1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа преплавена со оружје од Балканот

Линдита Арапи/З.Јордановски5 декември 2015

Голем дел од илегалното оужје на европскиот црн пазар доаѓа од Балкан, а стигнува и до терористите. Го користеа и напаѓачите во Париз. Илегалната трговија со оружје од Балкан е фактор на ризик за безбедноста во Европа.

https://p.dw.com/p/1HHpm
Фотографија: picture-alliance/dpa/S.Backhaus

Атентаторите од Париз, според извештаите во медиумите, користеле и две автоматски пушки тип Застава М70 произведени во некогашна Југославија. И за оружјето користено при нападот на стариричното списание „Шарли Ебдо“ во јануари годинава трагата исто така водеше кон Балканот. При разбивањето на терористичка ќелија во Италија и Косово пред неколку дена, во едно село во Косово беше пронајдено големо количество илегално оружје.

По војните во некогашна Југославија во 90-те години на минатиот век и по отворањето на депоата со оружје и муниција на албанската војска во 1997. година цути „црниот“ пазар на оружје не само на Балканот - арсеналот на оружје на добро вооружениот албански комунистички режим одамна стигна во Европа. Цените варираат: на Балканот еден Калашников чини 300 - 500, во европските земји достигнува и до 2000 евра.

Frankreich Paris Terroranschläge Trauer
И во нападите во Париз користено е оружје од БалканФотографија: Getty Images/AFP/M. Medina

Според една најнова студија на „Флемиш пис инститјут“ од Брисел, најголем дел од илегалното оружје во Европа се шверцува од Балканот. Нилс Дике, еден од експертите што ја изработија студијата, за ДВ вели дека оружјето доаѓа од различни земји - Србија, Хрватска, Босна, Албанија: „Може да се каже дека многу од тие земји имаат проблем со илегалното оружје, кое остана во приватни раце по војните на Балканот. Според нашите истражувања, можеме да кажеме дека во сите балкански земји има повеќе илегално, отколку легално оружје“.

Тоа е безбедносен проблем за цела Европа. Сознанијата дека шверцерите на оружје честопати ги користат рутите на трговијата со дрога и луѓе, не се нови. Иван Звержановски, експерт од СЕЕСАЦ, организација на ОН за контрола на лесното оружје и на неговата злоупотреба во Југоисточна и Источна Европа со седиште во Белград, е загрижен поради можната поврзаност на таа трговија со оружје со терористичките групи. Тој стравува дека Балканот станува евтин извор на оружје за различни терористички ќелии во Европа: „Ние не знаеме како париските терористи дошле до оружјето. Но, на Балканот уште е во оптек многу илегално оружје и знаеме дека има врски меѓу препродавачите, организираниот криминал и терористите“.

И косовскиот безбедносен експерт Бурим Рамадани од Институтот за европски студии во Приштина оценува дека е многу висок потенцијалот на ризик: „Државите за Западен Балкан се кревки и тоа на терористичките групи им го олеснува обезбедувањето различни количества оружје“.

Фатос Клоси, поранешен директор на албанската разузнавачка служба ШИК, споменува еден друг аспект на трговијата со оружје: „Терористите плаќаат многу добро и затоа секогаш наоѓаат оружје на црниот пазар. Знаеме дека на Балканот има црн пазар за злосторниците и теророт“.

Symbolbild IS Soldaten
Терористите релативно лесно стигнуваат до оружје од БалканФотографија: picture alliance/ZUMA Press/Medyan Dairieh

Вознемирувачки се бројките за легалното оружје што е во оптек на Балканот: во Србија министерство за внатрешни работи проценува дека таму се наоѓаат помеѓу 200 000 и 900 000 парчиња илегално ситно оружје. ОН лани проценија дека во Косово има околу 450 000 парчиња илегално лесно оружје. СЕЕСАЦ смета дека во Босна и Херцеговина би можеле уште да се наоѓаат околу 750 000 илегални оружја. За Албанија може само да се шпекулира, вели Фатос Клоси: „Знаеме дека многу оружје стигна во рацете на криминални групи, но го има и кај сосем обични луѓе. Тие, првенствено во руралните подрачја, го задржаа оружјето по отворањето на армиското депо во 1997. Тоа се луѓе на кои оружјето им дава чувство на безбедност“.

Слично е во целиот Балкан. По војните луѓето едноставно си го задржаа оружјето, смета Нилс Дике: „Откривме дека луѓето сега почнуваат да го продаваат тоа оружје на лица, кои потоа во мали количества го шверцуваат во ЕУ. А кога веќе ќе стигне тука, тогаш оружјето циркулира од една криминална група до друга“.

СЕЕСАЦ укажува дека во годините по балканските војни беа спроведени неколку кампањи за собирање на оружјето, при што беше направен обид да се наведат луѓето доброволно да го предадат оружјето. Но, изостана очекуваниот успех. Така, годинава во Србија беа предадени само 7500 парчиња оружје.