1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анализа: Македонската економија стагнира

ДТЗ
8 јули 2021

Виенскиот институт за меѓународни економски студии ги објави новите економски проекции за земјите од Источна Европа. С. Македонија е меѓу трите земји кај кои нема подобрување.

https://p.dw.com/p/3w9Pg
Branimir Jovanovic Wirtschaftsexperte des WIIW
Фотографија: Civil Media

Виенскиот институт за меѓународни економски студии ги објави новите економски проекции за земјите од Источна Европа. Очекувањата се дека ќе има раст кај 20 земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа за 4,2% во 2021 година, што е нагорна ревизија од 0,4% во споредба со априлската прогноза. Причините за тоа се силниот раст во САД (1,6%) и Кина (18,3%) во првиот квартал, како и ревидираната прогноза за раст за 2021 година за еврозоната (4,4%) и за ЕУ (4,5%). Северна Македонија е меѓу трите земји кај кои нема подобрување. „Причината е што владата не обезбедува доволна поддршка за економијата, слично како и лани ова време“, вели Бранимир Јовановиќ, економист и главен автор на извештајот.

Според него, очекувањата во најновата анализа се подобри од порано. „Опоравувањето е започнато и се чини дека економиите научија како да живеат со пандемијата. За 20 од 23 земји кои ги прогнозираме сега очекуваме да имаат повисок раст од што очекувавме претходно, вели Јовановиќ, коментирајќи го најновиот извештај на Виенскиот институт.

Економијата тешко се опоравува од пандемијата

Во делот за Северна Македонија, во анализата се посочува дека економијата едноставно не може да започне да се опоравува од пандемијата. „БДП во првиот квартал од 2021 година падна за 1,9% - што е четврти последователен квартал со пад. Исто така, падна во споредба со претходниот квартал - за 0,6%. Потрошувачката на домаќинствата беше ограничена од силниот бран на пандемија и порасна за само 0,4% во споредба со лани, и покрај напливот на дознаки (+ 18%) и релативно добриот пазар на трудот. Формирањето на бруто капитал се намали за 17% на годишно ниво, и покрај силниот прилив на странски директни инвестиции (12% од БДП). Владата не успеа да преземе чекор, а буџетскиот дефицит во првиот квартал заврши на 4% од БДП. Особено слаба беше реализацијата на капиталните расходи, што падна за 34% под планот“, се вели во извештајот.

-повеќе на темата: Македонскиот БДП во минус – последен удар на пандемијата

Во него се посочува дека проекцијата за раст за 2021 година остана непроменета на 4,1%, бидејќи Владата усвои нов буџет со кој се предвидува капитално трошење за 27% повисоко отколку што беше претходно најавено. Потрошувачката на домаќинствата и деловните инвестиции исто така се очекува да заживеат од вториот квартал натаму, поради стишувањето на пандемијата. Ризиците се во надолна линија, при што главните две се слабото извршување на владиниот буџет и веројатниот нов бран на Ковид-19 наесен. Повисоките цени на енергијата и храната ја зголемија инфлацијата, доведувајќи ја до 3% во мај .

Прогнози за другите земји

Извештајот ги анализира економиите на 23 земји во централна, источна и југоисточна Европа и дава детална прогноза за следниве земји: Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Казахстан, Косово, Летонија, Литванија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Турција и Украина.

Mazedonien Geld Denar
Опоравувањето е започнато и се чини дека економиите научија како да живеат со пандемијатаФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Во извештајот се посочува дека се очекува вработувањето во европските земји да се зголеми во втората половина на годината, додека невработеноста треба да се намали. Клучен фактор е фискалната поддршка дадена од националните влади. Инфлацијата ќе биде поголема отколку што се очекуваше, пред сѐ водена од глобалното зголемување на енергијата и цените на храната. Просечната инфлација во CESEE во мај изнесуваше 4,5% - поголема отколку во кое било време од 2015 година.

-повеќе на темата: ЕБРД ја зголеми прогнозата за растот на македонската економија во 2021

„Сепак, сметаме дека порастот на инфлацијата во голема мера е привремен феномен“, нагласува Јовановиќ.

Повисоката инфлација ќе ги принуди централните банки да ги зголемат своите каматни стапки во 2021 година. Шест централни банки имаат веќе го сториле тоа, додека уште неколку веројатно ќе го следат примерот. Бидејќи зголемувањето досега беше претежно симболично, тие нема да имаат значајни ефекти врз економската или кредитната активност. Што се однесува до туризмот, проекциите се дека тој треба да се подобри во текот на 2021 година, со позитивни импликации за одредени земји како што се Хрватска и Албанија. Сепак, нивото од пред пандемијата нема да се види оваа година.

- повеќе на темата: Ланци на снабдување на германските фирми: Западен Балкан како замена за Азија?

Нова епидемија на Ковид-19 и фискалното затегнување може да го загрози закрепнувањето, се вели во анализата. Имунитетот на стадото нема да може да се постигне во повеќето земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа, бидејќи стапките на вакцинација се несоодветни. Сепак, нов бран веројатно нема да ја предизвика истата економска штета како претходните бранови. Оценката е земјите и економии во регионот научија да се справуваат со пандемијата. Така, новиот бран на Ковид-19 ќе доведе само до забавување на растот, наместо кон рецесија.