1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Еколошки протести во Србија

Немања Рујевиќ
6 декември 2021

Втор викенд по ред многу улици и автопати во Србија беа блокирани. Демонстрантите ги критикуваат плановите за изградба на рудник, но и автократскиот претседател.

https://p.dw.com/p/43tyN
Блокадата на мостот Газела во Белград во саботата на 4. декември
Блокадата на мостот Газела во Белград во саботата на 4. декемвриФотографија: imago images/Aleksandar Djorovic

Најпопуларната телевизија во Србија, Пинк, во саботата се вклучи во живо. Демонстранти блокираа над 50 клучни прометни точки во земјата, меѓу кои дури и автопатот низ Белград. Но, телевизијата Пинк која се смета за неофицијален гласноговорник на претседателот не се занимаваше со блокадите, туку со минимизирање на протестите и клевети.

„Видете, овде има дваесетина луѓе кои го блокираат автопатот и ја тероризираат земјата“, рече водителот на еден таблоид во програма. Демонстрантите се финансирани од странство за да предизвикаат хаос, тврди тој во програма. 

Дронот на телевизијата константно ја покажува средината на мостот „Газела“ во Белград каде навистина имаше само десетина лица, но ако ја свртеа камерата кон двата краја на мостот ќе се видеше дека таму има по десетина илјади лица кои протестираа мирно, но гласно и вознемирено.

Блокадите во земјата кои се случуваат втор викенд по ред, доаѓаат откако семоќната Српска напредна партија (СНС), која нема опозиција во парламентот, изгласа два контроверзни закони. Со едниот се олеснува спроведувањето референдуми, со вториот се дозволува експропријација на приватно земјиште за инфраструктурни проекти од „национално значење“.

Саво Манојловиќ од граѓанската иницијатива „Крени-промени“, кој прв повика на протести бара повлекување на донесените законски измени. Ако ова не се случи, вели Манојловиќ за ДВ, блокадите ќе продолжат секоја сабота и по еден час подолго. „Топката е кај претседателот. Тој треба да реши дали ќе продолжат блокадите или не,“ вели овој активист.

Автопатот Е75 кој минува низ Белград во саботата не беше прооден
Автопатот Е75 кој минува низ Белград во саботата не беше прооденФотографија: imago images/Aleksandar Djorovic

Се работи за литиум и животната средина 

Според демонстрантите, двата закона одат во прилог на инвестицијата на британско-австралискиот гигант Рио Тинто кој планира да вложи во рудник во Западна Србија. Во 2006 година таму е откриено најголемото европско наоѓалиште на литиум или „белото злато“ кое е насушно потребно за изработка на автомобилски батерии. 

Еколошките активисти и граѓански групи од регионот стравуваат дека не само што ќе биде уништена површината од 300 хектари која веќе е во сопственост на Рио Тинто, туку дека ќе настрада и дополнително земјиште и целата околина. Масовно преселување, загадени реки и земја поради кои таму нема да може да се живее, ниту земјоделски да се обработува земјата.

„Законот за експропријација предизвика егзистенцијални стравови кај луѓето. Тоа беше повик за будење на насобраното, но досега заспано незадоволство во земјата“, вели социологот Јово Бакиќ од ДВ. „Се покажува дека општеството сепак не е мртво“. 

Повеќе: Србија: Спонтан протест и (не)контролирано насилство

Главната причина зошто Бакиќ смета дека српското општество е мртво, бил првенствено Александар Вучиќ, сеприсутниот претседател на земјата и СНС. Тој речиси десет години владее со Балканот со челична дисциплина, ги држи најважните медиуми во заложништво и ги демонизира сите критичари. На Вучиќ и неговата партија - со 700.000 илјади членови поголема од германската СПД, на пример - им се префрла дека постојано манипулираат со изборите, распределуваат работни места по партиска линија и дури и дека тој одржува добри контакти со мафијата. 

Вучиќ често мелодраматично противречи на сето тоа, многу често повикувајќи се на цифри кои наводно укажуваат на подем во српската економија. За него, наводно милијарди долари тешката инвестиција на Рио Тинто е можност Србија да се етаблира како центар за технологија на иднината.

Демонстрациите беа најмасовни во главниот град на Србија
Демонстрациите беа најмасовни во главниот град на СрбијаФотографија: imago images/Aleksandar Djorovic

Претседателот ќе попушти? 

Претседателот Вучиќ пред вклучени камери рече дека не ги разбира протестите додека беше на средба со граѓани во едно село на западот од Србија. “Можете да ме утепате или да ме победите на избори. Нема да потклекнам на притисокот. Кај мене не може улицата да ја диктира политиката”, изјави тој за Пинк. 

Независниот весник „Време” забележува дека таквите искази се противречни на она што претходно го зборувал при преносот во живо кога вети дека сепак ќе дозволи промени на Законот за експропријација. Нејасно е за какви промени станува збор и дали тоа ќе ги смири демонстрантите.

Силниот човек на чело на СНС е навикнат само на убедливи победи на изборите. А, на почетокот на април ќе се гласа за три важни позиции: претседател на државата, нов парламентарен состав и нов состав на градскиот совет на Белград.

Според анкетите на „Демостат”, Вучиќ на ниво на Србија може да смета на победа, но во главниот град трката може да биде тесна. Таму неговата партија и помалите партнери имаат поддршка од 46 проценти, најголемите опозициски коалиции 35%, а има и други кои може да го минат изборниот праг. 

Аналитичари сметаат дека поради тоа Вучиќ ќе се обиде до нова година да ги смири протестите со помош на помали отстапки. Често се протестирало против владата заради корупција и распад на демократијата, но никогаш до сега со улични барикади кои ја парализираат земјата.

Полициски кордон на протестите во предминатиот викенд
Полициски кордон на протестите во предминатиот викендФотографија: Milos Miskov/AP Photo/picture alliance

Ѓоковиќ ги поддржува протестите 

„Имаме вишок демократија", неодамна иронично се изјасни Вучиќ. Тој ја повика полицијата да се држи на страна од протестите, иако се работело за кршење закони. Така треба да бидат спречени сцени како од саботата на крајот на ноември годинава кога член на владеачката партија во Шабац се обиде со градежна машина да ги избрка демонстрантите од еден мост, а по него се појавија маскирани хулигани кои ги удираа демонстрантите со тешки предмети.

Последниот пат протестите беа релативно мирни. Но, гостите на Пинк и жолтиот печат близок до владини кругови ќе мора да се занимаваат со друга тема. Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ кого во Србија напросто го обожуваат и кој досега важеше за политички неутрален, ги поддржа демонстрациите со фотографија објавена на социјалната мрежа Инстаграм од илјадници демонстранти во Белград со транспарент „чист воздух, вода и храна се клучни за здравјето”.