1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Емануел Макрон под притисок поради скандалот со Убер

БГ /АФП
12 јули 2022

Францускиот претседател Емануел Макрон е под притисок да ги објасни своите врски со такси апликацијата Убер во периодот додека бил министер за економија.

https://p.dw.com/p/4Dz6B
Themenbild | Internationales Netzwerk investigativer Journalisten | EINSCHRÄNKUNG

Во периодот од 2014 до 2016 додека бил министер за економија, Емануел Макрон одржал серија непријавени состаноци со првите луѓе на Убер. Францускиот весник „Л'Монд“ пишува дека Макрон постигнал „таен“ договор со Убер за регулирање на услугите на компанијата на директна штета на постојните традиционални такси компании.

Опозициските пратеници во Париз остро го критикуваа актуелниот претседател, обвинувајќи го за „лобирање во служба на странски приватни економски интереси“. Францускиот претседател бил „идеолог на дерегулација и за глобализациј“, критикува опозицијата од крајниот лев и десен спектар во Франција. Опозицијата бара и парламентарна истрага за претседателот, која може да се покаже засрамувачка за Макрон кој веќе го загуби парламентарното мнозинство. 

Uber Files
Протечената колекција на документи од Убер ја илустрираат етички проблематичната и потенцијално нелегална тактика која ја користела компанијатаФотографија: ICIJ

Во периодот кога Макрон беше министер за економија, претседател на државата беше Франсоа Оланд. Од неговата канцеларија во понеделникот демантираа дека имале сознанија за состаноците на Макрон со Убер. 

„Повеќе партнер“ 

Според медиумските извештаи, со „тајниот договор“ Макрон се согласил да му помогне на Убер да го заобиколи законодавството донесено во 2014 година за регулирање на такси услугите на, тогаш, новата апликација. „Л'Монд“ го опишува Макрон како „повеќе од поддржувач, речиси партнер“ на Убер во текот на 17 состаноци кои тој и неговите советници ги одржале со првите луѓе на компанијата. Во тој период, Убер бил под истрага за своите деловни активности кои биле спротивни на француските социјални закони. Од Убер Франција потврдија за агенцијата Франс Прес дека комуницирале со Макрон додека бил министер за економија.

Во понеделникот, повеќе светски медиуми објавија протечена колекција на документи од Убер кои ја илустрираат етички проблематичната и потенцијално нелегална тактика која ја користела компанијата за да се прошири низ светот пред една деценија. Медиумските истражувања се темелат на 124.000 документи на Убер од периодот 2013-2017 година кои дошле во посед на британскиот весник Гардијан од каде потоа биле споделени со други медиуми.