1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа е наша придобивка

Грета Хаман/ Жана Ацеска25 мај 2014

Што значи за граѓаните во Германија Европа, како ја дефинираат, кои се предностите и маните за луѓето што живеат во заедницата? За многумина, Европа е голема придобивка, а некои не се согласуваат со европската политика.

https://p.dw.com/p/1C6do
Фотографија: DW/G. Hamann

Што значи за граѓаните во Германија Европа, ги прашавме оние кои денеска (25.05) излегуваа по гласањето од гласачките места.

„Слобода, заедништво, пријателство, мир, разноликост“, ова се поимите кои најчесто ги добивме како одговор на прашањето, како би ја дефинирале Европа со еден збор.

„Европа е безграничност“

„Европа значи слобода на патување без граници“, вели Роланд Депнер, кој станал рано утрото за да го искористи своето право како Европеец.

Europawahl Köln 25.05.2014
Роланд Депнер од Келн радо живее во ЕвропаФотографија: DW/G. Hamann

„Кога на човек му се дава право да гласа, тоа треба и да го направи“.

30-годишниот Депнер е олицетворение на модерниот Европеец. Роден е во Романија, со семејството стигнал во Германија кога имал пет години. Заедно со својата пријателка денес тој води мало кафуле во еден келнски кварт, каде старите куќи се редат една до друга, а луѓето радо свратуваат на чај или кафе. Овде, во сенката на дрвјата, животот е убав.

„Јас радо и многу патувам, тоа што во Европа веќе нема гранични контроли, ми причинува особено задоволство“, вели Депнер. Како би ја опишал Европа со еден збор?

„Безгранична разноликост“, гласи одговорот.

„Европа се грижи само за Европејците“

„Оградување“, тоа е она што во врска со Европа прво му паѓа на ум на младиот професор, кој не сака да си го каже името.

„Се разбира, идејата за Европа е супер, јас многу сум читал на таа тема. Но, Европа им користи само на Европејците. Ние профитираме од Европа. Но, начинот на кој европската политика се однесува кон остатокот од светот, според мене не е правилен“.

Член на избирачки одбор веќе 20 години

Граѓаните одат, гласаат и си заминуваат. А членовите на избирачките одбори мораат над десет часа да останат седејќи на често неудобни или мали столчиња, од 8 до 18 часот. А потоа следува пребројувањето на гласачките ливчиња. Без оглед на тоа, Јасетин Делен повторно е тука. Тој веќе 20 години волонтерски помага при изборите.

Europawahl Köln 25.05.2014
Јасетин Делен веќе 20 години како волонтер учествува на изборитеФотографија: DW/G. Hamann

„Само еднаш или двапати не учествував“, истакнува тој.

Јасетин Делен има мала продавница во близина на гласачкото место каде што помагаше. Тој ги знае речиси сите кои стигнуваа на гласање.

„Едноставно ми прави задоволство. Човек комуницира со другите, се дружи. Јас не го правам тоа за пари, дури и губам пари, кога сум ангажиран во избирачки одбор“.

Секој волонтер-член на избирачки одбор во Германија добива паричен надомест од 40 евра дневно. Делен за денот на изборите мора да ангажира некого да го заменува во продавницата, која е отворена и во недела.

Дали се чуствува како Европеец?

„И така и така“, вели 57-годишниот, кој во Германија стигнал како млад студент. Тој одраснал во Турција, денес покрај турскиот, има и германски пасош. Дали е посебно што тој како турски Германец учествува на европските избори?

„Според мене, добро е што моите ќерки ќе добие добро образование, тоа е придобивката што сме во Европа“, вели тој.