1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата расте, стандардот стагнира, каде оди разликата?

Костадин Делимитов9 април 2016

Сиромашните остануваат сиромашни, богатите стануваат уште побогати! Македонската економија статистички расте но стандардот реално тапка во место. Експертите сугерираат промени!

https://p.dw.com/p/1ISPX
Фотографија: DW

Раст на економијата од 3,7%, зголемување на просечната плата од околу 1%, намалување на невработеноста. Македонската економија статистички и во 2015 оствари позитивни резултати. Светска банка во меѓувреме објави дека за тековнава година предвидува иста стапка на раст како лани, од 3,7 отсто, а во 2017 тој треба да достигне 4 отсто. Власта задоволна се фали дека има напредок, но клучната дилема е дали и колку тој се рефлектира врз животниот стандард на обичниот граѓанин. Ако се суди според просечната плата, тогаш ефектот дефинитивно е минимален. Само 9% од вработените земаат повисока плата од 20,000 денари, или 2,3% повеќе од 30,000. Останатите, се борат да го истераат месецот во просек со по 200 евра. Или споредено со минатите години, ниту сме поназад ниту пак понапред. Според аналитичарите, ефектите нема да се чуствуваат се додека растот реално и рамномерно не се распредели, како секторски така и кај сите слоеви од населението:

„Главната причина зошто и овој раст кој го имаме не води до подобрување на стандардот на луѓето е што тој е многу нерамномерно распределен, односно завршува во рацете на мала привилегирана група на луѓе, додека на мнозинството „обични“ граѓани им остануваат само трошките. Така, Македонија е една од ретките земји во Европа каде делот од БДП кој завршува кај сопствениците на капиталот (кои по правило се малубројни и богати) е поголем од делот кај завршува кај работниците. Во 2013 година (последен официјален податок од Државниот завод за статистика), нето-деловниот вишок (т.е. делот од БДП кој завршува кај сопствениците на капиталот) изнесувал околу 190 милијарди денари, а средствата на вработените изнесувале 160 милијарди денари. Или, ако се гледа главниот двигател на растот во 2015 година, градежништвото, може да се види дека тоа во 2015 генерирало 39,5 милијарди денари нова вредност, од кои само 11.5 милијарди денари завршиле кај работниците. Главната причина зошто растот е нерамномерно распределен лежи во ниските работнички права, кои им овозможуваат на сопствениците на фирмите да присвојат голем дел од доходот за себе, наместо да ги зголемат платите на вработените“, коментира економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Бројки добредојдени за политиката а не за граѓаните

Официјалните статистичи бројки според дел од експертите се добредојдени за политиката но не и за обичните граѓани. Предупредуваат дека реалноста е многу поинаква од она што власта веќе одамна се обидува да и го сервира на јавноста:

„Македонија е земја во која владее една од најголемите нееднаквости во Европа. Мал дел од населението располага со најголем дел од богатството, од една страна богатите се богатат а од друга се продлабочува јазот на сиромаштијата. Дури две третини од населението живее далеку под стандардот. И сега што прави статистиката, таа пресметува просечна вредност која може и да расте благодарение на богатите кои стануваат уште побогати. Во вакви услови кога се работи за земји како нашата, тогаш тоа неретко и се користи да се манипулира политички од типот и се покрај се` економијата расте, или оваа влада ништо не ја размрдува. Тоа делува во меморијата посебно во вакви услови на предизборие. Тоа можеби навидум е така но во суштина за најголем дел од населението веројатно е дури и полошо од претходно. Клучниот проблем е во високата нееднаквост и јазот на сиромаштијата. Тоа значи дека се зголемува бројот на оние кои што преживуваат, кои се на работ. А оние горе се можеби малку повеќе но земаат многу повеќе“, предупредува социологот Илија Ацески.

За поместување кон подобро прво што треба да се направи според експертите се промени во економската политика, пред се во делот на оданочувањето:

„Излезот од ваквата состојба е во прогресивни даноци. Тоа е еден од начините да се нивелираа таа нееднаквост, да се даде сигнал ддека државата води сметка, а не да имаме еднакви, или рамни даноци за сите. Многу држави тоа го прават и тоа многу успешно“, коментира Ацески.

На грбот на посиромашните

„ Заради „рамниот“ данок, даночниот „товар“ кај нас е многу неправично распределен, т.е. паѓа на грбот на посиромашните. Ова е надополнето со скудните буџетски средства кои се издвојуваат за социјална заштита, кои не им овозможуваат на сиромашните да „избегаат“ од сиромаштијата и не креираат општество на еднакви можности. Неопходни се крупни промени за да изградиме систем во кој економскиот раст ќе води до подобрување на квалитетот на животот на сите, а не само на привилегираната елита. Првите чекори кои треба да се направат во таа насока се – зголемување на работничките права, намалување на пазарната моќ на фирмите, воведување прогресивни (т.е. праведни) даноци и зголемување на средствата кои се издвојуваат за социјална заштита“, смета Јовановиќ.

Сугестиите на дел од експертите веројатно држат и се неопходни, но се чини и невозможно остварливи со актуелната власт која токму политиката на рамни и ниски даноци ја гледа како една од најуспешните, посебно во делот на привлекување на странски инвеститори. Факт е дека тие се присутни и вработуваат, но исто така е факт и дека со платите кои што ги делат на вработените дополнително придонесуваат статистички да се зацврстиме на дното на европското скалило кое го мери животниот стандард. Ако е за утеха барем не сме последни, зад нас се` уште се Албанија и Босна и Херцеговина.