1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ му дава домашни задачи на Балканот

Бернд Ригерт
9 март 2018

Во 2025 година Србија и Црна Гора би требало да ѝ пристапат на ЕУ. Но дотогаш неопходно е да се стори многу во сузбивањето на криминалот и корупцијата.

https://p.dw.com/p/2u0bI
Flaggen Westbalkan-Konferenz in Berlin 2014
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

По минатонеделната посета на Западен Балкан претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера (8.3.), состанок одржаа  министрите за внатрешни работи на 28 членки ЕУ. Тие ги одобрија акциските планови кои Европската комисија го предлага во својата нова Стратегија за Западен Балкан за можно членство на Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово во Унијата.

Според мислењето на министрите за внатрешни работи на ЕУ, секоја од државите во областите „безбедност и миграција“ би требало да спроведе програма од 14 точки, за поефикасно сузбивање на илегалната миграција, организираниот криминал и трговијата со оружје, но и за овие земји да се приближат до стандардите на ЕУ.

Цела редица задачи

Домашните задачи кои се формулирани во планот се протегаат до 2020 година. ЕУ сака тогаш повторно да испита кои напредоци се постигнати во областите на внатрешна безбедност- земја по земја, точка по точка. Новиот извештај тогаш би требало да покаже кој на кои места мора уште да се потруди. Сето то се случува со поглед на целната 2025 година, на која шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер уште еднаш укажа во Софија, на крајот на својата балканска посета. Доколку сето би се одвивало оптимално, Србија и Црна Гора до 2025 година навистина би можеле да ѝ се приклучат на ЕУ, а Македонија, Албанија, Косово и БиХ би можеле да остварат голем напредок на патот кон приклучување, смета Јункер. „Секаде почувствував дека постои добра волја да се спроведат реформите за пристапување кон ЕУ“, рече Јункер во Софија. „Сите услови мораат да бидат исполнети.“

EU-Kommissionspräsident Juncker in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/abaca/V. Abdul

Повеќе на темата:

-Јункер за ДВ: Македонија разбра, Албанија малку помалку

-Јункер на Балканот за да „охрабрува“

-Западен Балкан: Еден по еден или заедно во ЕУ?

 

Германија против конкретен датум

Ако во некоја од земјите тоа не функционира веднаш, тоа не е враќање на почеток. Остварени се големи напредоци. Меѓутоа, неопходна е, вели Јункер, посилна борба против организираниот криминал и против корупцијата. „Тоа се вистинските болести во овие држави.“ Исто така, сите држави од Западен Балкан би требало да ги запрат своите билатерални конфликти, предупреди Јункер. Така, на пример Србија сѐ уште не го призна Косово како држава, што го отежнува зближувањето во регионот.

Со целниот датум на Јункер, односно со 2025 година, во Брисел не се согласија сите министри за внатрешни работи.

Германски министер во заминување, Томас де Мезиер (ЦДУ), го критикуваше погрешниот редослед на чекори: „Мислам оти не би требало да наведуваме датуми и да велиме дека до 2025 година сѐ мора да биде завршено. Вистинскиот пат мора да биде оној на кој ,земјите кои сакаат во ЕУ, треба да ги исполнат неопходните услови со сопствен труд. Тогаш може да се одлучи дали се подготвени за ЕУ.“

Malta informelles Treffen der EU-Innenminister zu Migration und Grenzsicherung Thomas de Maziere
Томас де МезијерФотографија: DW/B. Riegert

Проекти за сузбивање на криминалот и заштита на границите

Сега во прв ред станува збор за тоа до 2020 година со земјите од Балканот да спроведе акциски план кој опфаќа 14 точки. Меѓу другото се бара:

- во рамки на одбраната од тероризам би требало да бидат поставени национални координатори или Служби за борба против исламска радикализација. Координаторите би требало да бидат вмрежени на подрачјето на целиот Балкан и да соработуваат.

- Во обуката на полициските сили и истражители би требало да помогне агенција на ЕУ, за целно да се дејствува против организираниот криминал, трговијата со луѓе и со дрога. Една од клучните работи би требало да биде сузбивањето на трговијата со оружје.

- Државите од Балканот и полициските служби на ЕУ би требало да формираат заеднички тимови за интервенција, за истрага на злосторства и за идентификација на одговорните.

- Европската полициска служба (Еуропол) отвора канцеларии за врска во сите шест земји, кои сакаат да ѝ пристапат на ЕУ.

- Државите од балканот во целост треба да бидат вклучени во проектот на ЕУ за борба против организираниот криминал, и да присуствуваат на состаноците на истражните служби, кои се вклучени во проектот.

- Во земјите од Западен балкан би требало да бидат назначени и вмрежени национални координатори за подобра контрола на границите, за да се подобри надзорот на границите и да се спречи таканаречената илегелна миграција.

ЕУ ветува поддршка

Министрите за внатрешни работи на ЕУ и Европската комисија се согласуваат дека споменатата реформа и изградбата на инфраструктурата, во секој случај, ќе чини многу. Затоа земјите од Балканот би требало да добијат соодветно голема помош. Еврокомисијата тоа го вети веќе во февруари, при претставувањето на својата Стратегија за Балканот. Шесте балкански земји годинава ќе добијат нешто повеќе од една милијарда евра „претпристапна помош“. Се смета дека износот потрошен меѓу 2007 и 2017 година изнесува вкупно 9 милијарди евра. 

Bulgarien Juncker und Borissov in Sofia
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Напредокот кој Албанија и Македонија веќе го остварија би можел да води кон тоа ЕУ на лето да одреди конкретен датум за почеток на нивните пристапни преговори. Со Србија и со Црна Гора веќе се преговара. Косово и Босна и Херцеговина сѐ уште се релативно оддалечени од тоа, сметаат димпломати на ЕУ. Важно е пред сѐ државите да соработуваат, да не е само ЕУ како партнер кому би требало да се обраќаат.

Бугарија, која во моментов претседава со ЕУ, во мај, во Софија организира самит на земјите од Западен Балкан. Тогаш не само министрите за внатрешни работи, туку и министрите за правда и за финансии би требало да разговараат за напредокот во своите области. Европската унија со земјите од Балканот договори вкупно шест акциски планови во различни области, проектот „безбедност и миграција“ е само еден од нив. „на Запад многу зборуваме за Балканот, но недоволно со Балканот“, истакна шефот на Еврокомисијата Жан-Клод Јункер во Софија, на крајот од неговата посета на регионот. Тоа би требало да се промени најдоцна на самитот во Софија во мај.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија