1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ во потрага по работни места за младите

Бернд Ригерт / Елизабета М. Фиданоска8 октомври 2014

Берлин и Париз во 2013-та, а сега Милано - ЕУ по трет пат одржува самит против невработеноста на младите. Проблемот притиска, а досегашните резултати се слаби.

https://p.dw.com/p/1DRux
Фотографија: picture-alliance/dpa

Италијанскиот премиер Матео Ренци по извесни нејаснотии околу терминот, на крајот сепак испрати покани за третиот самит на ЕУ против невработеноста на младите. Тој се одржува денеска (8.10) во Милано, иако дел од земјите членки на ЕУ се сомневаат дека уште еден самит ќе донесе некаков напредок за надминување на проблемот. Дипломати на ЕУ во Брисел велат дека шефовите на држави или влади на ЕУ не патуваат радо на вакви собири ако по нив не можат да соопштат позитивни вести.

Ренци ја стави борбата против невработеноста во фокусот на претседавањето на неговата земја со ЕУ. Нему му е потребна поддршка од Европа, со оглед на тоа што во моментов се обидува да ја протурка реформата на пазарот на работна сила во Италија и покрај отпорот на синдикатите и делови од неговата Социјалистичка партија. Италијанскиот премиер се обидува да издејствува олабавување на правилата за отказ, за да се олесни вработување млади работници.

На самитот во Милано, според однапред постигнатиот договор, ќе биде направен само биланс на состојбите. Нема да има нови иницијативи, ниту ќе бидат ветени нови финансиски средства. Високи претставници на германската влада велат дека не треба да се очекуваат заклучоци.

Што се прави во моментов?

Една од трите иницијативи со кои ЕУ сака да им помогне на невработените млади е „Гаранцијата за млади“. Со нејзе земјите членки на ЕУ се обврзуваат да им понудат работа, пракса или натамошно образување на сите лица на возраст меѓу 18 и 25 години во рок од четири месеци по загубата на работното место или завршување на обуката. За оваа иницијатива на располагање има 10 милијарди евра за сите 28 земји на ЕУ во наредните седум години. „Секој заслужува шанса да најде добра работа или да добие обука за подоцна да најде работа“, вели надлежниот еврокомесар Ласло Андер. Тој ја отфрла критиката дека иницијативата, која е договорена пред една година, трае предолго. „Реализацијата на ’Гаранцијата за млади’ е на добар пат и веќе носи резултати. Ако се спореди со други европски проекти, таа е најбрзиот проект што некогаш сме го имале.“

Laszlo Andor
Ласло АндорФотографија: Aureliusz Marek Pędziwol

Земјите членки на ЕУ досега имаат поднесено планови, кои треба да бидат одобрени до крајот на годинава. Првите пилот проекти во седум земји на ЕУ се веќе почнати. Сето тоа за европскиот пратеник Пол Марфи од Ирска оди премногу бавно. Тој уште пред летната пауза, во една од многуте дебати за невработеноста на младите во Европа, остро рече: „За жал, гаранцијата за младите не вреди повеќе од ветување на некаков сомнителен трговец со автомобили. Вистинската намера не е навистина да се создадат работни места за 5,5 милиони невработени млади, туку повеќе се работи за тоа работните места да се спасат од бирократите.“

Милионите течат се‘ уште капка по капка

Кај „Иницијативата за вработување млади“, договорена исто така пред една година, имаше почетни тешкотии. Додека земјите членки поднесоа барања за добивање средства од ЕУ-фондовите, минаа месеци. „Сега во Милано мора да разговараме зошто е тоа така и да ја забрзаме постапката“, изјави висок претставник на германската влада пред новинарите. Досега средства од оваа иницијатива, тешка 6 милијарди евра, успеале да повлечат само три држави на ЕУ - Франција, Италија и Литванија. Франција со 432 милиони евра сака да ја намали квотата на младите кои го прекинуваат школувањето, да ја поттикне мобилноста на лицата кои бараат работа и да го подобри посредувањето во барањето работа преку агенциите за работа. Италија со 1,1 милијарда евра сака да го зајакне посредувањето во процесот на потрага по работа и да ја поттикне мобилноста и основањето сопствени фирми. Шпанија, која има стапка на невработеност кај младите од 53,8% и Грција со стапка од 53,1% немаат одобрени барања за средства од ЕУ.

Третиот столб во борбата против невработеноста на младите на европско ниво е Европската инвестициска банка во Луксембург. Таа веќе одобри 9,7 милијарди евра за кредити за финансирање на мерките за вработување. Од нив, 7 милијарди евра се влеаја во 80.000 мали и средни претпријатија кои создаваат работни места или нудат дополнително образование низ работа.

Infografik Jugendarbeitslosigkeit in der EU Juni 2014
Невработеност на младите во ЕУ (јуни 2014)

Не се доволни само пари

Меѓународната организација за труд (ИЛО) оценува дека ЕУ се‘ уште издвојува премалку средства за да ја намали невработеноста на младите. Досега преземените мерки имаат само мал ефект, признава Европската комисија во својата последна анализа од средината на септември. Експертот на ИЛО Екехард Ернст уште пред неколку месеци за ДВ рече: „Средствата кои стојат на располагање не се доволни за надминување на проблемот. Стапката на невработеност на младите се намали пред се‘ затоа што се намали и општата стапка на невработеност. “

Висок претставник на германската влада, кој е на самитот во Милано, оценува дека повикот за повеќе пари е погрешен. „Се‘ додека не се знае како ќе се распределат постоечките средства, не се поставува ниту прашањето за повеќе пари.“

ЕУ нема поставено ниту цел, односно не е определено колку треба да се намали стапката на невработеност на младите со постоечките средства од ЕУ-фондовите. Проекциите на ЕК велат дека при слаб економски пораст намалувањето на невработеноста во наредните две години ќе биде толку мало, што нема да биде вредно за спомнување.