1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година по обидот за пуч: Ердоган во зенитот на моќта

Чан Мереј (дпа)
14 јули 2017

Пред една година, пучистите сакаа да го соборат Ердоган. Но, денес турскиот претседател е помоќен од кога било. Владата сака да ја инсценира годишнината како празник на демократијата, опозицијата зборува за диктатура.

https://p.dw.com/p/2gXcg
Türkei Präsident Erdogan
Фотографија: picture-alliance/abaca/K. Ozer

Беше топла летна вечер, викендот беше на прагот, кога се случи нешто неочекувано: борбени авиони ја бомбардираа Анкара, на улиците во Истанбул се појавија тенкови, војници пукаа врз цивили. На тој 15. јули 2016. година брзо стана јасно дека дел од турската војска врши пуч против претседателот Реџеп Таип Ердоган. Оттогаш помина една година, која врз Турција остави најдоминантен печат во поновото минато, а Ердоган се осили како никогаш досега. Тој и неговата партија АКП ја користат годишнината за демонстрација на моќ. Манифестациите започнаа уште во вторникот. Кулминација на потсетувањето на настаните е говорот на Ердоган во парламентот во раните неделни часови, во 2 часот и 32 минути, моментот кога пучистите пред една година го бомбардираа народното претставништво.

Türkei Putschversuch Armee
Неуспешен државен преврат во ТурцијаФотографија: Reuters/Stringer

Тогаш во него беа присутни пратениците од сите четири партии, сите едногласно го осудија обидот за државен преврат. Но, за сегашниот говор на Ердоган не се ни поканети двете најголеми опозициони партии, ЦХП и ХДП. Девлет Банџели, лидерот на МХП, третата по големина опозициска партија, одамна премина во таборот на Ердоган. Значи, за време на говорот на Ердоган, кој пред една година ја повика нацијата на сплотеност, владините приврзеници ќе си бидат во свое друштво.

За Ердоган, виновен е Ѓулен

За пучот со официјални 249 жртви, Ердоган го обвинува проповедникот Фетула Ѓулен, кој живее во егзил во САД. До јавниот раскол во 2013 година, Ердоган и Ѓулен беа соработници. Ѓулен демантира секаква поврзаност со обидот за соборување на Ердоган. И западните држави искажуваат отворени сомнежи. 

До денес остануваат отворени бројни прашања - на пример, кога власта дознала за плановите за пуч. Ердоган уште утрото на 16 јули изјави дека „обидот за пуч е конечно божји благослов“. Претседателот воведе вонредна состојба, што му овозможи владеење преку декрети. Веднаш почнаа „чистењата“, како што ги нарече Ердоган, кои траат до денес. Од нив не се погодени само непосредните учесници во обидот за пуч, ниту само вистинските или наводните симпатизери на Ѓулен. Одамна на удар се и други критичари на владата, главно под обвинение за тероризам, иако тоа често звучи крајно нелогично. Од обидот за преврат досега се суспендирани или отпуштени преку 100.000 државни службеници, повеќе од 50.000 луѓе се во истражен затвор.

Türkei Fethullah Gülen
Фетула ЃуленФотографија: picture-alliance/dpa/fgulen.com

„Цивилен пуч“

Додека владата ја користи годишнината за славење на „победата на демократијата“, лидерот на опозицијата, Кемал Киличдароглу го нарекува Ердоган „диктатор“. Киличдароглу, кој ја предводи кемалистичката ЦХП, го обвинува претседателот за злоупотреба на вонредната состојба за вршење втор, „цивилен пуч“.

„Неправдата, самоволието и дискриминацијата станаа дефинирачки обележја на режимот на АКП“, напиша Киличдароглу во гостинска статија во британски „Гардијан“. Од затворите се отпуштаат криминалци, „за да се направи место за политички дисиденти и новинари“. Во затвор се на пример партискиот шеф и повеќе пратеници од прокурдската ХДП, која по ЦХП е втора по големина опозициска партија. И пратеникот Енис Бербероглу од ЦХП во меѓувреме е осуден на 25 години затвор поради оддавање тајни информации. 

Пресудата го вклучи алармот кај Киличдароглу, кој започна „Марш на правдата“ и пеш тргна од Анкара до Истанбул. Владата направи погрешна сметка - иако учесниците на маршот ги етикетираше како терористи, илјадници луѓе се придружија на маршот на лидерот на ЦХП, кој не е сосем невин за катастрофалната состојба на опозицијата. На завршниот собир во Истанбул, на 9 јули, се собраа дури стотици илјади луѓе. Киличдароглу побара укинување на вонредната состојба и прекин на кршењето на човековите права, како и ослободување на затворените пратеници и новинари. Во турските затвори во меѓувреме се преку 150 новинари. Организацијата Репортери без граници тоа го нарекува „лов на вештерки“.

Thousands Mass To Mark Anti-Erdogan Rally - Istanbul Kemal Kilicdaroglu  Selvi Kilicdaroglu
Кемал Киличдароглу го нарекува Ердоган „диктатор“Фотографија: picture alliance/abaca/Depo Photos

Неприкосновен владател

Обидот за пуч, освен што на Ердоган му овозможи да ги елиминира критичарите или да ги стави под масивен притисок, му отвори и пат преку уставниот референдум да го воведе одамна посакуваниот претседателкси систем, што според неговите опоненти е само чекор кон владеење на еден човек.

Досега ништо не можеше да го запре Ердоган. Пучистите, наместо негово соборување, постигнаа спротивност: претседателот седи во седлото посигурно од кога било. Но, и Турција поради него не била никогаш пораздвоена.

Истовремено, се влошуваат односите на Анкара со ЕУ, а и со Германија. Европскиот парламент побара формално запирање на пристапните преговори на Анкара со ЕУ.

Но, целата критика, ако сѐ оди според желбата на Ердоган, нема да ги помати одбележувањата по повод спречувањето на пучот. Владата испрати куп покани до странски новинари со своето учество да оддадат почест на програмата која, како што се вели, „е од исклучително значење за демократијата на нашата земја и на светот.“