Економски последици веќе само од стравот од вирусот на птичји грип
6 април 2006Германците го губат апетитот за пилешко месо – или барем, со се’ поголема веројатност, кокошките нема да завршат на чиниите на потрошувачите, туку ќе останат затворени во фармите; во најлош случај кога и да е ќе се најдат во постројките за производство на сточна храна. Се’ повеќе луѓе се откажуваат од јадење живинско месо, иако и натаму се смета дека е непроблематично кога е варено или печено.
Само стравот од вирусот на птичји грип веќе има економски последици. Вестите за инфицирана живина во фарми влијаат врз однесувањето на потрошувачите, што ги погодува сопствениците на фармите. Централното здружение на германските производители на живина се пожалија во Берлин дека за само неколку месеци пласманот на живинско месо опаднал и до 20 проценти. Тоа, според првите проценки на Здружението, значи загуба од околу 150 милиони евра.
Минатата година беше „златна“ за фармерите со живина – во просек секој Германец консумира по околу 18 килограми живина. Тоа, според надлежните власти, е речиси двојно повеќе отколку во средината на 90-тите години.
Една работа е хистеријата на потрошувачите со оглед на постојано новите вести за заразата, сосем друга работа е реалната опасност која произлегува од птичјиот грип за живината. Во Германија има околу 40 милиони кокошки-носилки. Ако се придодат и мисирките, шатките и гуските, се доаѓа до бројка од 125 милиони птици. Ако се пронајде една единствена заразена или мртва птица во круг со радиус од 10 километри, веднаш се уништува целата живина. При вредност од 5 евра по носилка и просечно 10 илјади грла живина по фарма, тоа е загуба од 50 илјади евра во еден потег.
За да се опорави од таков економски удар, на една живинарска фарма и’ треба најмалку половина година. Во Долна Саксонија, навистина, има таканаречена Каса за случаи на животинска зараза, но од неа, во случај на принудно уништување на живината, се надоместува само набавната цена, а не и испуштената добивка за селаните. Здружението на германските селани веќе укажа на тој проблем и побара од федерацијата компензација за селаните и одгледувачите на живина.