ЕУ самит: Македонија извиси, следна рунда- самитот во Загреб
18 октомври 2019Единствениот заклучок од самитот на ЕУ кој завршува денеска во Брисел се очекува да биде дека „Европскиот совет ќе се наврати на прашањето на проширувањето пред самитот во Загреб“, велат извори на ДВ во Брисел. Од јануари 2020 година Хрватска го презема претседавањето со ЕУ. Според најавите од Брисел, на почетокот на годинава ќе се очекува и францускиот предлог за реформа на преговарачкиот процес.
Според информациите од Брисел, 25 земји членки поддржувале почеток на преговорите со двете балкански земји, две биле за нивно раздвојување, додека Франција се противела на обете идеи. Дипломатски извори тврдат дека Франција ја поддржувала Германија во спротивставувањето да се одвојат Македонија и Албанија, затоа што така полесно ќе го блокира напредокот на обете земји.
„Макрон се демаскираше како популист на темата проширување на ЕУ“, вели неименуван дипломат на ЕУ цитиран од дописникот на вториот канал на германскиот јавен сервис ЗДФ.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров претпладнево преку Твитер ја повика ЕУ дали се уште стои на ветувања од самитот во Солун во 2003 година.
„Најмалку што ни должи ЕУ е да биде искрена со нас. Доколку веќе не постои консензус за европската иднина на Западниот Балкан, доколку ветувањето од Солун 2003 веќе не важи, граѓаните заслужуваат да знаат“, напиша Димитров.
Интензивна и тешка дебата
Лидерите на ЕУ синоќа речиси шест часа безуспешно расправале за отворањето преговори со Македонија и Албанија. Фрустрациите од неуспехот утрово ги манифестираа повеќе премиери на земји-членки.
Некои многу богати држави избегнуваат да си го одржат ветувањето, констатираше утрово пред продолжението на самитот, полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
„Можеме уште многу да зборуваме за тоа да се биде Европеец, но што значи да се биде Европеец доколку не го шириме нашето влијание, не ја прошируваме Унијата?“, рече Моравјецки.
Австриската канцеларка Бригите Бирлајн рече дека неуспехот да им се овозможи почеток на преговорите на Скопје и Тирана е „за жалење“.
„Веќе разменив мислења со двајцата премиери и им го изразив своето разочарување“. И албанскиот и македонскиот премиер се многу разочарани, рече Бирлајн.
Италијанскиот премиер Ѓузепе Конте изјави дека е „многу разочаран“ поради неуспехот. Тој рече дека се надева оти разочарувањето и болката нема да ги фрлат во очај Северна Македонија и Албанија“.
„Италија секогаш ќе биде блиска со нив и ќе поддржи да биде блиска со нив“.
Белгискиот премиер, и иден претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека четврточната дебата за проширувањето била многу „интензивна“ и тешка, но лидерите одлучиле дека е невозможно да се најде компромис.
Според дипломатски извори кои ги пренесува порталот Политико, Мишел не бил многу заинтересиран за проширувањето и ја поддржувал француската позиција.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш рече дека одобрувањето на почетокот на преговорите требало да биде формалност, откако Европската комисија констатирала дека обете земји ги исполнуваат критериумите.
„Им ветивме. Многу сум разочаран“, изјави Бабиш.
Холандскиот премиер Марк Руте ги тешеше владите во Скопје и Тирана со признание за досегашните успеси, но дополни дека обете имаат уште работа со тоа што „листата на задачи е подолга за Албанија“.