1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа на Трамповиот терен за голф

Јагода Мариниќ
3 јуни 2017

Не е голема уметност да се чувствуваш морално возвишен во однос на Трамп, кој само што донесе одлука да придонесе за уништување на планетата. Европа мора да биде начисто со тоа какви вредности сака, смета Јагода Мариниќ.

https://p.dw.com/p/2e5Nb
Trump, Paris Abkommen, Climate Change, Karikatur, Elkin, Sergey Elkin

Трамп неделава застана пред новинарите од цел свет и најави дека ќе даде свој придонес за натамошно уништување на светот. Договорот за климата, како што вели тој, е лош „дил“ за САД. Режисерот Мајкл Мур на Твитер напиша дека „Трамп само што изврши злосторство против човештвото“. Да се потсетиме на предизборната кампања и дуелот на Клинтон и Трамп. Тогаш, словенечкиот филозоф Славој Жижек предизвика голема огорченост, затоа што препорача да се гласа за Трамп. Но, тоа не го замисли навистина како комплимент, туку во Жижековата препорака се криеше старата надеж дека демократските граѓани, со претстедател каков што е Трамп, конечно ќе се разбудат. Додека Хилари Клинтон навикнала политичката нечистотија да ја пере со вообичаен сапун, со Трамп би бил разоткриен корумпираниот систем на актуелниот економски поредок. Жижек во принцип мислеше: со некој како што е Трамп, на вратата би чукнала револуција.

Трамп, сепак, е полош од корумпираниот систем кого го отелотворува. На конференцијата за новинари - вообичаена слика: Трамп застанува пред микрофоните, со најголем восхит кон себе и своето претседателствување, и најавува повлекување во полза на САД. Во Трамповиот универзум можно е и климата да се подели на одделни држави.

Дали луѓето за кои тој се грижи на овој начин ќе бидат заштитени од климатските промени со стаклено ѕвоно поставено над САД? Како тој национализам ќе функционира во биосферата? Дали луѓето - во согласност со размислувањата на Жижек - сега ќе излезат на улиците? Ќе има ли втор Марш во Вашингтон? Трамп би сакал да преговара наново. Неговата претседателска работа се состои од преговарање, преговарање и преговарање. Тоа во минатото му донесе златни кули, а сега го води во изолација. На нејзе е веројатно навикнат од порано, иако не е сосема сам: САД ја делат судбината со Никарагва и Сирија.

Таквиот стил на водење политика веќе е најавен на самитот на Г7. Трамп сака да игра голф со светот, но на неговата трева има мраз. Никој веќе не знае како да го удри топчето и да го смести во дупката. Во тие услови умее да се сплетка и самиот Трамп. Светот се ниша затоа што не знае како да се позиционира кон таа нова светска сила.

По самитот на Г7, Меркел го нападна изолационизмот на Трамп. Рече дека Европа нема да биде послаб партнер. По самитот стана јасно и како дел од англосаксонскиот печат дојде на идеја да ја прогласи Меркел за лидер на слободниот свет. Меркел го критикува Трамп онака како што тоа го правеше и Мишел Обама - не го споменува по име. Но, набрзо потоа се состана со шефовите на држави на Индија и Кина. Тука недостига уште Русија. Благодарение на Трамп сега ЕУ ќе оди заедно со Кина да се бори против загревањето на Земјата и за слободна трговија во светот. А, во меѓувреме, Трамп овде-онде тестира ракети - не се знае уште колку долго твитовите ќе бидат интересни за насловните страници ширум светот.

Светскиот поредок стана несигурен, светот нѐ прави несигурни. Европа мора да порасне и во време кога минува низ својата најдлабока криза, зашто додека во странство се формираат резервни алијанси, кризата во Унијата не е решена. Економски ослабнатиот европски Југ се отпишува сѐ почесто. И луѓето кои бараат помош пред нашите граници поставуваат прашање за тоа каде Европа се лоцира себеси во хуманитарна смисла. Тоа прашање ЕУ не го одговори. Не е голема уметност да се чувствуваш надмоќен во однос на Трамп. Спротивставувањето на тој слаб претседател изгледа полесно отколку што се мислеше. Недоверливоста на Трамп од Европа направи атрактивен партнер за другите светски региони. Забелешката стара повеќе децении - дека ЕУ не презема одговорност на светската политичка сцена - наскоро би можела да загуби секаква основа.

Jagoda Marinic Autorin
Јагода МариниќФотографија: D. Piroelle

Но, ЕУ не смее да заборави едно: таа може да им биде силен партнер на другите, само ако е силна и одвнатре. Противречностите во Европа не се решени ни оддалеку, исто како и улогата на Германија во таа Европа. Ако Меркел стане предводник на либералниот свет, што ќе прави остатокот? Дали ќе ја следи? Дали тоа би била Европа? Меркел и дома има некои нерешени проблеми: додека Трамп се повлекува од договорот за климата, германските производители на автомобили, како Фолксваген, во САД се обвинети поради скандалот со издувни гасови. Германија, плаќајќи пенали, редовно го разубавува својот биланс за загадување со јаглерод диоксид. Заштитата на животната средина во Германија е вербална доблест која често се нагласува, но која овде не сакаат секогаш да ја платат.

Меркел во оваа изборна година повторно се откри себеси. Изгледа дека меѓународната бина ѝ лежи. Но, дома - а дома е и Европа - таа во својата земја и Европа со штедење упропастува цели слоеви од населението. Висината на пензијата на многу Германци е срамна ако се има предвид животниот стандард во оваа земја, а се зголемува и јазот меѓу сиромашните и богатите, меѓу Северот и Југот.

Оваа недела Берни Сандерс беше гостин во Берлин и беше она што Мартин Шулц, според многумина, не може да биде - некој чие срце чука уверливо на левата страна. Лево - тоа е таму каде што се наоѓаат оние луѓе за кои Жижек мисли дека сега поради Трамп би требало да се покренат од сопствената инертност. „Не смееме веќе да ја прифаќаме алчноста на милијардерите“, рече Сандерс во Берлин. Во моментов, меѓутоа, прифаќаме дури и милијардерите да посегнуваат по политчка моќ - и да ја добиваат. Ако ЕУ сака да ја пополни дупката што ја остави Трамп, тогаш ние Европејците конечно мораме да бидеме начисто со прашањето каква Европа оваа ЕУ сака да настапува нанадвор и за кои вредности оваа заедница навистина зборува.

Јагода Мариниќ е германско-хрватска писателка и новинарка. Таа е родена во местото Вајблинген како ќерка на хрватски доселеник во Германија. Во моментов живее во Хајделберг. Неодамна беше објавен нејзиниот последен роман „Made in Germany - Што е германско во Германија?". Во него се соочува со идентитетот на Германија како земја на доселеници.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема