1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Елизабета Канческа: Сѐ ќе излезе на виделина!

24 октомври 2018

Ако некој мисли дека ќе се скрие зад некого или нешто, се излажал - сѐ ќе си дојде на виделина, вели пратеничката Елизабета Канчевска-Милевска, која пред четири дена беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ

https://p.dw.com/p/374l7
Mazedonische Kulturministerin Elizabeta Kanceska- Milevska
Фотографија: DW/S. T. Pavlovska

Нејзиното гласање „за“ пристапување кон уставни измени го предизвика гневот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Исклучена е од партијата заедно со шест нејзини колеги кои гласаа идентично. Во владите на ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска зад себе го има најдолгиот министерски стаж во ресорот култура - од јули 2008 до јуни 2017 година, а пред себе, како што вели - одговорноста за вклучување во амандманска расправа поврзана со прашањето кое ја попречува евроатланската перспектива на Македонија. На свеченото одбележување на вчерашниот Ден на македонската револуционерна борба, партискиот лидер Мицкоски на вмровската пратеничка седумка и упати лична порака: „Кога гледав како еден по еден кревавте рака за предлогот на Заев, со секое кревање рака нас срцето ни се кинеше... Вечно ќе патам за пропуштениот момент. Зошто ни ја одземавте можноста да го победиме Заев на избори, и тоа кога беше готов? Готов беше!“

ДВ: Имавте ли какви било дилеми пред да го стиснете зеленото копче на 19-ти октомври?

Канческа-Милевска: Не,  немав никакви дилеми. Имав јасно изграден став во однос на оваа точка на дневен ред во Собранието и во оваа фаза, а тоа е дека треба да се вклучиме во активна амандманска расправа. Дека треба да се дебатира во таа насока, да се вклучи пошироката јавност, да се вклучат експерти, професори по меѓународно и уставно право, ние пратениците, лидерите на политичките партии, и да се даде максимум се со цел да се подобри Договорот. Не гледам ништо лошо во однос на мојата одлука. Одлуката ја донесов без никаков притисок од ниедна страна, анализирајќи ја од многу аспекти целокупната состојба. И одговорно стојам зад мојата одлука. Сметам дека е неопходно да го направиме ова. Само на овој начин ќе видиме кој на каков начин и во минатото, и сега се залагал да го реши ова прашање кое ја попречува нашата евроатланска перспектива. Јас тоа сакам да го знам, но и јавноста и граѓаните заслужуваат тоа да го слушнат. Тоа им го должиме на граѓаните. Во нашата пратеничка група имаме пратеници кои активно биле вклучени во преговарачки процеси за решавање на ова прашање, на највисоко политичко ниво, но и во сегашното раководството на партијата. Тоа не треба да го заборавиме! А во јавноста во изминатиов период  се креираше лажна перцепција дека во Собранието веднаш ќе се гласа за промена на името на државата и поддршка на Договорот. Тоа не е така, и се потврди дека не е така. Зошто се бега од дебата, тоа е некоја мистерија за мене.

Mazedonien Parlament
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Повеќе на темата:

-ВМРО-ДПМНЕ од партија се претвори во секта на Мицкоски

-Чистка во ВМРО-ДПМНЕ: исклучени Мијалков и Тодоров, разрешени Јанчев и Богданов

-Пребројување во ВМРО-ДПМНЕ: кој е за и против Христијан Мицкоски

ДВ: Како изгледаше вашиот ,,ден потоа“?

Искрено ќе ви кажам. Добив огромна поддршка и многу позитивни пораки. Можеби некој мислел и поинаку и не смогнал сила во тој момент да ми пише од какви било причини, а верувам дека и кај многу луѓе имало зачуденост од оваа моја одлука. Но, секој што подобро ме познава како личност, знае дека никогаш, ама никогаш нема да донесам избрзана одлука, дека таа одлука сум ја донела врз сеопфатна анализа и дека истата ќе ја бранам одговорно.

ДВ: Тогаш, зошто таква изненаденост кај претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од вашето гласање, кога вие и од собраниската говорница јасно се заложивте пратениците да учествуваат во собраниската дебата?

Навистина не знам. Доколку секој кој го следел моето обраќање во Собранието, каде искрено се потрудив да дадам сеопфатна анализа на цлокупната состојба со еден критички осврт, секој можел да заклучи дека имам јасен став, а тоа е дека треба да отвориме дебата. И нема ништо лошо во тоа. А, треба да се запрашаме зошто некој не сака дебата и бега од тоа? И од кои причини? Јас за овие мои ставови и размислувања сум разговарала и со мои колеги пратеници, и со многу други личности и високи функционери од мојата партија. Со претседателот Христијан Мицкоски, исто така, во многу наврати  сум разговарала во оваа насока, и сум повикувала на неопходност од сериозност за ова прашање, од анализа на целокупната состојба и неопходност од дебата - и во нашата партија, и во пратеничката група. И сум изненадена и зачудена зошто се бега од тоа и сето тоа не се прифаќа.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Вашата, и одлуката на дел на колегите, Мицкоски ја стави во директна зависност со обвиненија од ЈО или СЈО. Партијата обвини и за обиди за поткуп со високи суми , кои власта ги демантираше, а тоа го демантираа и вашите колеги кои не гласаа во петокот. Со што од ова можете да се носите, со што не?

Со сѐ можам да се носам, бидејќи сите тие обвинувања не се точни и во целост ги отфрлам. И во таа насока, сакам да ги повикам сите оние кои имаат каков било сомнеж или информации за мене лично, да ги пријаваат до надлежните институции. Не можам да разберам како може да не се почитува некој кој има свое мислење, па и да е различно од другиот. Почитувам критика, бидејќи само на тој начин можеме да бидеме искрени пред самите себе и пред граѓаните. Мојот влог во партијата е огромен, и како активен член, и како поранешен функционер - министер за култура.

ДВ: Се уште не легна правот од исклучувањето на вашaтa пратеничка седумка, а следуваа уште две исклучувања и две разрешувања. Како го доживувате тој чин?

Сметам дека одлуката е непринципиелна, избрзана, повторно без да се слушне ставот на другиот, и без да се даде образложение за таа одлука. На секого треба да му биде јасно дека на оној што во срце и душа ја носи идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе потенцирам - и како семејна традиција, никој не може тоа да му го забрани и да му го одземе. Идеологијата е многу посилна од какви било исклучувања и неиздржани одлуки. 

ДВ: Има ли кадровски капитал во ВМРО-ДПМНЕ, некое јадро кое навистина може да иницира демократски реформи во партијата?

ВМРО-ДПМНЕ е партија со огромен потенцијал. Тоа се потврдило и во минатото и во сегашноста, а убедена сум дека и во иднина така ќе биде. Има потенцијал, и кадровски и морален и вредносен. Треба да имаме почит кон секој наш член, симпатизер и кон секој што и мисли добро на нашата партија и се согласува со основните принципи и постулати врз кои таа се заснова. ВМРО-ДПМНЕ е партија која некој ја создал, ја градел ја негувал и никој, буквално никој, не може да си зема право да ги отфрла сите оние кои имаат каков било став поразличен од некој друг. Напротив, треба секој став да се почитува, па макар и да е празличен од оној кој навистина нема став, или се двоуми од било какви лични интереси да го презентира јавно и истиот да го брани. Се ќе си дојде на виделина. Ако некој мисли дека ќе се скрие зад некого или нешто друго, се излажал. Историјата некој ја пишувал, но и ние сме тие кои со нашите постапки ја пишуваме историјата за идните генерации.