1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во борба против хибридните закани

7 октомври 2017

ЕУ и НАТО се здружија во борбата против хибридните закани на северот на Европа. Во денешно време, не само тенковите, туку и твитовите може да се сметаат за воено оружје.

https://p.dw.com/p/2lCgp
Nato Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Naupold

Хибридните закани барат хибриден отпор, поради што ЕУ и НАТО го основаат првиот заеднички центар за борба против оваа повеќекратна опасност. Ова е центар во кој се комбинираат класични воени техники и одбранбени сценарија, како и одбрана од напади од нови технологи, како на пример компјутерски програми заразени со вируси или ботови. Новиот „Центар за извонредност“ се наоѓа во Финска, која е членка на ЕУ, но не и на НАТО, и тој официјално беше отворен од страна на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг и Високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини.

НАТО има вкупно 24 вакви центри, но овој е првиот кој е заеднички со ЕУ. Единаесет европски нации, меѓу кои и Финска и плус САД го поддржуваат овој проект.

Што се хибридни закани?

Јенс Столтенберг се потруди за време на отворањето да појасни колку е тешка борбата против хибридните закани – иако постојат од времето на „Тројанскиот коњ“: „Тие се спој од воени и не-воени агресии, една мешавина од отворени и тајно изведени операции.“ Без разлика дали притоа се работи за пропаганда или целно презентирана дезинформација, спроведена од војници во униформа или од компјутерски програми.

Според Столтенберг, она што се променило во последниве години се обемот и брзината на ваквите напади. Затоа е многу важна оваа заедничка иницијатива на НАТО и ЕУ. Институцијата постојано ќе ги анализира сите видови на вакви напади кои се случуваат во Европа и САД и ќе развие стратегија како најдобро да се справи со нив.

NATO Mogherini und Stoltenberg
Могерини и Столтенберг на отворањето на Центарот за извонредностФотографија: NATO

Зошто Финска?

Финска многу подобро се справи со предизвиците во минатиот век од своите соседи. На пример, во триесеттите и четириесетитте години си ја задржа својата независност во однос на Советскиот сојуз, додека голем дел од регионот потпадна под руското влијание. Малата држава дури беше и критикувана за начинот на кој одржува мирни односи со агресивниот сосед, но сега оваа земја која не е членка на НАТО добива пофалби за тоа како го држи Кремљ настрана додека длабоко се интегрира со останатиот дел на Европа.

Иницијативата за креирање на ваков центар е на Финска. Финскиот претседател Саули Ниинисто на отворањето рече дека неговата земја е среќна што ќе им помогне на останатите земји да се справат со заканувачките сценарија: „Човек мора да задржи студена глава. Многу закани на почеток не изгледаат толку големи како што во суштина се. Понекогаш се плашам колку бргу се пали алармот". Потенцијалот од закани во регионот околу Финска е доволна причина за да се делува: „Ако избие војна во Балтичките земји, тоа ќе значи Трета светска војна“, рече Ниинисто во Хелсинки. Затоа, додаде Ниинисто, тој не верува дека ќе има војна. Сепак, нагласи дека ЕУ мора да работи на тоа да осигура долгорочна безбедност на своите граѓани. Со оглед на тоа дека Финска не е дел од НАТО, таа е една од најсилните претставници во изградбата на безбедносната и одбранбената стратегија во ЕУ.

Центарот за опасност самиот во опасност

Уште неотворен центарот се соочи со закана. Креирана е веб-страница со речиси идентично лого како на Центарот, на интернет адреса која завршува со „.ru". Таа шири лажни вести преку социјалните мрежи. Лажната компанија, која најверојатно работи од Русија, организираше и дебата во Хелсинки на тема „Конфликтот во Источна Украина". Еден нивен твитер акаунт е замрзнат, но дел од троловите сѐ уште се активни. Експертите не се сигурни дека нема да има и други лажн верзии на оваа веб-страницаа, но од друга страна - тоа не треба да биде причина за голема загриженост, доколку се откриваат навреме, како што беше случајот со последната руска лажна страница.