1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган ќе мора да попушти

Седа Сердар
17 август 2018

Падот на турската лира го принудува на акција претседателот Ердоган. Дипломатската кавга со САД би можела да го принуди да ја проголта својата суета и да го ослободи американскиот пастор, смета Седа Сердар.

https://p.dw.com/p/33IPc
Türkei Ankara Rede Erdogan
Фотографија: picture-alliance/Xinhua/Turkish Presidential Palace

Притисокот врз турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган расте од ден на ден. Стопанската ситуација нагло се влошува, конфликтот во Сирија не е решен. Сега уште и кавга со САД околу американскиот пастор Ендрју Брансон, но и околу одбивањето на американците на Турција да и ги испорачаат најмодерните воени авиони, откако Турција претходно купи руски противавионски системи.
Наместо да побара конструктивно решение, Турција ги зголеми царините на одредени американски производи. Сепак, на крајот на Ердоган нема да му преостане ништо друго туку да го стори она што инаку не го прави- да попушти и да му дозволи на американскиот пастор да отпатува дома.
Трамп бара од Анкара веднаш да го пушти на слобода Брансон кој веќе две години не може да ја напушти Турција под сомнеж дека шпионирал и учествувал во пучот. Најпрво беше во истражен затвор, а сега е во домашен притвор. Ердоган не сака да го пушти на слобода бидејќи наумил да го размени за Фетула Ѓулен кој живее во егзил во Пенсилванија. Турскиот претседател смета дека Ѓулен е организатор на пучот од 2016.

Seda Serdar Kommentarbild App
Седа Сердар

Во меѓувреме, Ердоган почна да размислува и за алтернативи на турско-американското пријателство, доколку проблемите не се решат. Но, тоа не е реално. Ни Русија, ни Кина не се алтернативи за традиционалното партнерство со Западот. Затоа што тоа би било во спротивност со модерните вредности на Турција, земја која се уште се нарекува демократска и формално се залага за слобода на мислење и изразување.
На Турција и е потребен Западот, но и таа на Западот. Европа тоа го знае многу подобро од Вашингтон. Кога регионот е нестабилен, Европејците први ги чувствуваат последиците, а не САД од онаа страна на Атлантикот. Целта на Турција мора да биде да остане силен партнер на Западот. Можеби западните нации во очите на Турција не изгледаат секогаш како најдобри пријатели, но тие се важни партнери во стратешките безбедносни прашања.
Секако, на Турција и се потребни добри врски со Русија и со Кина. Не е тајна дека Ердоган најдобро се чувствува на исток. Но Турција треба да биде внимателна кога гради односи со тие автократски режими.
Во нестабилниот регион на Анкара и се потребни партнерите од Северноатлантскиот пакт, како што им е и Турција потребна ним. На Ердоган му е тоа јасно. Пасторот Брансон во тој поглед не е воопшто битен- тој е симбол на одмерувањето на силите меѓу Ердоган и Трамп. Тој дипломатски конфликт и носи штета на Турција.
САД и Турција се сојузници во НАТО и тоа така и ќе остане. Но, доколку случајот Брансон не се реши, тензиите ќе растат, а политичката клима во Турција ќе остане нестабилна. Колку побрзо Ердоган го пушти Брансон да оди дома, толку подобро за сите, а пред се за Анкара.