1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот после Инстаграм

26 декември 2019

Не можам да бидам оптимист за нашата иднина на Инстаграм и воопшто не знам дали има живот после Инстаграм. Она што знам со сигурност е дека нашите сеќавања се чуваат во студени, темни дата центри. Пишува Андреј Петровски

https://p.dw.com/p/3VLlw
Symbolbild: Instagram
Фотографија: Reuters/D. Ruvic

Седам во едно кафуле во центарот на Берлин, чекам еден пријател. Малку доцни, па решив да го отворам лаптопот и да поработам на текстов. Не сум писател, ниту сум новинар. Можам да пишувам единствено за работи што ме интересираат.

Текстов го започнав и избришав неколкупати, единствената константа што останува до овој момент е што сакам да пишувам за интернетот. Не сакам да пишувам за техничките аспекти на интернетот. Главно зашто веќе сум пишувал за тоа.

Омилена форма на разонода

Додека го чекав пријателот, отворив Инстаграм на телефонот. Инстаграм почна да ми го пополнува секој момент што би се сметал за празен во текот на денот, т.е. ако не правам нешто конкретно, на Инстаграм сум. Во четврток попладне, додека луѓето сè уште се на работа, нема многу интересни објави, а има премногу реклами, поради што решив да го разгледам сопствениот профил. Разгледувајќи ги фотографиите што сум ги објавил, во одреден момент сфатив дека го разлистувам сопствениот живот во изминатите пет години.

Од една страна, добро е чувството да се потсетиш на некои убави моменти во животот. Од друга страна, мојот секојдневен живот е изложен и квантифициран до таа мерка, да скоро секој кој има интернет пристап може да знае каде и со кого пијам кафе или се состанувам. Во моментите кога објавуваме стори или пост на Инстаграм, не размислуваме премногу дека некој може да ги злоупотреби и покрај тоа што секојдневно читаме за такви случаи.

Најголемиот проблем е сепак што сум му ги аутсорсирал моите сеќавања на Марк Закерберг, а тој ги продал. И тоа веројатно на повеќе места. Често размислував за ова, неколку пати и пишував на оваа тема, одржав и неколку предавања за причините зошто собирањето и продавањето лични податоци е лоша работа. Но никогаш не сум помислил што ќе се случи ако Фејсбук банкротира и заедно со него Инстаграм и сите мои аутсорсирани спомени.

Symbolbild Facebook verdient an Smartphone-Werbung
Што ќе се случи ако Фејсбук банкротира и заедно со него Инстаграм и сите мои аутсорсирани спомени?Фотографија: picture-alliance/dpa

Ајкула во резервоар

Прочитав една статија на Vice. Беше за некоја џиновска ајкула што се распаѓа во голем резервоар полн со формалин некаде во Австралија. Ајкулата била фатена во океанот во близина на австралискиот брег и ја изложиле во центар за еко-туризам, кој подоцна банкротирал. Откако банкротирал, била пренесена на друго место, па потоа била продадена на трет сопственик. Следувале смени на сопственици и други административни ујдурми, оставајќи ја четириметарската џиновска бела ајкула да се распаѓа, напуштена. И тоа не е крај на приказната, пред неколку години некои луѓе случајно ја откриле и објавиле видео на интернет од ајкулата која се распаѓа во резервоарот. Оттогаш, разни ентузијасти и чудаци започнале да го посетуваат местото, не оставајќи ја кутрата ајкула да се распадне во мир.

Во тој момент, спомените што ги аутсорсирав кај Марк Закерберг ми се видоа како таа кутра ајкула во резервоарот. Тие сè уште изгледаат убаво како денот кога сум ги објавил, бидејќи Марк сè уште може да заработи од продажба на моите податоци за дата центрите да продолжат да работат и тој да си купува сиви маици. Но, да ја разгледаме накратко можноста империјата на Марк да се распадне.

Не сум сигурен кое би било најверојатното сценарио и не сакам да претерувам со фантазирање. Да ја разгледаме наједноставната опција. На луѓето им здосадуваат нештата. Тоа едноставно е така. Присетете се на МајСпејс (MySpace). Ако на луѓето им здодее Инстаграм, тие ќе престанат да го користат. Фејсбук веќе се смета за социјална мрежа за стари луѓе, а и Инстаграм е тргнат по тој пат. Падот на бројката на корисници значи само една работа, помал пазар за рекламирање. Помалку реклами значи помалку пари, до тој степен што Марк нема да има повеќе интерес да го води тој бизнис. Во таква ситуација, врвен приоритет сигурно нема да биде безбедно враќање на сите податоци на корисниците и уништување на копиите. Напротив, тој веројатно ќе се обиде да продаде сè што може да се продаде за да извлече максимум.

Ова можеби не е нешто што ќе се случи за неколку месеци или години, но во одреден момент може да се случи. Марк може да ја продаде компанијата уште пред тоа, или ако не тој, неговите деца би можеле. Поентата е што јас немам многу избор ако дојде до тоа. Не сум гласал за Марк, ниту за неговите деца, ниту пак тој ќе ме праша како да постапи кога бродот ќе почне да тоне. 

USA Mark Zuckerberg in Capitol Hill
Не сум гласал за Марк, ниту за неговите деца, ниту пак тој ќе ме праша како да постапи кога бродот ќе почне да тоне.Фотографија: picture-alliance/Consolidated News Photos/S. Reynolds

Разликата помеѓу резервоарот и моите сеќавања е во тоа што ентузијастите и чудаците нема да мора да одат дури до Австралија за да ги видат; туку ќе може да го сторат тоа од своите спални соби.

Залудни се обидите за менување

Европа, поточно ЕУ се обидува да го спречи сценариото што го замислив погоре, со донесување легислатива како што е GDPR (Општа уредба за зашита на податоци). Целосно го поддржувам воспоставувањето стандарди и употребата на закони за заштита на приватноста на луѓето. Меѓутоа, законите се закони и луѓето ги прекршуваат.

Марк сведочеше пред Конгресот на САД, Федералната трговска комисија изрече парична казна за Фејсбук од 5 милијарди американски долари, а беа изречени и неколку парични казни за Фејсбук во Европа. Многу активисти кои се борат за приватност, овие настани ги сметаа за победи, но дали е тоа навистина така? Фејсбук ја предвиде казната од Федералната трговска комисија и обезбеди средства за неа пред да биде изречена и самата казна немаше значително влијание врз работењето на Фејсбук.

GDPR би требало да ја регулира употребата на личните податоци од страна на овие гиганти. Уредбата пропишува екстремно високи казни доколку се утврди злоупотреба на личните податоци од страна на гигантите кои обработуваат милијарди лични податоци. Веќе постојат истраги против сите големи компнии како што се Фејсбук, Гугл и Амазон од страна на различни агенции за заштита на лични податоци. Во овој момент, година и пол од почетокот на примената на GDPR, се уште е рано да се предвиди дали ЕУ ќе успее во намерата да ја регулира употребата на личните податоци.

Во секој случај, позитивно е тоа што сега постојат додатни можности за правни битки со големите компании. Се надевам дека во иднина ќе имаме повеќе луѓе како Макс Шремс кои ќе бидат доволно посветени и трпеливи да ги искористат правните механизми за заштита на лични податоци. Поединечните случаи, колку и да изгледаат мали, можат да постават преседан кој ќе биде значаен за третманот на личните податоци во иднина.

Инстаграм не е само место за моите пренесени спомени, заедно со своите браќа Фејсбук и Ватсап, тие собираат многу чувствителни податоци за мене. Нивните колачиња се вклучени во околу 46% од најпосетуваните веб-страници, а нивните апликации можат да пристапат до речиси сè на мојот паметен телефон.

Во оваа точка од заплетот, некој може со право да ме праша зошто ги користам овие апликации. Да бидам искрен, веројатно затоа што ми се лесни за користење, а и поради некаква љубопитност за животот на другите луѓе, како и потребата да ги споделам среќните моменти од мојот живот со други луѓе. Претпоставувам дека повеќето луѓе имаат слични причини.

Иднината

Работам во Фондацијата SHARE, организација за дигитални права со седиште во Белград. Во последниве години, многу луѓе и организации ни пристапија барајќи помош за проблеми со нивните профили на социјалните мрежи. Проблемите се разликуваат, од вознемирување и кражба на идентитет до профили што се деактивирани без дадени причини. Во некои случаи успеавме да ги решиме проблемите со нашето знаење и контакти, но во повеќето ништо не може да се преземе, затоа што на крајот на краиштата ние сме само небитни нематеријални работници на Марк, а нашите податоци се стока која тој ја продава.

За жал, не можам да бидам оптимист за нашата иднина на Инстаграм и воопшто не знам дали има живот после Инстаграм. Она што го знам со сигурност е дека нашите сеќавања се чуваат во студени, дата центри, кои еден ден би можеле да станат нивни гробници чекајќи некој новопечен Индијана Џонс да ги ослободи клетвите заробени во нив.

Андреј Петровски има завршено магистерски студии по компјутерски криминал. Тој е Технички директор во Фондацијата SHARE во Белград. 

Блогот е објавен во рамките на проектот Республика.