1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екоасфалт - улици направени од смет

М. Епинг/З. Јордановски3 септември 2015

Улици од смет - тоа не звучи многу примамливо. Но, Рим акцент става токму врз тоа: комуналните претпријатија, кои не знаат што да прават со сметот, патентираа постапка со која од него може да се произведе асфалт.

https://p.dw.com/p/1GQe8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сметот е голем проблем на Италија. Само во главниот град Рим годишно се собира речиси два милиона тони смет. Со оглед на таквата состојба, патентот за преработка на сметот во еколошки асфалт дојде како нарачан. „Идејата за еко-асфалтот се состои во тоа, сметот да се претвори во употреблив продукт“, вели Алесандро Филипи. Тој е шеф на претпријатието АМА, кое го собира сметот во Рим и го поседува патентот за негова преработка. „Ние успеавме целосно да го примениме и она од сметот, што до денес не беше употребливо, неизбежно завршуваше на депонија и ја загадуваше природната околина. Така, ова е еколошка придобивка“, нагласува Филипи.
Се разбира дека тој веќе и поради функцијата мора да агитира за така добиениот асфалт, оти на повидок е нов извор на приходи. Но, основната идеја е навистина уверлива: депониите ќе се растоварат и истовремено се штедат суровинските резерви - каде што се прави асфалт од смет, не мора да тој да се произведува од камења и битумен кој содржи нафта.

Самото производство на еко-асфалтот е релативно просто. Појдовен материјал е несортираниот остаток од сметот. Во специјална постројка тој се разретчува и од него останува и еден органски дел. Таа материја потоа со една чисто механичка постапка се меша со други градежни материјали, на пример со пепел. „Тој процес внимателно се набљудува и се контролира и целосно е исклучено настанување на штетни или опасни материи притоа“, нагласува Алесандро Филипи.

И градот Рим полага надежи во еко-асфалтот, оти досега само околу половина од сметот се двои и рециклира. Со новиот метод би можело околу една шестина од вкупниот смет да се претвори во асфалт. Тоа би биле околу 300 000 тони годишно. Италија не е единствена земја која сака сметот да го употреби за изградба на патишта и која експериментира со тоа. Естела Марино, во градската управа одговорна за еколшки прашања, вели дека римскиот патент е особено едноставен и конкурентен во споредба со сличните: „Се надевам дека ние со тоа ќе можеме да ја докажеме нашата иновативна сила. Токму кај еколошката техника досега уште сме честопати на опашката, но со ова добро ќе стоиме во споредба со другите градови и земји“.

Рим се надева дека наредната година ќе може да го пласира на пазарот еко-асфалтот. Суровина за него, како што веќе рековме, има повеќе од доволно.