1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган против Бемерман: Кршењето табуа како опсесија

Кристоф Хаселбах / превод: ЕМФ13 април 2016

Навредливата критика на германскиот сатиричар Јан Бемерман на сметка на турскиот претседател Ердоган не беше ниту неопходна ниту храбра, туку беше евтино самоинсценирање, оценува Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/1IUK4
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen Getty Images/AFP

Колку далеку сакаат уште да одат сатиричарите во име на слободата? Стиховите на Бемерман против турскиот претседател Ердоган се најпримитивното и највулгарното нешто што е емитувано на една од радиотелевизиите од јавниот сервис. Германските домаќинства инаку принудно плаќаат за нивно „основно финансирање“. Ако песната ја земеше на заб исклучиво политиката на Ердоган, тогаш немаше да има што да се забележи. Но, што требаше да се постигне со редењето лични навреди без каков и да е контекст и врска (има секс со животни, смрди, тепа девојчиња)? Пречекорување на границите само за да бидат пречекорени?

Во никој случај не е од помош фактот што Бемерман со својата навредлива критика реагираше на провокацијата на Ердоган, кој пак се налути поради една друга, многу поблага сатира од Германија. Исто така не е од помош ниту тоа што Бемерман најави дека ќе направи нешто што е забрането. Дали со вакво укажување отсега секој, на пример, може да подбуцнува против странци, затоа што поттикнувањето омраза ја ставил во некаков сатиричен контекст?

Двоен морал

Чудно е што многу новинари кои инаку се возбудуваат поради секаква критика на сметка на Турците во Германија, немаат проблем со тоа што сега еден колега на најлош начин лично навредува еден многу посебен Турчин во Анкара и притоа наголемо се служи и со антимуслимански чувства. Како може да се жалиме поради сѐ побруталниот јазик кога се зборува за миграцијата, а во случајов да се слави?

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Целата работа воопшто нема врска со храброст. Турските сатиричари и при многу побезопасна критика на претседателот би завршиле најверојатно во затвор. Бемерман во заштитената Германија нема многу од што да стравува, иако теоретски му се закануваат три години затвор поради навреда на странски лидер. Но, дотаму нема да се стигне во никој случај.

Напротив, медиумите го издигнуваат во маченик откако Ердоган побара кривично гонење и со тоа ја стави под притисок германската влада која би морала да даде дозвола за постапка. Дури и германските политичари кои сега на политичко-дипломатско ниво мора да ги сносат последиците од настапот на Бемерман, сакаат надвор од границите на сатирата да избегнат каква и да е конфронтација со медиумите. На левата страна на политичкиот спектар дури со задоволство се тријат рацете поради дилемата на Меркел.

Ова не е прашање на државен резон

Кога станува збор за прашањето што смее сатирата во Германија - за среќа - не се работи за државен резон. Затоа воздржаноста на политичарите е добар знак. За среќа, не одлучува политиката каде лежат границите на сатирата, и за среќа судовите, кога ваков случај ќе заврши кај нив, одмеруваат и пресудуваат воздржано.

Но, сатиричарите и новинарите треба да се прашаат самите: ако кршењето табуа стане опсесија, дали не станува збор можеби за нешто друго, а не за пубертетско самостилизирање? И, иако аплаузот за тоа практично следува автоматски, тука нешто не е во ред. Да се преиспитуваш не штети никогаш. Сатирата смее многу, но не мора сѐ.