1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Експерти: Летото нема да не спаси од коронавирусот

БГ
15 април 2020

Научници од Универзитетот Харвард проценуваат дека топлото време нема да го спречи ширењето на Ковид-19. Тие предлагаат повторени периоди на социјална изолација се до пронаоѓање на вакцина.

https://p.dw.com/p/3ay7R
Bildergalerie: Denkmäler mit Corona-Maske
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Michael

Истражувачи на Универзитетот Харвард велат дека летните месеци нема да помогнат во намалување на опасноста од Ковид-19 и предлагаат повторени периоди на социјално дистанцирање за да не се преоптоварат здравствените системи.
Истражувањето, објавено во журналот Наука денеска, го изработиле научници со експертиза во епидемиологија, имунологија и инфективни болести. Тие ги анализирале блиските генетски „роднини“ на Ковид-19, за да откријат како вирусот ќе се однесува во следните месеци.
Двата анализирани вируси од корона семејството (ХКоВ-ОЦ43 и ХКоВ-ХКУ1) имаат редовна циркулација и ја предизвикуваат вообичаената сезонска настинка. Преку нив научниците развиле модел кој ја истражувал потенцијалната сезоналност, влијанието на стратегиите за социјално дистанцирање, и идната улога на вирусите во предизвикување болести.
Се работело со претпоставка дека вакцина и третман нема да има во догледна иднина.
Во секое сценарио, топлото време не го прекинувало ширењето на вирусот. Тоа е така затоа што при нормална настинка, голем дел од населението вообичаено се разболува и развива имунитет до пролетта. Во случајот со Ковид-19, поголемиот дел од населението ќе остане ранлив, па ќе овозможи ширење и во летните месеци.
„Сезонското намалување постои, но флуктуацијата не е доволна за тој да исчезне во текот на летото без интервенција“, вели Марк Липсич, епидемиолог и еден од авторите на трудот.

Што го прави вирусот заразен?

Периоди на социјално дистанцирање
Уште една непозната кај коронавирусот е траењето на имунитетот по прележаната инфекција. Краткорочен имунитет како оној при настинките кој трае околу една година ќе доведе до годишни епидемии на Ковид-19. Постојаниот имунитет би го елиминирал вирусот на период од пет или повеќе години.

Во однос на социјалното дистанцирање, експертите предлагаат повеќекратни епизоди за да се намали притисокот врз здравствениот систем. Најефективна, според нив, би била серија од периоди на социјално дистанцирање, придружени со ефективно тестирање кое ќе алармира кога да се вратат мерките во случај на експанзија на заразата. Ваквото сценарио не само што ќе резултира во најмал број жртви, туку ќе му овозможи на населението постепено да гради имунитет на вирусот, велат научниците. Истовремено, ќе им овозможи на здравствените работници да здивнат. 

- повеќе: Коронавирусот и горештините: Какво ќе биде летото во Европа?

Научниците од Харвард предупредуваат од прерано олеснување на заштитните мерки кои предизвикуваат големи штети врз економиите ширум светот. Тоа не само што ќе предизвика нов бран инфекции, туку ќе ги исплаши и оние кои веќе оздравеле, па и тие ќе останат во своите домови, а ефектите за економијата ќе бидат полоши.

Експертите сметаат дека социјалното дистанцирање треба да се олесни дури откако бројот на нови случаи ќе почне да паѓа две недели по ред, а бројот на дневни тестови од коронавирусот треба да се зголеми за три до четири пати.

Нема да има враќање во нормала додека не се најде вакцина, а за тоа ќе треба да се чека уште 12 до 18 месеци, велат научниците од Харвард.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема