Експерти осудени на затвор поради земјотрес
23 октомври 2012Седуммина италијански експерти, обвинети дека ги потцениле ризиците од разорниот земјотрес во реонот на италијанскиот град Л‘Аквила во 2009. година, се осудени на по шест години затвор за „убиство без предумисла“.
Меѓу обвинетите се наоѓаат најпознатите сеизмолози на Италија. Тие беа членови на Комисијата за оценка и предвидување на ризици од катастрофи и несреќи. Обвинувањето ги товареше за давање неточни, нецелосни и противречни информации. Пред катастрофалниот земјотрес во Л‘Аквила, имаше серија помали потреси, но експертите не издале никакви предупредувања. Според оценката на судот, сеизмолозите биле должни тоа да го направат.
Одбраната на обвинетите побара тие да бидат ослободени со аргументот дека ниту еден научник не би можел да предвиди земјотрес.
Во земјотресот од 6 април 2009. година загинаа 300 лица, градот беше опустошен и 10.000 лица останаа без покрив над главата.
Комисијата за проценка на ризиците од катастрофи се собра во Л‘Аквила шест дена пред земјотресот без да одлучи дали да се преземаат мерки на претпазливост.