1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евтин гас и национализам: Со што се соочува НАТО во ЈИЕ?:

Кристофер Неринг
8 февруари 2022

Западот се расправа околу тоа како да се однесува со Русија. Државите членки на НАТО од југоистокот на Европа, од Хрватска па сѐ до Турција, притоа играат невообичаено важна улога. Но, оттаму доаѓаат и дисонантни тонови.

https://p.dw.com/p/46gM6
Ukraine-Konflikt
Украински војник во ров на истокот на земјатаФотографија: Vadim Ghirda/AP/dpa/picture alliance

Во време кога конфликтот околу Украина ескалира, НАТО е поделен во врска со Русија како ретко досега. „САД и Обединетото Кралство се за цврст став и политика на одвраќање; Германија, Франција и Италија инсистираат на дијалог, а трета група земји, како Бугарија, Унгарија или Словачка, сакаат да се држат настрана од конфликти и распоредување војници. Вообичаено Германија е таа што претставува еден вид умерена спојка меѓу овие групи, но тоа во моментов не е случај поради лидерски слабости“, вели Штефан Мајстер, експерт за источна Европа во Германското здружение за надворешна политика (ДГАП).

Portrait Stefan Meister
Штефан Мајстер, експерт за источна Европа во Германското здружение за надворешна политика (ДГАП)Фотографија: DGAP

„Покрај тоа, има и заслабнување поради популизмот, Трамп и Брегзит. Путин се обидува да го искористи тоа за да преговара за нов безбедносен поредок во Европа – без САД“, вели германскиот експерт за ДВ. Во таква ситуација невообичаено важна улога играат НАТО-земјите од централна и југоисточна Европа.

„Ако дојде до ескалација, ќе се повлечеме до последниот хрватски војник“

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ предизвика иритации - и тоа не само дома - кога кон крајот на јануари објави дека неговата земја ќе се повлече во случај на конфликт: „Ако дојде до ескалација, ние ќе се повлечеме до последниот хрватски војник“, рече Милановиќ во Загреб, без да прецизира што всушност значи тоа, имајќи предвид дека во Украина нема хрватски војници. Владата на оваа држава членка на ЕУ и НАТО веднаш реагираше: „Претседателот не зборува во име на Хрватска, туку во свое име. Ние сме и ќе останеме лојална членка на НАТО“, изјави министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.

Portrait Filip Milacic
Филип Милачиќ, научен соработник во канцеларијата на фондацијата „Фридрих Еберт“ во ВиенаФотографија: Privat

Најчудно во изјавите на Милановиќ е што ниту НАТО ниту САД, а ниту Украина не побараа од Хрватска воен ангажман. „Изјавите на Милановиќ служат за внатрешнополитички цели и мора да се гледаат во светлината на неговиот постојан конфликт со премиерот Андреј Пленковиќ“, изјави за ДВ Филип Милачиќ од канцеларијата на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Виена. „Милановиќ изгледа како да игра на националистичка карта во последно време, нарекувајќи го лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, 'партнер' и како да сака да им служи на хрватските националисти во нивните соништа за прекројување на границата во Босна со руска поддршка“, оценува Милачиќ.

Историјата како руски „инфлуенсер“ во Бугарија

Во текот на еден настап на бугарската телевизија на први февруари, руската амбасадорка во земјата, Елеонора Митрофанова, јасно кажа што бара Русија од НАТО: повлекување на алијансата до границите од 1997 година и повлекување на сите трупи и бази на НАТО од земји како Романија и Бугарија. Според Митрофанова, тие земји би можеле формално да останат членки на НАТО.

Очигледно е дека министерот за одбрана на Бугарија, Стефан Јанев, нема проблем со таа идеја. Премиерот Кирил Петков мораше јавно да го прекори во декември, откако на Фејсбук зборуваше против распоредувањето на единиците на НАТО во Бугарија. Јанев на расправа во парламентот апелираше: „Да престанеме да читаме странски печат и да се занимаваме со шпекулации. Ние треба да бидеме 'бугарофили' и (за воен ангажман на земјата. н.з.) да размислуваме од перспектива на бугарските национални интереси.“ Според Јанев, ако некои НАТО-војници треба да бидат во Бугарија, тогаш тоа треба да бидат исклучиво бугарски војници.

USA Bulgarien Manöver
Бугарски војници во текот на воените вежби со САД, во близина на Сливен, 14.04.2015Фотографија: Reuters/S. Nenov

Нагласувањето на „националните интереси“ и „бугарскиот суверенитет“ има и внатрешнополитичка заднина во Софија: од влегувањето на националистичката партија „Преродба“ во парламентот, во декември минатата година, притисокот врз владата е зголемен. Амбасадорката Митрофанова е исто така свесна дека позициите на бугарските националисти се традиционално проруски: „Русија има начин да врши влијание во Бугарија - преку нашата заедничка историја. Таа е најважниот лобист, најважниот инфлуенсер во нашите односи“.

60 проценти поддршка за НАТО во Романија

Ситуацијата е многу поинаква во Романија. Заедно со Германија и Полска, таа е една од земјите во кои веќе се распоредуваат дополнителни американски и НАТО-војници. Според истражување на институтот за истражување на мислењето INSCOP Research, НАТО, со доверба од 60%, е институција со највисок степен на доверба меѓу населението.

„Дополнителните трупи во земјата се не само добредојдени, туку се и политички капитал за владата. Дури ни националистите не се осмелуваат да зборуваат против тоа“, оценува за ДВ Сорин Јонита, политиколог во тинк-тенкот Експерт груп во Букурешт.

„Путиновиот пинчер“ во Будимпешта

Во фокус на распоредувањето на НАТО-војници е и Унгарија, која, како и Романија, не само што дели граница со Украина, туку има и украинско малцинство. Премиерот Виктор Орбан со години одржува „посебен однос“ со Русија. Јавното восхитување на Орбан на авторитарниот стил на владеење на Москва и противењето на санкциите против Русија му го донесоа прекарот „Путиновиот пинчер“.

На почетокот на февруари, Орбан отпатува кај Путин во Москва во, како што официјално беше соопштено, „мировна мисија“. Сепак, главниот фокус беше ставен на испораките на руски гас, за кои Унгарија плаќа далеку под пазарната вредност, и учеството на Русија во проширувањето на нуклеарната централа Пакс. Затоа Будимпешта избегнува дискусии за поголем ангажман на Унгарија во НАТО.

Russland Moskau | Wladimir Putin, Präsident & Viktor Orban, Ministerpräsident Ungarn
Виктор Орбан кај Владимир Путин во Москва, 1.02.2022Фотографија: Sputnik via REUTERS

„Деликатно балансирање“ на Босфор

Турција, стратешки важна членка на НАТО, има особено комплексни односи со Русија. Во граѓанската војна во Сирија, Путин и Ердоган соработуваат, а во Либија поддржуваат различни групи; од една страна Ердоган ги отфрли своите НАТО-партнери и го купи рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400, а, од друга страна, Анкара ја снабдува Украина со воени беспилотни летала. Како Германија, Унгарија или Бугарија, и Турција зависи од рускиот гас и нафта.

„За Анкара ова е деликатен чин на балансирање. Ердоган има посебна врска со Украина и ќе ја поддржи неа и НАТО, а од друга страна, не смее да го налути Путин за да не го исклучи гасот или да се одмазди во Сирија“, вели за ДВ Асли Ајдинташбаш од тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи. Во случај на конфликт, вели Ајдинташбаш, Анкара веројатно ќе обезбеди контингенти на турски трупи и ќе испорача технологија на беспилотни летала во Украина, но во исто време ќе дозволи и премин на руската морнарица во Црното Море.

Infografik NATO Osterweiterung EN v2
Проширувањето на НАТО (на картата не се прикажани државите основачки Исланд, САД и Канда)

Путиновата понуда за елитите на Западен Балкан

„За разлика од Западот, Русија точно знае што сака во Источна Европа - да ги врати моќта и сферите на влијание што ги изгуби од 1991 година“, коментира британскиот експерт за источна Европа, професорот Тимоти Гартон Еш во „Гардијан“. За да го постигне ова, Кремљ во југоисточна Европа користи пред сѐ две алатки: евтин гас и национализам.

Во интервју за ДВ, Филип Милачиќ е сигурен: „Русија на националистичките елити на Западен Балкан им нуди и нешто што Западот не го нуди и не треба да го нуди: ветување за прекројување на границите во регионот“.

Но, евтиниот гас, национализмот и неединството нема да бидат доволни за да се подели НАТО во случај на конфликт. „САД како водечка сила во моментов се способни да се наметнат, НАТО е релативно едногласен во одвраќањето и дури и ако помалите држави се повлечат, тие нема да ја доведуваат во прашање својата лојалност кон алијансата во случај на нужда. Ќе се лиферува оружје, ќе се зајакнуваат трупите - и ќе се добива во време во однос на Русија“, резимира Штефан Мајстер.