1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Експерти од општа пракса

8 април 2020

Ние, како општество, сме подложни на феноменот „експерти од општа пракса“. Овој вид на презир кон образованите, авторитетите и слично, е колевката на популизмот, за кој сме шампиони. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/3afcm
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Секоја драматична вест или настан, општо земено, предизвикува неколку психички и комуниколошки фази низ кои популацијата, како колективна ментална матрица или споделена когнитивна свест, поминува, во обидот да ги процесира силните рационални, емотивни, и потсвесни стимули. Истото ќе се случува и со реакцијата и менталната матрица на јавноста како што поминуваме низ тие фази во процесирањето на кризата со коронавирусот. Однесувањето и позициите на публиката кон овие фази е значајна, зашто е одраз на тоа што можеме да очекуваме како реакција на општата ситуација, мерките на власта, дисциплината, свесноста, и, на крајот, нужната солидарност во оваа борба. Мислам дека фазата во која сега се наоѓаме е една од најделикатните, најкомплексните, и може сериозно да влијае на начинот на кој ќе се справиме со кризата.

Фаза прва - порекнување.  Оваа фаза ние веќе ја поминавме, а траеше на почетокот на кризата, кога поголемиот дел од јавноста се префрлаше од „не дај боже“ во „помрдни се од место“ како психо-емотивен одговор на кризата.  Во таа фаза, најголем дел од јавноста или сметаше дека тоа се случува некаде далеку па нема да ги допре, или дека ситуацијата не е толку сериозна за да треба било какви специјални подготовки или подесувања на однесувањето. Таа психолошка фаза за најголем дел од популацијата заврши со првиот официјален одговор на кризата, со затворањето на градинките и училиштата, што беше првиот вистински индикатор дека ситуацијата е сериозна и „ѓаволот ја однел шегата“. За некои, пак, оваа фаза се уште трае. Тоа се оние кои мислат дека нема потреба од мерки, кои се уште се собираат на забави, се шетаат заедно во групи, жалат по кафеаните, сакаат што побрзо да го „закачат“ вирусот за да бидат потоа комотни, итн.

Животот по короната

Втората фаза е фаза на соочување и страв.  Тоа е фазата во која во моментов се наоѓаме, но на истекот. Оваа фаза се карактеризира со соочување со реалноста на проблемот, најчесто катарзично, и дијаметрално спротивно од првата фаза на порекнување, оди кон амплификација на опасноста и стравот. Кај нас, оваа фаза почна со првите официјални заразени, се засили кога се појавија првите смртни случаи, и само се засилуваше како бројот на заразени растеше.Таа, истовремено, се карактеризира со безусловно прифаќање на стравот, соочување со беспомошност, па со тоа и засилување на авторитарниот карактер на институциите, на предавање на суверенитетот (од страв) кон оние кои се доживуваат како можни „спасители“ - експертите и професионалците.  Ова е фаза во која официјалните институции имаат широка поддршка, владите добиваат одврзани раце, а популацијата е амбивалентна или некритична кон потезите, т.е. дава „карт бланш“ шанса на „избраните“ да се справат со ситуацијата. 

Третата фаза е период на невралгични обвинувања, нетрпение и нервоза. Како што се намалува шокот и изненадувањето, така овој авторитарен карактер на стравот се менува во невротична проекција на вина, нетрпение за излез од ситуацијата, нервоза, и, се разбира, експертиза од општа пракса. Ова е фаза на компензација - колку што сте биле поуплашени во втората фаза, толку побунтовни ќе станете во фаза три. Или, упростено, секое чудо за три дена, па така и вонредната ситуација. Како што шокот опаѓа, така ќе се вратиме во стариот филм на критика, обвинувања, гранапски муабети, и делење совети „слушај јас што ти кажувам“. Кај нас, оваа фаза е на повидок, а е опасна од повеќе причини. Најнапред, таа временски може да се поклопи со фазата на најголеми рестрикции, а претставува фаза на најниско трпение и толеранција. Второ, таа е рекфлексија на нашата колективна еманципација во солидарноста, односно сознанието дека сечии постапки влијаат на сите, што не е наша најсилна страна, Трето, таа е индикација за тоа каков капацитет имаме да истраеме во оваа борба, што е многу важно како што ќе се расплетува кризата и нејзините последици. Таа се карактеризира со повеќе елементи. Ние, како општество, сме подложни на феноменот „експерти од општа пракса“.  Овој вид на презир кон образованите, авторитетите и слично, е колевката на популизмот, за кој сме шампиони. Тоа се одразува во отфрлање на препораките, критикување на мерките „од ракав“, и општо незадоволство поттикнато од нетрпението и неизвесноста. 

Истовремено, тоа има и објективни параметри: релативно мал број луѓе се директно загрозени од болеста, а најголем дел од нив не се емотивно подготвени за солидарна емпатија кон оние (засега сеуште малкумина) кои се болни. Па така, ќе чуеме „зошто цела држава да стои заради 1.000 болни“, или „тие нека си боледуваат, ние да си живееме“, или, во позавиена обланда - „не можеме да ја жртвуваме економијата за кризава“. Ова е рефлексија на недоволната еманципација во смисла на солидарност, емпатија, одговорност, а истовремено е и одраз на егоцентризмот кој е карактеристика на овие општества.  На крајот, таа е подложна и на политички опортунизам кој дополнително ќе ја затруе публиката, па така, сега имате изблици од разни компании, сектори, или цели еснафи кои се јавуваат скандализирани што државата не им помага ним, бидејќи „им должи“. Овие највеќе би сакале да им се покријат целите трошоци, па ако може и по некој денар да им се даде за дивиденда (секоја чест на исклучоците). Недостатокот на солидарност овде се рефлектира во психолошката бариера кон реалноста - овие компании не разбираат дека ова е виша сила, во која државата мора да им помогне само на оние кои навистина немаат, а не на сите.

Оваа фаза е најопасна најмногу зашто директно влијае на нашиот капацитет за понатамошно справување со кризата како одраз на општествената подготвеност за подолгорочната дисциплина која очигледно ќе биде неопходна за излез од оваа состојба.  Затоа, многу е важно во оваа фаза вистински и реално да се комуницира и да се споделуваат сите поврзани елементи на мерките, за да се овозможи почитување и прифаќање од сите страни.

Четврта фаза е адаптација и прифаќање, во која може и да не дојдеме, ако кризата спласне набрзо, но која е многу важна доколку се покаже дека имаме подолгорочна потреба од некаков вид мерки или општествена дисциплина во месеците кои доаѓаат. Со кој ментален квалитет ќе влеземе во оваа фаза, и како ќе ја истуркаме, многу зависи од начинот на кој нашите „експерти од општа пракса“, кои се наоѓаат по собички или пред гранапчиња, ќе ја преживеат третата фаза, кон која се стремиме.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема