Милијарди за Турција и за Западен Балкан
4 јуни 2021„Турција, исто така, може да смета на финансиска помош од Брисел во иднина. Тоа би требало да ја приближи земјата кон ЕУ и да ја финансира турската помош по прашањето за изолација на ЕУ од бегалците. Тоа произлегува од нацртот на т.н. претпристапна помош, за која државите членки на ЕУ се договорија во средата вечер со Европскиот парламент.
Во согласност со овој договор до крајот на 2027 година околу 14,2 милијарди евра ќе бидат достапни за пристапување во ЕУ. Покрај Турција, помош би требало да добијат и балканските држави, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија. Тие официјално имаат перспектива за прием во ЕУ. Европската комисија соопшти дека станува збор за позитивен сигнал. Еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, го нарече тоа и 'солидно вложување во иднината на ЕУ', пишува весникот Тагесцајтунг.
Бројни отворени прашања
„Меѓутоа, договорот, кој дури треба да биде преточен во правна форма, а потоа мораат да го одобрат Советот на министри и Парламентот на ЕУ, отвара бројни прашања“, оценува Тагесцајтунг. На пример, Европскиот парламент во неколку наврати се изрази исклучително критички кон Турција и за нејзините изгледи за пристап.
Повеќе:
-ЕУ-Турција: Пет години договор за бегалците
-Германија и Франција „цврсто посветени“ на европската перспектива на Западниот Балкан
-„Во интерес на ЕУ е економски да ги поддржува земјите од Западен Балкан“
Во спорот околу природниот гас меѓу Грција и Кипар минатата година речиси изби воен кофликт. Најголемата парламентарна група, Европската народна партија, во која припаѓаат и германските ЦДУ/ЦСУ, се изјасни за прекин на пристапните преговори со Турција. Всушност, преговорите со години се на чекање.
Сепак, сите главни парламентарни групи сега го одобрија финансискиот пакет, а со него и продолжување на пристапните приговори“, пишува Тагесцајтунг.„Зад тоа стои надеж дека финансиските средства уште повеќе ќе бидат поврзани со начелата на ЕУ, како владеење на законите и демократијата. Советот на министри и Европската комисија нагласија дека средствата треба да бидат доделени врз основа на реални реформски напори, само ветувања веќе не би требало да бидат доволни“.
Во последните години ЕУ ја поддржа Турција со милијарди евра за да ги задржи сириските бегалци во земјата и така ги спречи да го продолжат патот кон Европа, пишува Тагесцајтунг. Берлинскиот весник наведува и оти меѓутоа е „нејасно“ колку пари од финансискиот пакет, од тие 14,2 милијарди евра, ќе бидат издвоени за бегалците, односно „за одбрана од нив“. ЕУ, исто така, сака на „заштита“ од несаканите бегалци да се обврзе и Западен Балкан. Пред сѐ, „Босна и Херцеговина и Косово по тоа прашање би требало да направат повеќе“.
Германскиот политичар Дејвид МекАлистер оцени оти ова се „одлични вести“. На тој начин на проширувањето на ЕУ, како што рече, „му се придава стратешка важност“, иако помошта од ЕУ, исто така, мора да служи за преовладување на пандемијата на коронавирусот и нејзините последици. Инаку, така гласи загриженоста, би можело уште повеќе луѓе од порано да тргнат на пат кон Европа“, пишува Тагесцајтунг.