1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците купуваат недвижности во Албанија

Линдита Арапи/З.Ј.14 јули 2016

Авантуризам или мудра инвестиција? Многумина странци купуваат годишноодморски апартмани во Албанија – не само поради ниските цени. Линдита Арапи разговараше со некои од нив.

https://p.dw.com/p/1JNe5
Фотографија: Albanian Property Group

Албанија долго време беше бела дамка во Европа. На странците кои одеа таму на одмор не ретко им се припишуваше доза на авантуризам и лудост. Денес Европејци од истокот и западот се решаваат на уште поголема „авантура“ – купуваат недвижности на албанскиот брег од Јадранот и од Јонското Море. Свен Аугланд е еден од тие нови жители на земјата и минатата година купи стан во Саранда. „Знаев само дека Албанија беше земја на тврд комунизам, имав слушнато и ужасувачки приказни за мафијата. Вниманието кон таа земја ми го сврти жена ми, така тргна работава“, вели овој Норвежанец. Тој ги фали „чудесната клима, љубезните луѓе и многу здравата храна“, како и тоа дека нема многу туристи. Албанија го потсетувала на Грција и Италија, но со „позачувана природа“.

Повеќе британски купувачи по референдумот за Брегзит

Покрај Норвежани како Аугланд, недвижности во Албанија купуваат и Швеѓани, Данци, Французи и Полјаци. Од минатата година и Украинци ја открија балканската земја. Уште нема попрецизни податоци, но Илир Кономи, раководител на агенција за недвижности, проценува дека досега има околу 400 странски купувачи. Според него, Европејците од Западот купуваат поголеми, а оние од истокот поевтини апартмани. Тој го истакнува зголеменото интересирање на британски купувачи: „Можам да потврдам дека по референдумот за Брегзит имаме за 15 проценти повеќе јавувања кај нас“.

Се чини дека пазарот на недвижности на албанскиот брег профитира и од порастот на бројката на странски туристи. Годишниот одмор во Албанија го минуваат стотици илјади луѓе од Косово, а покрај нив, според наводи од албанската царина, во земјата ланското лето дошле и преку 620 000 други странски туристи. Тоа е многу висока бројка за земја со помалку од три милиони жители. „Има многумина кои прво дошле како туристи, а подоцна се решиле и нешто да купат“, вели Кономи и укажува дека интересирањето е главно насочено кон станови на морскиот брег.

Albanien Ausländische Touristen kaufen Immobilien in Albanien
Плажата кај СарандаФотографија: Albanian Property Group

„Досега немав проблем со криминалот“

Илир Кономи е оптимист оти гледа голем потенцијал – Албанија станува попозната, ја има на големите специјализирани туристички портали во интернет и полека станува конкурентна. Покрај природните убавини, странците посебно ги привлекуваат и поволните цени. „Апартман може да се купи за 30 до 60 илјади евра, а ниските камати наведуваат многу луѓе во Европа да размислат за ваква инвестиција“, вели Кономи.

Поволните цени го уверија и Ханс-Дитер Блазер од Минхен да купи стан во Саранда: „Цената одговараше во однос на ризикот да се инвестира во оваа земја. Положбата е извонредна. Севкупно сум многу задоволен“.

Крајбрежниот град Саранда е далеку најомилен кај странските купувачи – блиску е до Крф, а на тој грчки остров има аеродром. Тоа е аргумент и за Норвежанецот Кристен Дале за купување апартман во Саранда: „Таму бевме на одмор и се` повеќе го сакаме тоа место. Имаме слушнато за криминалот, но досега не сме имале проблем со тоа. Јазикот е единствен проблем за нас, но среќаваме многумина кои зборуваат англиски“.

Albanien Christen Dale
Кристен ДалеФотографија: Christen Dale

Илегални градби на брегот

„Албанската авантура“ крие сосем други ризици, велат повеќемина муштерии на агенцијата на Кономи. Таму има многу илегални градби, посебно на брегот, и затоа Кристен Дале вели дека купопродажниот договор грижливо ќе го провери. Ханс-Дитер Блазер уште не добил документ од катастарот: „Управата уште не функционира како што треба, а не беше лесна ни нотарската постапка“. Токму предолгиот пат за внесување на купената недвижност во катастарот и Илир Кономи го смета за најголема пречка за бизнисот со недвижности и за развојот на туризмот во Албанија.
Многумина Албанци се надеваат дека ќе биде спроведена сеопфатна реформа на правосудството, која очекуваат дека ќе ја обнови земјата. Но, можеби ќе поминат уште многу лета додека да се исполнат таквите надежи. „Албанија е истовремено развиена и неразвиена земја“, резимира Свен Аугланд од Норвешка.