1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ со 450 милиони евра ќе купува оружје за Украина

БГ
27 февруари 2022

Нови санкции од ЕУ за Русија. Реакции по одлуката на Путин да ја зголеми готовноста на нуклеарниот арсенал. Киев вели дека нема да отстапи ниту педа на преговорите со Москва.

https://p.dw.com/p/47gji
Урсула фон дер Лајен ЕУ
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Stephanie Lecocq/Pool via REUTERS

Земјите членки на ЕУ во неделата се согласија да одвојат 450 милиони евра за купување оружје за Украина, соопшти првиот дипломат на Унијата, Жозеп Борел. Помошта нема да се сведе само на муниција, туку на Украина ќе и бидат испратени и борбени авиони, рече Борел.

Мерката е дел од сеопфатен пакет за поддршка за Украина и санкции за Русија договорен од 27 земји-членки. Одобрена е и забраната за трансакции со руската Централна банка.

Новите мерки предвидуваат и забрана за емитување на руските пропагандни медиуми Спутник и Раша Тудеј (РТ) на територијата на ЕУ.
„Тие повеќе нема да можат да ги шират нивните лаги за да ги оправдуваат војните на Путин и да сеат поделби во Унијата", изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Воведена е и целосна забрана за прелетување на руските авиокомпании на територијата на сите земји-членки на ЕУ. Санкции ќе има и за Белорусија, која според Фон дер Лајен, е соодговорна за агресијата. 

Жозеп Борел
Шефот на европската дипломатија, Жозеп БорелФотографија: Russian Foreign Ministry/REUTERS

Борел изрази стравување дека Русија нема да запре на Украина, и ги наведе Молдавија, Грузија и Босна и Херцеговина како критични точки. 

Заканите на Путин 

Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го подигне нивото на подготвеност на нуклеарниот арсенал не е изненадување, и нема да го чини ништо Путин, вели пензионираниот американски генерал и поранешен командант на американските воени единици во Европа, Бен Хоџис за ДВ.

Но, користењето на нуклеарното оружје ќе ги чини него и Русија „сѐ“, вели Хоџис.
„Доколку направат таква ужасна пресметка да употребат нуклеарно оружје, без оглед колку мало или големо, тоа ќе ги чини Путин и Русија сѐ“, вели американскиот генерал.

Путин во неделата ги наведе агресивните изјави на лидерите на НАТО и серијата економски санкции, како причина за одлуката. 

Russland | Treffen Putins mit Militärvertretern | Sergej Schoigu & Valery Gerasimov
Владимир Путин на состанок со руските воени лидериФотографија: Alexei Nikolsky/imago images/ITAR-TASS

„Како што гледате, не само што западните држави преземаат непријателски мерки против нашата земја со економска димензија, притоа мислам на илегалните санкции за кои сите многу добро знаат, но и водечки функционери на НАТО држави си дозволуваат да даваат агресивни изјави за нашата земја“, изјави Путин, образложувајќи ја одлуката на руската државна телевизија. 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја оцени одлуката на Путин како „неодговорна“.
„Ова е опасна реторика. Ова е неодговорно однесување“, изјави Столтенберг за СиЕнЕн.
„И секако, доколку ја комбинирате оваа реторика со она што го прават во Украина, напаѓајќи суверена држава, вршејќи целосна инвазија врз Украина, ова ја прави ситуацијата уште посериозна."  

Преговори меѓу Киев и Москва  

Во понеделник, на украинско-белоруската граница ќе се одржат првите директни преговори меѓу украински и руски претставници од почетокот на агресијата на Москва.

Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба порача дека неговата земја нема да попушти пред Русија на преговорите.
„Нема да се предадеме, нема да капитулираме, нема да предадеме ниту сантиметар од нашата територија“, рече Кулеба.
Двете страни се договорија преговорите да се одржат „без предуслови“, откако Москва претходно бараше украинската армија да го спушти оружјето. 

Протести за мир во Берлин 

Повеќе од 100.000 луѓе излегоа на улиците на Берлин во неделата, на протести против руската агресија врз Украина, далеку надминувајќи ги очекувањата на организаторот за 20.000 учесници.  

Deutschland Demo gegen Invasion in der Ukraine in Berlin
Фотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Илјадници луѓе ги пополнија булеварите меѓу Бранденбуршката порта и Столбот на победата. Се вееја украински знамиња, а на транспарентите беа испишани пораки како „Сопрете ја војната“, „Сопрете ја трговијата со Путин“ и „Солидарност со Украина“. 
Властите соопштија дека биле исполнети ограничувањата на капацитетот поради коронавирусот, па просторот за демонстрациите бил проширен и на областа околу паркот Тиргартен.

Протестот го организираа групации на синдикатите, црквите, организациите за заштита на животната средина и на мировни групи.