Елада во предизборна треска
29 декември 2014Иако владејачката коалиција на чело со конзервативниот шеф на владата Андонис Самарас ги мобилизираше сите резерви, нејзиниот кандидат Ставрос Димас и во денешниот (29.12) трет круг не успеа да го добие неопходното мноинство од 180 гласови во 300-члениот грчки парламент. Поранешниот еврокомесар доби само 168 гласови во пратениците. По гласањето Димас за медиумите изјави дека всушност ваквиот исход за него бил очекуван.
Неколку минути подоцна премиерот Самарас најави одржување на предвремени парламентарни избори на 25 јануари наредната година. „Сега не смее да се губи време. Во наредните недели народот ќе ја дознае целата вистина за кризата и вистинските интереси на оние кои сакаат да ја турнат нашата земја во авантура“, предупреди Самарас во јасната најава за борба упатена на адреса на левичарската опозиција Сириза, која води во сите анкети на јавното мислење и која ветува откажување на кредитните договори со меѓународните доверители на Грција. „Од денеска политиката на остро штедење му припаѓа на минатото. Нашата земја не е протекторат и Грција може да живее и без спасувачкиот пакет и без Тројката (составена од ЕУ, ММФ и ЕЦБ)“, порача пратеникот од редовите на Сириза, Панајотис Лафазанис.
Дека атмосферата на предизорната кампања овојпат ќе биде особено вжештена, најави и конзервативната пратеничка Дора Бакојани. „Сириза изнуди нови избори и тоа во најлошиот можен момент за грчката економија“, критикуваше поранешната министерка за надворешни работи, додавајќи: „Сириза навистина верува дека има значителна предност во анкетите, ама се лаже. Нова демократија (владејачката партија на премиерот Самарас) му се обраќа на најголемо демократско мнозинство во земјава и таа ќе победи на овие парламентарни избори“.
Неизвесна битка за парламентарно мнозинство
Оптимизмот на Бакојани навидум е смел, ама не и сосема неоправдан. Според една од последните анкети, објавена вчера (28.12), предноста на Сириза во однос на Нова демократија е намалена на само 2,4 проценти. Згора на тоа, анкетите покажуваат дека деснопопулистичката групација „Независни Грци“ нема да обезбеди места во парламентот на новите избори, што Самарас значително ќе го доближи до идно парламентарно мнозинство.
Во секој случај, коментаторите се едногласни во ставот дека Грција се наоѓа пред долга фаза на политичка нестабилност.
Зашто, дури и ако левичарскиот сојуз Сириза победи на предвремените избори, нема да има јасно мнозинство во парламентот. Или можеби ќе има?
Во разговорот со ДВ, европратеникот Јоргос Катругалос изразува неочекуван оптимизам: „Во моментов е факт дека како Сириза, така и Нова демократија се далеку од обезбедување парламентарно мнозинство. Но треба да се има предвид дека претстојната изборна кампања ќе биде силно поларизирана и поради тоа сметам дека нашиот левичарски сојуз ќе успее да освои 35 насто од гласовите“, вели Катругалос. Доколку тоа не се случи, избирачите би морале повторно да излегуваат на гласачките места. Втор изборен круг во рок од само неколку недели во секој случај би бил многу подобро решение отколку лабилна влада во земјата, истакнува овој левичарски политичар.
Политичкиот аналитичар Димитрис Циодрас има поинакво мислење: без оглед која парија ќе победи на предвремените избори, нема да има апсолутно мнозинство во парламентот, изјави аналитичарот за атинската телевизија Скај. А тоа ќе значи дека ниту една влада нема да може да спроведе темелна политичка промена, како што е на пример откажувањето на договорите за кредитирање, вели поранешниот владин портпарол.
Атинската берза во слободен пат
По пропаѓањето и на третиот круг гласање за избор на грчки претседател, вредноста на акциите на атинската берза падна за цели шест проценти. Пред сѐ грчките инвеститори се однесуваа воздржано поради стравувањата за политичката иднина на земјата.
Со оглед на финансиската и политичката нестабилност, Сириза сега сака да добие во време: „Од една новоизбрана влада на чело со Сириза не може сериозно да се очекува во рок од една недела да ги заврши преговорите со доверителите. Мора да има продолжување на роковите“, вели европарламентарецот Јоргос Катругалос.
Но времето притиска. Најдоцна до летото 2015 Грција би морала, согласно тековните кредитни договори, да им врати на своите доверители преку 11 милијарди евра. Од каде ќе дојдат парите е целосно нејасно. Министерот за финансии Гикас Хардувелис се обидува да ги смири состојбите со пораката дека во моментов нема никакви теснеци во грчките државни финансии.