Европејците фатени во стапицата на Трамп
7 јануари 2020Драматичниот старт во оваа година се заканува да предизвика диви политички турбуленции. Европејците, препаднати среде своето празнување од веста за неочекуваното убиство на вториот според моќ човек во Иран, сега треба да се справат со последиците. Неинформирани претходно и беспомошни како и обично, тие повторно се соочени со консеквенциите од унилатералните и спонтани одлуки на американскиот претседател. Тие се фатени во стапицата на Трамп и не можат сами да излезат од неа.
Без илузии
Одамна се минато сите илузии дека со владата во Вашингтон е можна барем каква-таква рационална соработка во надворешната политика. Циничните изјави на американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео, кој ги обвинува Европејците за нивна недоволна поддршка на Блискиот Исток, дополнително ја истакнуваат нивната беспомошност. Се поставува прашање - на што асоцира тој по смртта на Сулејмани - на трупи за војна на Блискиот Исток, предводени од САД? Неговите и изјавите на претседателот Трамп содржат нијанса безумие, кое ситуацијата ја прави уште поматна.
Американскиот претседател всушност вети ставање крај на бесконечните војни на Блискиот Исток и враќање дома на американските војници. Како тоа се вклопува со нападот врз Сулејмани, не можат да објаснат ниту најискусните набљудувачи на американската блискоисточна политика. Се стравува дека зад акционизмот и дронскиот напад кај аеродромот во Багдад едноставно нема подолгорочна стратегија.
Овде станува збор повторно за мотото „Америка на прво место“, прокламираната цел на Трамп во поглед на економските интереси. Надворешнополитички, Европејците се заглавени во стапицата на американската политика која носи печат на емоционалните изблици на еден непресметлив претседател и неговите поддржувачи, опиени од моќта на неоконзерватизмот, кој повторно владее во Вашингтон. Во основа, тоа е единственото објаснување за убиството на Сулејмани во овој момент. „Because we can“ - зашто ние го можеме тоа.
На Европа и` преостанува само дипломатијата
Мора да се признае и тоа дека Европејците изгледаат слаби и беспомошни со нивното заедничко соопштение со кое повикуваат на деескалација, откако нивниот партнер САД направи се` можно за заострување на ситуацијата. Но, можеби останува отворен сепак еден прозорец за дипломатски обиди да се спречи нешто уште полошо. Јасно е дека Техеран планира контраудар, неговите конкретни размери ќе бидат одлучувачки дали ќе дојде до натамошна ескалација или не. Одлуката за тоа можеби уште не е донесена. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Борел, прво воспостави контакт со иранското Министерство за надворешни работи и се обидува да повлијае врз него, планирајќи кризна средба на Европејците.
Техеран во меѓувреме најави повлекување од своите обврски за необлагородување ураниум според Атомскиот договор, кого Велика Британија, Франција и Германија со мака го одржуваа во живот минатата година. Но, и оваа врата не е дефинитивно затворена, се` додека инспекторите смеат да вршат контроли во земјата. Постојат извесни сигнали дека иранската влада е спремна на разговори со Европејците.
Нема сомнение дека ни во Европа никој нема да пролее ни една солза по Касем Сулејмани. Тој е одговорен за убиството на илјадници луѓе, првенствено во Сирија и Јемен и беше заштитник на оние посреднички војни и милиции кои требаше да ја цементираат иранската хегемонија во регионот. Крвавото задушување на секаков отпор беше негов метод. Сепак, неговото убиство предизвика бран шокираност.
На работ на бездна на самиот почеток на годината
Европејците сега мора да ги искористат своите се` уште постоечки контакти со иранската влада и да апелираат на инстинктот и желбата за преживување на режимот. Техеран е свесен дека би загубил при директна воена конфронтација со САД. А економската ситуација во земјата и онака е затегната, што го покажа и најновиот бран протести.
Постои ли надеж за политичко решение? Европските преговарачи немаат речиси никаква шанса, а сепак треба да ја користат. Заканата со отворена војна треба да даде поттик на дипломатските напори. Во поинаков случај, наскоро ќе се покаже колкав е нагонот за самоубиство кај сите засегнати. Би било добро погледот во политичкиот амбис да се одложи барем за неколку месеци.