ЕУ ја предупреди Русија
14 декември 2021Исто како претходно и НАТО, американскиот претседател Џо Бајден и групата седум најразвиени индустриски земји, и ЕУ се вклучи вчера официјално во хорот на оние кои побараа остри санкции доколку Русија, слично како во 2014 година, повторно ја нападне Украина. Стравувања постојат, зашто рускиот претседател Владимир Путин со недели стационира големи воени контингенти на границата со Украина. САД имаат информации за околу 100.000 руски војници, иако на сателитски снимки не се гледа дали во подигнатите шатори се наоѓаат војници.
Бербок инсистира на суверенитетот на Украина
Во Брисел, на средбата на министрите за надворешни работи, ресорниот шеф на Литванија, Габрелиус Ландсбергис, се погрижи за алармирачки тонови – дека Русија подготвува „тотална војна“ против Украина. Украински политичари во изминатите недели зборуваа за пуч и непосредно претстојна инвазија. Новата германска министерка за надворешни работи, Аналена Бербок настапи со главно општа формулација дека „суверенитетот на Украина не доаѓа во прашање“. „Дејствување“ на Русија би предизвикало остри економски и дипломатски консеквенци, најави Бербок. Какви би биле санкциите, ЕУ не даде одговор, но според дипломати, во предвид доаѓа исклучување на Русија од меѓународниот платежен систем.
Ополномоштеникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, укажа дека е нужно дефинирање кога Русија би ја преминала црвената линија. Мора ли да следи вистинско вмарширање на регуларни трупи или е доволно и ифилтрирање на т.н. „зелени луѓе“, односно руски војници без официјални ознаки во сепаратистичките области на источна Украина, за да следат санкции? Станува збор за тоа на Русија да ѝ се демонстрира дека интервенција во Украина би имала висока цена, рече Борел.
„Не ни се потребни секогаш нови санкции“
Реагирањето на европските држави не опфаќа воени акции, но ЕУ размислува околу обука на украинската армија. На Украина веќе ѝ се лиферувани дефанзивни оружени системи, како противдроновски ракети, од страна на САД. Но, Германија уште не дава зелено светло за лиферување од страна на ЕУ, пишува „Фајненшл тајмс“. Уште претходната германска влада заклучила дека на Украина може да ѝ се испорачуваат само „неубиствени“ оружја.
Луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн, предупреди дека постојано нови санкции малку ќе влијаат врз Русија, фокусот треба да се стави врз разговори. „Треба да се одвикнеме од тоа секоја недела да воведуваме нови санкции во уверување дека ќе го подобриме светот. Постојните санкции остануваат, тоа е јасно, но не можеме да зборуваме само за санкции“, истакна Аселборн.
Москва продолжува со закани
Новата шефица на германската дипломатија на својата прва формала средба со ресорните колеги од ЕУ, не потврди дали во случај на руска инвазија, би го спречила почетокот на работа на спорниот директен гасовод меѓу Русија и Германија, Северен тек 2. Во неделата, во интервју за вториот канал на Германскиот јавен ТВ сервис, ЦДФ, таа меѓутоа јасно кажа дека Северен тек 2 не може да функционира ако Русија ја нападне Украина. Моментно германските служби вршат проверка на дозволата за работа на веќе довршениот гасовод. Рускиот гасен концерн Газпром во моментов не ги исполнува барањата на ЕУ регулативата околу одвојувањето на гасоводот и лиферантот на гас.
Регирајќи на советувањата во Брисел, заменикот руски министер за надворешни работи Сергеј Рјабков го заостри тонот на Москва, заканувајќи се со воени мерки, доколку САД и НАТО не ги исполнат руските барања за давање безбедносни гаранции. НАТОтреба да прекине да експандира кон Исток и да престане да стационира оружени системи во близина на руската граница, бара Русија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“ потенцираше дека во моментов членство на Украина во НАТО не е предмет на дебата. Во 2008 година НАТО во принцип вети членство на Украина, но никогаш не наведе датум.