ЕУ ѝ се заканува на Полска со голем стап
26 јули 2017Политичката „нуклеарна бомба“ засега останува неактивирана. Така во бриселски жаргон се нарекува постапката за проверка на правната држава на една членка на ЕУ, која се прави според член 7 од Лисабонскиот договор. Минатата недела вицепретседателот на Европската Комисија, Франс Тимерманс, многу налутено ѝ се закани на полската влада со членот 7. „Во меѓувреме во Полска се случија неколку работи“, изјави тој денеска значително поблаго во Брисел. Притоа Тимерманс алудира на ветото на полскиот претседател Анджеј Дуда на два од четирите спорни закони за реформа на правосудството. Еден од блокираните закони, оној кој се однесува на преструктуирањето на Врховниот суд, му беше посебно голем трн во окото на еврокомесарот. Доколку овој закон сепак стапи во сила и доведе до отпуштање на судии од Врховниот суд, тогаш Тимерманс, според сопствените најави, нема да се колеба и ќе го активира членот 7 „во секое време“.
Доколку биде активирана „нуклеарната бомба“, на Полска би можел да ѝ биде одземен гласот во ЕУ и земјата до добие финансиски казни. Ваквата постапка досега не била поведена, но и ЕК никогаш досега не се заканувала толку упорно со активирање на членот 7. „Европската Комисија не е против реформа на полскиот правосуден систем, но реформите мора да бидат во согласност со полскиот Устав и европските договори“, нагласи Тимерманс.
Полската влада реагираше веднаш на ваквите изјави од Брисел. Портпарол на владата ги отфрли „уцените“ на европскиот функционер: „Обвинувањата на ЕК на сметка на реформите во правосудството се апсолутно неосновани“, беше речено во Варшава. Заменик министерот за надворешни работи на Полска, Конрад Шимански, потенцираше дека реформата е чисто национално прашање.
Правната држава во Полска е во сериозна опасност поради реформите кои ги планира владејачката партија Право и правда (ПиС). Тоа Европската Комисија го утврди уште при првите чекори за реструктуирање на Уставниот суд во таа земја. Сите обиди за разговор со полската влада помалку или повеќе - пропаднаа, рече Тимерманс. Сега, очигледно, трпението му истекува. Тој на владата на Полска ѝ даде рок од еден месец да го промени курсот во спорот околу реформата. Доколку ЕУ по летната пауза не види менување на ставот во насока на она што се бара од Брисел, Министерскиот совет на ЕУ повторно ќе мора да се занимава со Полска.