1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја критикува Унгарија, а таа останува стопански центар за западните компании

22 октомври 2011

Покрај Словачка, Унгарија е една од најважните земји за германската автомобилска индустрија. Во моментов Мерцедес Бенц, Опел и Ауди градат нови фабрики во Унгарија што ќе чинат повеќе од една милијарда евра.

https://p.dw.com/p/12eaN
Опел инвестираше 500 милиони евра во новата фабрика во РоманијаФотографија: AP

Опел уште од политичкиот пресврт во земјата е присутен со фабрика за производство на мотори. Во неа работат 700 работници. Ауди, пак, со 7.000 вработени е еден од најголемите производители на мотори во Унгарија, и воопшто во светот. Освен тоа, во местото Ѓер се произведува и спортскиот автомобил Ауди ТТ.

На политички план Унгарија е под постојан притисок и критики од страна на ЕУ поради политиката на деснопопулистичкиот премиер Виктор Орбан, околу слободата на печатот и поради политиката на малцинствата. Меѓутоа, како стопански центар Унгарија останува и понатаму атрактивна за западните земји.

Плати пониски за третина во споредба со Германија

13.09.2011 DW-TV JOURNAL MINIREPORTAGE Ungarn
Произведените мотори можат за само еден ден да стасаат во ГерманијаФотографија: DW-TV

Автопроизводителот Опел инвестираше околу 500 милиони евра во новата фабрика во Унгарија. Веќе 20 години Опел ги произведува овде моторите Сантготхард. Овие специјални етанол мотори се извезуваат во Бразил. Уште од почетокот на финанасиската криза во 2008 година месечните плати не се зголемени. Еден работник на лента заработува околу 700 евра бруто месечно. Тоа е една третина од сумата што ја зема истиот работник во Германија.

„Во зависност од потребата можеме да работиме во различни смени. Преку неделата, па дури и на викенд без никакви додатоци. Трошоците во Унгарија се едноставно ниски“, објаснува Томас Солт, раководител во фабриката Опел.

На ова се додава и добрата географска положба на земјата во Европа. За само еден ден камионите што ги транспортираат моторите можат да пристигаат во Германија.

Унгарците заработуваат 20 проценти повеќе во германските, отколку во домашните компании

Само 200 километри понатаму се наоѓа местото Ѓер. Овде автопроизводителот Ауди инвестира 900 милиони евра во изградбата на нова фабрика. Во неа треба да се произведува новиот модел на А3 лимузината. Во моментов во фабриката секојдневно од производната лента излегуваат 7.000 мотори. Соработниците заработуваат исто како и кај Опел по околу 700 евра месечно. Тоа се во секој случај 20 проценти повеќе отколку што би заработувале во некоја унгарска фабрика. Поради тоа, поимот „земја со ниски плати“ менаџерите на германските производители не го слушаат радо.

Audi A3 TDI
Во фабриката вредна 900 милиони евра ќе се произведува моделот Ауди А3Фотографија: picture alliance/dpa

„Унгарија не е повеќе земја каде малку се заработува. Земјите во кои се заработува малку се наоѓаат источно од Унгарија. Унгарија е земја во која добрите, квалификувани работници мора и добро да се платат. Се разбира, во споредба со Германија и Западна Европа, овде е поефтино“, објаснува Петер Лоре, портпарол на Ауди во Унгарија.

160 километри до работа

Flash-Galerie Auto Autos Mercedes-Benz S-Klasse S 250 CDI BlueEFFICIENCY
Дел од вработените патуваат и по 160 километри за да стасаат на работаФотографија: Daimler AG

Работниците доаѓаат од околните села со автобуси на работа. Некои понекогаш мора да се возат дури и до 160 километри до работа. Стапката на невработени во околината на фабриката за автомобили е значително пониска за разлика од просекот во земјата. Освен тоа, во новите две фабрики на Ауди и Опел треба да се отворат уште повеќе од 3.000 нови работни места. За сега има уште доволно работна сила во селата, вели градоначалникот Атила Наѓ. Меѓутоа, нивните очекувања растат.

„Во секој случај треба да има минимално покачување на месечната плата во висина на стапката на инфлација од 2,8 проценти годишно. Во спротивно би се намалил нашиот животен стандард“, вели градоначалникот Наѓ.

Земјата со ниски плати што се наоѓа пред вратат на Германија им гарантира на германските автопроизводители дека и во иднина ќе останат конкурентни на пазарот.

Автор: Карл Харенброк / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Симе Недевски