува опасност за европските банки?

„Европската централна банка не може да воведе повисоки референтни каматни стапки без да ја загрози стабилноста на високо задолжените земји како што е Италија“, предупредува Габриел Фелбермајер од Институтот за светска економија во Кил.

И кога сè ќе се собере, тоа значи дека ќе мора да се навикнеме на повисока стапка на инфлација. Институтот проценува дека оваа година таа ќе биде 2,6 проценти, што е највисока од 2008 година, но тоа не е крај: „Ќе мораме да се навикнеме на цените дури и кога ќе поминат ефектите од пандемијата“.

Најголемото испумпување пари во историјата

Фридрих Хајнеман од Центарот за европски економски истражувања во Манхајм исто така е загрижен, од повеќе причини. Првиот е психолошки: особено во САД, многумина веќе веруваат дека инфлацијата доаѓа - и кога луѓето веруваат, тогаш инфлацијата доаѓа. А тогаш, кога стапката на инфлација во САД достигна дури пет проценти, тоа се закана за влез во еден магичен круг. 

„Тие пет проценти инфлација во САД беа вистински шок. Знаеме дека цените и платите во САД се многу пофлексибилни отколку во Европа, така што стапката на поскапувања многу посилно реагираше на опоравувањето на конјуктурата. Но, таквиот висок процент сепак беше изненадување“, вели Хајнеман. 

-повеќе на темата: Економски хроничар: „Ова е само почеток на кризата"

Втората причина е уште посериозна: овој март САД одлучија да го започнат најголемиот пакет за економско закрепнување во историјата на таа земја во износ од 1,9 милијарди долари - тоа е осум проценти од БДП на земјата. Толкав куп пари неизбежно ќе влијае на нивнатаа вредност. 

„Владата на Бајден создава долгови со брзина каква што не e видена во мирнодопски услови, а Федералните резерви сè уште нудат нула каматни стапки за да може воопшто да се финансираат историски високи дефицити“, наведува Хајнеман. 

Ова може во одредена мера да се види и во Европа, но „европските министри за финансии се уште се мали бебиња во однос на новите долгови, во споредба со американската министерка за финансии Јелен. Таа мешавина на позајмици, купување хартии од вредност од централната банка и нула проценти од референтната стапка е веќе толку екстремна во САД, што доведува до непријатно изненадување од инфлацијата“.

Опасна инфлација

Во секој случај, притисокот врз централните банки веќе расте за да се смири опасната инфлација, особено кога станува збор за купување хартии од вредност. Но, пазарот на пари веќе стана вистински наркоман во зависноста од ефтините пари на централните банки. Намалувањето на таа доза може да предизвика шок на пазарот на пари. 

„Тоа е голем проблем“, признава Ханеман. „Во Европа, САД и Јапонија, со децении се смета дека централните банки се гарант за стабилноста на банките, берзите и државите. Досега се се одвиваше добро, бидејќи со децении немавме вистински удар на инфлацијата. Можеби сега ова е тест дали централните банки сè уште се слободни и независни за да се борат за стабилноста на цените. Имам дилема и кога станува збор за Европската централна банка и Федералните резерви, иако од различни причини “, вели економистот од Манхајм. 

-повеќе на темата: Како штедењето сѐ повеќе им носи загуби на Германците

Бидејќи САД не можат да си дозволат ненадеен и траен пад на вредноста на берзите, затоа што тоа ќе ги загрози не само приватните средства, туку и тамошните пензиски фондови. И, Европа не може да си дозволи високи камати без да ги загрози земјите кои се гушат во долгови, како што е Италија, кои „целосно висат на боца со кислород од негативните каматни стапки на Европската централна банка“, рече Хајнеман. 

Таа зависност се зголеми уште повеќе за време на пандемијата, така што централните банки навистина можат да влезат во ситуација на инфлација - и да немаат инструменти за нејзино сузбивање. Сепак, постојат шанси - но исто така треба и ум и решителност. И треба да се започне веднаш, како во Европа, така и во САД. 

Решението се чини логично и едноставно: токму овие пакети за конјуктурна помош треба да го заменат вештачкото одржување на ниските каматни стапки во задолжените земји. Сега е вистинското време: Европската комисија штотуку започна да ги испраќа првите милијарди од пакетот од 750 милијарди евра помош за закрепнување од пандемијата до земјите-членки. „Нема да има подобро време за Европската централна банка да ја укине дрогата наречена нула отсто камата“, заклучува Хајнеман. 

Галопирачка инфлација во Венецуела