ЕУ заморена од проширување - за Западен Балкан се’ потешко
8 ноември 2011Сепак, од Полското претседателство со ЕУ очекуваат дека Хрватска, Црна Гора и Србија од 2011-та година ќе направат успешна година за политиката на проширување. Иако политиката на проширување се наоѓа во самата основа на создавањето и развојот на ЕУ, постои сфаќање дека проширувањето и’ создало проблеми на Унијата, како и дека ослабнала перспективата на она што им е ветено на земјите од Западен Балкан на Самитот во Солун во 2003-та година, кога им беше јасно дадено до знаење дека се дел од Унијата.
Стефано Санино, генерален директор за проширување во Европската комисија, вели дека меѓу моменталната криза во ЕУ и проширувањето не постои јасна причинско-последична поврзаност, но сепак додава дека самиот процес на влез во заедницата на европските земји денес е се' поизискувачки и покомпликуван.
„Делумно тоа е така поради политички причини и тоа нема да го кријам. Постои чувство на тешкотија, кое во земјите членки е генерирано преку претходните проширувања. А, научивме извесни лекции и од начинот на кој тие проширувања беа спроведени“, вели Санино.
Покомплицирано за земјите од Западен Балкан
Во Брисел нагласуваат дека европскиот пат на Хрватска, која до крајот на годинава би требала да го потпише пристапниот договор со ЕУ, бил потежок во однос на претходниот бран проширувања, но и дека ќе биде уште покомпликуван за други земји од Западен Балкан, кои одат по патот на приближување кон ЕУ. И додека во Европската комисија избегнуваат да ја споменат фразата „замор од проширување“, членката на Европскиот парламент, Улрике Луначек, смета дека тој израз има свое оправдување.
„Мислам дека тоа е факт и дека не се однесува толку многу на развојот на ситуацијата на самиот Балкан, туку во голема мера заморот е поврзан со зголемувањето на социјалната несигурност внатре во ЕУ, но и со ефектите од проширувањето од 2004-та и 2007-ма година, кога според моето мислење недоволно ’притиснавме’ некои од новопримените земји да ги исполнат сите предуслови“, забележува Луначек.
Европратеничката додава и дека понекогаш и „други работи“ блокираат некои нови чекори на земјите на патот на евроинтеграциите. Тогаш во прашање не е загриженоста на земјите членки на ЕУ поради исполнувањето на конкретни услови, туку генералниот став кон прашањето на проширувањето или, пак, влијанието на тоа прашање на изборните резултати во поединечни европски земји.
2011-та сепак успешна за Западниот Балкан?
Во ситуација кога земјите членки на ЕУ се тие кои носат конечна одлука по прашањето на следните чекори во процесот на евроинтеграциите на земјите од Западниот Балкан, од Комисијата порачуваат дека и за време на составувањето на извештаите за напредок и за своите препораки се консултирале со членките на Унијата.
Од Полското претседателство со ЕУ велат дека расположението меѓу земјите членки е „мешано“, но и дека тие сепак очекуваат успешен крај на годината, кога се во прашање евроинтеграциите на Западен Балкан.
Артур Харазим, директор за европска политика во полското министерство за надворешни работи, најавува дека за регионот ќе се разговара и на Советот на министри за надворешни работи, закажан за 5. декември, како и на Самитот на лидерите од ЕУ, закажан за 9. декември.
„Верувам дека Европскиот совет ќе може да донесе одлука за кандидатскиот статус на Србија. Уште постојат некои отворени прашања и проблеми, но имаме уште неколку недели да работиме на тоа заедно со Комисијата, земјите членки и Србија“, вели Харазим.
Во Брисел заклучуваат дека убедливите и квалитетни резултати за сите страни во процесот се единствениот начин за успешност на продолжувањето со проширувањето на ЕУ.
Автор: Марина Максимовиќ / Александар Методијев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска