1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го толерира Груевски - како вратар

Нцц/Ж.А.27 април 2016

„Никола Груевски, Александар Вучиќ, Мило Ѓукановиќ...Медиумите им се потчинети, правосудството немоќно наспроти омнипотентната извршна власт. Може да се зборува за управувана демократија“, пишува Ноје цирхер цајтунг.

https://p.dw.com/p/1IdOW
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

На ЕУ и‘ се потребни „авторитарните балкански кнезови“ и затоа речиси воопшто веќе не ги критикува, почнува анализата на Андреас Ернст, дописникот на Ноје цирхер цајтунг за Балкан. „ЕУ на Балкан долго играше улога на учителка по демократија. Променетата геополитичка ситуација сега е повод за Брисел во нестабилниот регион повеќе да се потпира на авторитарните политичари“, пишува Ернст. Тој потсетува како почна: на 23 јуни 2003. година на самитот во Солун на републиките од бивша Југославија и на Албанија им беше ветена европска перспектива. „На видикот се појави иднина која, благодарејќи на реформите во државата, економијата и општеството, ветуваше благостојба и сигурност. Пресвртот не би дошол нагло, во сепак би се случиле севкупни промени во правец на подобар живот. Регионот зад себе остави ужасна деценија. Југославија крваво се распадна. Тоа значеше уништување или прогон за стотици илјади луѓе.“

Следеа подобри години, во Брисел се веруваше дека е најден метод „Балканот да се одлободи од заостанатоста. Процесот на проширување воедно требаше да биде и извоз на демократија. Оттогаш, редовно се врши евалуација на напредокот и тој се документира во извештаи. Додуша, овој педагошки дијалог се води исклучиво со политичките елити. Граѓанските општества се едвај вклучени во него. Методот не спречи владите на Балкан да стануваат се‘ поавторитарни, на чело со семоќни политичари како Никола Груевски во Македонија, Александар Вучиќ во Србија, Мило Ѓукановиќ во Црна Гора. Медиумите им се потчинети, правосудството немоќно наспроти омнипотентната извршна власт. Може да се зборува за управувана демократија.

ЕУ посветува се‘ помалку внимание на тој демократски дефицит. Во светлина на криза на еврото, украинската и бегалската криза, ЕУ се сврте кон реалполитика. Наместо да ги ограничи балканските кнезови поради нивното самоволие и газење на правото, ЕУ ја цени нивната лојалност. Александар Вучиќ и Хашим Тачи гарантираат ’ладен мир’ меѓу Белград и Приштина, кој го избоксува ЕУ. Мило Ѓукановиќ го турка влегувањето во НАТО, наспроти проруската опозиција. А Никола Груевски стана вратар на ЕУ, кој на грчката северна граница го запре бегалскиот бран на Балканската рута“, пишува Ернст, заклучувајќи: „Наместо со политика на проширување, ЕУ се занимава со детално пресметана реалполитика. На моќниците на Балкан притоа не им пречи што европските интеграции не напредуваат. Напротив. Тие најкомотно живеат во чекалницата на ЕУ. Таму, во бледиот сјај на своите ѕвезди, тие симулираат реформи.“

Во прилог на текстот, весникот покрај на останатите балкански лидери-автократи, дава и портрет на Груевски:

„Во 1998. година тој настапи како технократ: работлив министер за финансии, чии даночни реформи во Македонија му донесоа популарност. Во 2003. година Груевски го презеде водството над национал-конзервативната партија ВМРО и во 2006. година стана премиер. Оттогаш ги добива сите избори. 2008. година претставува пресврт. Грција, која во уставното име на Македонија гледа територијални претензии врз својата истоимена провинција, го блокираше пристапот на Скопје во НАТО. Атина веќе десет години го спречува и приемот на земјата - кандидатка Македонија во ЕУ.

Она што можеше да биде пораз за премиерот, Груевски го искористи за своја идеолошка промена, која го зајакна. Тој се стилизираше себе си во бранител на нацијата, загрозена од подмолните соседи и внатрешните непријатели. Мнозинството му верува, поради тоа што и медиумите се држат строго под контрола. Скандалот, излезен на виделина на почетокот на 2015 година, покажува дека опозицијата и критичарите биле масивно шпионирани од државата. ЕУ се вмеша, во јуни треба да се одржат нови избори. Шансите за реизбор на Груевски се добри.

Во тоа помага тоа што бегалската криза ја издигна Македонија во ’Тврдина на Европа’. На нејзината јужна граница полицајци од различни држави од ЕУ ги поддржуваат македонските војници во затворањето на Балканската рута. Виена и Будимпешта го фалат придонесот на македонската влада за стабилноста на континентот. А надворешно-политичкиот оддел на ЕУ во еден интерен документ на земјата и‘ издава потврда за постоење доволно силни институции. Во очите на Европа, Груевски се рехабилираше барем како вратар,“ пишува Ноје цирхер цајтунг.