Санкции против Белорусија
22 јуни 2021Луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн во ЕУ е особено ценет поради својата отвореност. Тој изговара реченици како „Сталинизмот и државниот терор немаат веќе место во 21. век“. И, за сега воведените економски санкции против режимот во Белорусија нагласува дека тие би требало „да болат“,
ЕУ со својот вчерашен заклучок покажува дека може кога сака - укажување во насока на обвинувањата за беззаба колебливост на европската надворешна политика. Овојпат, меѓутоа, Луксембуржанецот може да биде задоволен од единството и подготвеноста за дејствување на своите колеги.
Мерки против централните стопански гранки
Забраните за извоз и блокадите сега се насочени против седум стопански гранки каде владеат државни претпријатија и кои, според проценката на ЕУ, придонесуваат за одржување на режимот на Лукашенко. Така, треба да биде запрен извозот на индустријата за ѓубрива и калиева сол, која е една од најважните извозни индустриски гранки во земјата.
Повеќе:
Фотографија на денот: Воздушен „нокаут“ за Лукашенко – ЕУ забрани прелети на белоруски авиони
САД го казнуваат Лукашенко, Путин му дава поддршка
За да се казни Лукашенко, треба да страда белоруската економија
Погодени се и петрохемискиот сектор, извозот на тутун, финансиски услужни дејности и добра за двојна намена (цивилна и воена, н.з.) кои досега не беа опфатени со постоечкото ембарго на оружје, како на пример технологијата за надзор. Освен тоа, со забрани за влез и замрзнување на имотот би требало да се казнат претставници на белоруското раководство кои се одговорни за принудното приземјување на авионот на Рајанер. Со оваа казнена мерка би требало да бидат погодени околу 160 лица.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас по средбата изрази големо задоволство од договорените санкции и оцени дека тие многу ќе ја погодат економијата на Белорусија зашто се насочени кон државни претпријатија кои го финансираат режимот. „Тие треба да пресушат“, рече Мас.
Сите заедно, вклучително и Австрија
Минатата недела изгледаше како да има отпор за одредени заклучоци за санкции. На средбата на амбасадорите на земјите членки во ЕУ како земја која блокира се покажала Австрија. Меѓутоа, по ваквите информации, австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленбер демантираше и рече дека намерата на австриската влада никогаш не била да застане против економски санкции. Напротив, Австрија, според него, покажала јасен став за санкциите во воздухопловството. Се разбира, со новите економски санкции не треба да се погоди цивилното општество и малите приватни фирми, туку само претпријатијата блиски до државата. Извештаите дека Австрија сакала да гласа против казнени мерки едноставно се „неточни“, рече Шаленберг. Треба да се има предвид и дека санкциите треба да имаат цврста правна основа, зашто Европскиот суд досега честопати морал да заседава во врска со слични прашања.
Австрија е особено многу ангажирана во Белорусија и од санкциите ќе бидат погодени 80 домашни компании. Австрија, по Русија, е најголем странски инвеститор во Белорусија. Осумдесет проценти од странските кредити во Белорусија се од австриски банки, а со белорускиот Телеком управува А1 Австрија. Значи, од сите европски држави Австрија ќе биде најмногу погодена од договорените санкции.
„Јазик на моќта“
Наместо симболично боцкање, конечно има „сериозни санкции“, оцени Рајнхард Битикофер од Зелените во Европскиот парламент. Се разбира дека нема санкции кои воопшто не би погодиле земји од ЕУ. „Не можете да подготвите омлет, без да скршите јајца“, вели Битикофер. Освен тоа, додава тој, сега донесените санкции не се последни. Според Битикофер, можен нареден чекор против режимот во Минск е исклучување од меѓународното СВИФТ-плаќање. Сепак, политичарот на Зелените е задоволен што Европа конечно зборува со „јазикот на моќта“.
На средба со министрите за надворешни работи на ЕУ, опозициската лидерка во егзил Светлана Тихановскаја предупреди дека е можно владата на Белорусија да се обиде од Европејците да издејствува размена на одделни политички затвореници со бизниси. Тихановскаја одамна бара поостри санкции против режимот во Минск и изрази задоволство по заклучоците на ЕУ. Кон новите ЕУ-санкции ќе се приклучат и Лондон и Вашингтон, како и канадската влада, беше соопштено вчера попладне.
Повеќе:
Лукашенко – уште еден силеџија пред портите на Европа
Гангстерите во Белорусија и правилата на светскиот поредок
Во меѓувреме, Европската народна партија во Европскиот парламент бара меѓународен трибунал против Александер Лукашенко поради злосторства против човештвото. Шефот на пратеничката група на Европската народна партија, Манфред Вебер, потсетува на уште еден обид за уцена од страна на режимот во Минск, кој испраќа илегални доселеници преку границата со Литванија со цел да го стави Вилнус под притисок. Вебер на Твитер напиша дека тој дава поддршка за „мобилизација на персонал на Фронтекс“ во дадениот случај и оцени дека Лукашенко не може да одлучува кој смее да влезе во Европа, а кој не.