1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египет: Судска забрана за политичкото крило на Муслиманско братство

ЖА/дпа/афп9 август 2014

Египетскиот највисок управен суд нареди распуштање на Партијата за слобода и правда, политичко крило на забранетата организација Муслиманско братство. Партијата нема право на жалба.

https://p.dw.com/p/1Crs0
Фотографија: AFP/Getty Images

Во образложението на судската одлука се вели дека Партијата за слободаи правда го прекршувала Законот за партиско делување. Судот забрани функционирање на Муслиманско братство во септември минатата година, но во таа пресуда не се споменуваше нивното политичко крило, со што беше оставена можност на нив да им биде дозволено да се кандидираат на парламентарни избори. Со денешната пресуда, дефинитивно се забранува формално учество на Муслиманско братство на избори.

Египетските власти во декември го оквалификуваа Муслиманско братство како „терористичка група“ откако армијата во јули лани го симна од власт исламистичкиот претседател Мохамед Мурси.

Политичкото крило на Муслиманското братство, Партијата за слобода и правда беше основана во февруари 2011 година по египетскатареволуција и соборувањето на долгогодишниот претседател Хосни Мубарак. Таа победи на сите избори по тоа, а Мурси беше првиот демократски избран претседател на државата. Тој беше близок на Муслиманското братство и водеше исламски курс, што повторно доведе до масовни протести. Во јули 2013 година, само една година по стапувањето на функцијата, Мурси беше соборен од влијателната египетска армија.

Безбедносните сили започнаа оттогаш со употреба на сила да се пресметуваат со неговите приврзеници, околу 1400 од нив се убиени, над 15.000 исламисти и владини противници се во затвор. Против стотици од нив во итна судска постапка се изречени смртни казни, меѓу другото и против шефот на Муслиманското братство, Мохамед Бади. Мусри од ноември минататагодина исто така се наоѓа пред суд.