1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврејството припаѓа кон Германија 

20 февруари 2021

Евреите ги населувале областите долж течението на Рајна уште од време на Римската империја. 1700 години еврејство во Германија - јубилеј кој поттикнува на вртење наназад, но и поглед кон иднината, коментира Кристоф Штрак

https://p.dw.com/p/3pbEK
BdT | Sonderbriefmarke "1700 Jahre jüdisches Leben in Deutschland“
Фотографија: Marcel Kusch/dpa/picture alliance

Ова е дури незамисливо долго време – годинава во Германија се одбележуваат 1700 години откако Евреите се населиле во Рајнската област и северно од Алпите. Најстарото писмено сведоштво за тоа е указот на царот Констатин кој датира од 11 декември 321 година и се наоѓа во библиотеката во Ватикан. Во писанието упатено до советот на градот Келн владетелот одредил дека е дозволено „Евреи да бидат именувани во советот“. Очигледно во Келн имало спор околу тоа. 

1700 години се долг мост меѓу антиката и сегашноста. Колку одамна е овој указ на царот, покажува и уште еден датум од големо значење за Европа: исто така во 321 година, на почетокот на март, царот Константин се занимавал со прославата на воскресението на денот по Сабат, „Денот на сонцето“ и така одредил недела да биде неработен ден. Константин кој се борел во тогашниот свет и победувал, и наводно е крстен додека лежел на смртна постела во 337 година, ја користел религијата како политика на владеење и средство за утврдување на идентитетот. 

„Не беше баш многу добро битисување“

Евреите припаѓаат овде – тоа е симболичното значење на 11 декември 321 година. Не се приклучиле некогаш подоцна, туку од секогаш биле тука. 1700 години со подеми и многу падови, и ужаси. „Не беше баш многу добро битисување“, вели Андреј Ковач, раководител на Здружението „321-2021:1700 години еврејство во Германија“. 

Deutsche Welle Strack Christoph Portrait
Кристоф Штрак, автор на коментаротФотографија: DW/B. Geilert

Ограничувања, прогон, ритуални убиства, крстоносни војни, антијудеизам и антисемитизам, расна омраза – секој град во Германија со богата еврејска традиција исто така чува страшни спомени, многу пред појавата на националсоцијализмот. Да, постои богата култура и големи достигнувања во науката – имињата на бројни Нобеловци од еврејска вера од Германија се доказ за тоа. Ова мора да бидат колективни, не само спомени на еврејската заедница

Дотолку поважно е во оваа јубилејна година да се погледне наназад, но и да се гледа кон иднината. Во 2021 година еврејскиот живот во Германија е разновиден како никогаш досега по холокаустот. Денес и либерални, и конзервативни и ортодоксни рабини повторно студираат во Германија. Има старомодни етаблирани заедници кои го нагласуваат секуларниот живот, но и млади, напредни со висок степен на самодоверба. Силни. И по имиграцијата од поранешниот Советски Сојуз по 1990, во многу заедници неверојатно посветено се работи на интеграцијата. Фестивалската година сака да укаже на овој разновиден јудаизам. 

Малцинствата да не се исклучуваат 

Указот на Константин од 321 година во крајна линија се однесува на политичко вклучување на Евреите во општинските структури. Ова важи и до денес: Еврејки и Евреи се исклучок во германската политика. Има по некој покраински министер, градоначалник или пратеник во покраински парламент, како и по некој носител на одредена функција. Но, речиси 200.000 Евреи кои денес живеат во Германија се сепак малцинство. Всушност царот ги предупредил градските власти во Келн да не ги исклучуваат од политичкиот живот. Тоа важи и за тогашната политика, но и за денес. Во тоа време се однесувала само на Евреите, денес важи за сите малцинства во политичкиот систем – во Германија и на меѓународната сцена. 

Оваа 1700та годишнина е причина за славје. Секако пред се треба да слават Евреите во Германија и оние кои живеат северно од Алпите. Но, треба да слави и цело општество, цела Германија - да слави и да го чествува минатото, но да слави и да гледа кон иднината. Бидете благодарни за постигнатото, но никогаш да не го заборавите она што се случило. Минатото е завршено, но никогаш не смее да се заборави. Само така може да се живее во заедничка иднина.