ЕУ преговори: Топката префрлена кај министрите за надворешни
14 октомври 2019Нема одлука за почеток на пристапни преговори со С. Македонија ниту по вечерашниот состанок на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Брисел. Компромисниот Предлог на актуелниот претседавач со Унијата, Финска за вклучување на новата методологија во преговорите која ја бара Франција во замена за закажување на првата меѓувладина конференција во првата половина на следната година, била одбиена од официјален Париз.
Дебатата за предлогот ќе ја продолжат шефовите на дипломатиите утре во Луксембург, но и таму, шансите за успех не се големи. Проценките на дипломатите се дека конечната одлука ќе остане да ја донесат лидерите на ЕУ на самитот во Брисел кој започнува в четврток.
Македонската влада, во меѓувреме, се одлучи на дипломатска офанзива, па откако во Брисел викендов беше испратен првиот дипломат Никола Димитров, утре ќе му се приклучи и вицепремиерот Бујар Османи, а в среда и премиерот Зоран Заев.
Проблематичен останува и односот на неколку земји-членки кон Албанија. Холандија, Франција, Данска и Шпанија се противат и оваа земја да добие одобрение за почеток на преговорите. Но, во актуелниот предлог на Европската комисија, Скопје и Тирана се предложени во пакет. Една варијанта која ја споменуваа дипломати во Брисел беше одвојување на двете земји, но засега ниту една земја-членка формално не поднела таков предлог.
Очекувањата во Скопје се дека официјален Париз би можел да попушти под притисок на Германија. Одлуката е во рацете на францускиот претседател Емануел Макрон, а германски дипломатски извори веќе најавија дека канцеларката Ангела Меркел ќе се обиде да го убеди во исправноста на одлуката да се даде зелено светло за двете балкански држави. Првата можност за тоа беше вчерашната средба на Макрон и Меркел во Париз, а следната е в среда на заедничката седница на француската и германската влада во Тулуз.