Канада: Десетици починати и близу 50 Целзиусови степени
30 јуни 2021Се претпоставува дека од последиците на тековниот топлотен бран во Канадапочинале најмалку 134 лица. Како што објавија полициските служби во вторникот (по локално време), ненадејни смртни случаи биле забележани во пошироката регион на метрополата Ванкувер. Очигледна е врската со екстремните горештини што ги погодија Канада и северозападниот дел на САД. Во вторникот, канадската метеоролошка служба забележа нов национален температурен рекорд во местото Литон, Британска Колумбија, трет ден по ред: Температурата достигна 49,5 Целзиусови степени.
„Се наоѓаме среде најжешката недела што некогаш ја доживеала Британска Колумбија“, премиерот на провинцијата на западниот брег на земјата, Џон Хорган, на прес-конференција.
Трет ден по ред, Канада ги бележи највисоките температури во земјата од почетокот на мерењето. Министерството за животна средина издаде предупредувања за повеќе провинции дека „тековниот, опасен и историски топлотен бран ќе трае цела оваа недела“.
И во американските градови Портланд, Орегон и Сиетл на северозападот на САД, исто така, се регистрирани највисоки температури од почетокот на мерењето на температурите во 1940 година. Клима- уредите и вентилаторите беа распродадени на многу места. Некои луѓе побараа заштита од горештините во подземните гаражи или во нивните климатизирани автомобили.
За екстремните горештини е одговорен феноменот на „топлотна купола“, што значи дека високиот притисок во атмосферата го задржува жешкиот воздух во регионот. Според експертите за временска прогноза на американскиот весник „Вашингтон пост“, интензитетот на актуелната „топлотна купола“ е „статистички толку редок што може да се очекува само во просек еднаш на секои неколку илјади години“. Сепак, климатските промени предизвикани од човекот „ги направиле поверојатни ваквите видови на вонредни појави“.