1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски избори: Историски лош резултат за Унијата и СПД

Фолкер Витинг
26 мај 2019

Европските избори се секогаш мерило за политичкото расположение во Германија и покажува колку радикално е променето партиското милје во земјата. Победници се Зелените, губитници - СПД и ЦДУ.

https://p.dw.com/p/3J86q
Symbolbild | CDU/SPD-Koalition
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/S. Stratenschulte

Двете лидерки на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и на Социјалдемократската партија (СПД) веројатно знаеја дека првото одмерување на силите нема да мине добро. Анегрет Крамп-Каренбауер (ЦДУ) и Андреа Налес (СПД), претрпеа горчлив пораз на европските избори, а со тоа пораз претрпе и големата коалиција која владее во Берлин. Налес дури претрпа два пораза. И ЦДУ и СПД постигнаа историски најлоши резултати - заедно загубија речиси 20 проценти гласови во споредба со изборите за Европскиот парламент пред пет години.

Infografik HOCHRECHNUNG 19.28 EU Wahl 2019 - Deutschland MAZ

Повеќе:

Голем скок на Зелените на европските избори во Германија

Нервоза во Берлин пред европските избори

Подем на Зелените

Победници се Зелените. Тие двојно го подобрија својот резултат од 2014 година. Никогаш досега партијата на едни избори кои се одржувале на ниво на цела држава не постигнала толку добар резултат. Врвната кандидатка на Зелените, Ска Келер, оцени дека „резултатот е сензационален“ и дека е испратен „сигнал за поголема заштита на климата“. Со својата врвна кандидатка на европските избори и новото динамично раководно дуо на партијата Баербок/Хабек, еко-партијата и на европските избори покажа дека со заземањето радикален еколошки правец и близината до движењето на младите за заштита на климата „Петоци за иднината“ го погодила духот на времето. Зелените се способни за коалицирање во сите насоки, подготвени за коалиции со конзервативците, либералите или социјалдемократите. Доколку дојде до предвремени избори во земјата, тие би биле најголемите профитери. Така би можеле да станат втора по големина пратеничка група во Бундестагот. Во моментов се партија која има најмала пратеничка група во Бундестагот.

Eurpawahl Die Grünen Jubel
Голема радост кај Зелените по првите прогнози за исходот од европските избориФотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Пропаст на СПД

Европските избори претставуваат катастрофа за некогаш гордата, најстара партија во Германија - СПД. Првпат по Втората светска војна таа веќе не е прва или втора на ранг листата по освоени гласови, туку е на трета позиција, зад ЦДУ/ЦСУ и Зелените. Тоа е рамно на земјотрес. „Резултатите се екстремно разочарувачки“, вели шефицата Андреа Налес. Таа не можеше да го спречи пропаѓањето на партијата која некогаш, поради широката поддршка од избирачите, се нарекуваше „народна“. Многумина во СПД дури велат дека Налес го забрзала пропаѓањето.

Кон загубата од европските избори треба да се додаде и поразот на социјалдемократите на покраинските избори во Бремен, кои се одржуваа исто така денеска. СПД во таа покраина владее од 1946 година. Бремен беше нешто како сигурно пристаниште за социјалдемократите. Сега тоа е минато - пропаст! Кандидатот на ЦДУ имаше подобар резултат. СПД во кризен модус - двапати казнета во ист ден.

Deutschland | Wahlplakat  Europa-Wah 2019 | SPD und CDU
Плакати на ЦДУ и на СПД во кампањата за европските избори - двете партии се губитници на изборитеФотографија: picture-alliance/dpa

Казнета новата шефица на ЦДУ

Казнета е и Унијата (ЦДУ и ЦСУ). Меѓутоа, одговорноста за овој историски пораз паѓа пред се’ врз грбот на новата шефица на партијата, Анегрет Крамп-Каренбауер, а не на канцеларката Ангела Меркел. „Резултатите не се онакви какви што би требало да имаме како народна партија“, признава Крамп-Каренбауер. Но, оваа вечер таа може да објави барем еден успех: на покраинските избори во Бремен ЦДУ првпат по Втората светска војна е пред СПД. Крамп-Каренбауер е лидерка на ЦДУ околу половина година и радо би сакала да стане кандидатка за канцелар. Но, тестот на европските избори не го положи. Тешко и’ е да излезе од сенката на Меркел, додека  таа е на канцеласката функција. Канцеларката се држеше настрана од кампањата за европските избори. Но, важи за неверојатно дека предвреме ќе ја напушти канцеларската позиција и дека со тоа ќе го отвори патот за предвремени избори или за предвремена промена на канцеларот во коалиција во некаков поинаков состав (на пример со Зелените или ФДП).

Забележителен успех на „малите партии“

Деснопопулистичката АфД очекуваше подобар резултат на овие европски избори. Освои нешто над 10 проценти гласови. Неостварувањето на очекувањата се должи на фактот што АфД е вплеткана во повеќе донаторски афери, што нејзината главна тема - бегалците, загуби на важност и што таа стреда поради тоа што не се дистанцираше од скандалот „Ибица“ во кој е вплеткана австриската Слободарска партија.

Либералите (ФДП) ја постигнаа својата цел и го зголемија речиси двојно резултатот од претходните европски избори. Со тоа партијата стана повторно интересна како можен коалиционен партнер во Берлин. Левицата во кампањата за европските избори влезе повеќе како евроскептична партија. Тоа и’ нанесе штета.