Жозеп Борел - Каталонецот кој не сака отцепување
4 јули 2019Жозеп Борел Фонтељес по долгата кариера веќе се имаше повлечено од јавноста. Но, летото 2018 година новиот шпански премиер Педро Санчез го праша дали сака да биде министер за надворешни работи во неговиот кабинет. Борел се согласи. Дека 72-годишникот уште тогаш претпоставувал оти тоа нема да биде и крај на неговата кариера, не е докажано.
Борел и претходно не беше исчезнат сосема од политичката сцена во Шпанија. Постојано се јавуваше за збор во огорчениот спор околу отцепувањето на Каталонија. Борел, и самиот Каталонец, припадник на каталонските социјалисти, енергично се спротивставуваше на отцепување од шпанската држава. „Границите се лузни кои историјата ги направила на кожата на Земјата“, изјави тој еднаш.
Борел е роден во 1947 година, како син на пекар. Во 1984 година е назначен за државен секретар за финансии, а помеѓу 1991 и 1993 година беше министер за инфраструктура, транспорт и екологија во кабинетот на социјалистот Фелипе Гонзалес. Во април 1998 година шпанските социјалисти го назначија за кандидат за премиерската функција на изборите во 2000 година.
Меѓутоа, неговите први искуства во владата датираат многу пред тоа, кога како член на Регионалната влада на Мадрид собираше искуства во периодот од 1979 до 1982 година.
Инженер, економист, компјутерски стручњак
Борел е верзиран и во европската политика. Во периодот помеѓу 2004 и 2007 година беше претседател на Европскиот парламент. Негова професија воопшто не беше политиката. Беше инженер по воздухопловна ракетна техника, а има и титула на доктор по економија. Освен тоа, има и мастер диплома од американскиот универзитет Стенфорд, како и од Францускиот институт за нафта. Раководел и со одделението за компјутерски системи на шпанскиот нафтено-хемиски концерн Цепса.
Но, Борел не е сосема без дамки. Во 2012 година мораше да поднесе оставка на местото директор на Европскиот високошколски институт во Фиренца, затоа што не пријавил паралелен приход како член на надзорен одбор на енергетскиот концерн Абенгоа - 300.000 евра годишно.
Против Брегзит, против сепаратизам
Борел не крие дека не одобрува никакви регионални отцепувања. Со еднакво остри зборови ги проследи и Брегзит и каталонските сепаратисти. За време на мартовската посета на Белград во својство на министер за надворешни работи на Шпанија, јасно стави до знаење дека Шпанија е против независност на Косово. Шпанија е една од петте членки на ЕУ кои го немаат признато Косово.
На еден колоквиум на почетокот на јуни во Мадрид, тој, имајќи ги предвид суперсилите Кина, Русија и САД, ја формулираше својата животна фолозофија: „Живееме во свет на џинови и ако не задржиме одредена величина, ќе паднеме во ирелевантност.“
За него дел од политиката на моќ се и повисоки издатоци за одбрана и подобар поттик на врвните технологии. Иако границите ги спореди со лузни, тој бара консеквеннто обезбедување на надворешните граници на Европската унија.
Во интервју кое пред две недели го даде за германскиот венсик „Зиддојче цајтунг“, Борел рече: „Во земјите на ЕУ мора брзо да дојдеме до концепт на единствено решение на проблемот на масовна миграција. Досега многу политичари во Европа водеа политика на заривање на главата в песок. Меѓутоа, би требало само да ја погледнат стапката на наталитет во Африка за да сфатат дека нѐ очекува џиновски проблем.“
Борел покажа дека има непоколеблив став кога соочен со непријатни прашања во врска со Каталонија, во интервју со Тим Себастијан од Дојче веле, едноставно го извади микрофонот и стана. Се врати дури по упорното убедување од страна на своите советници.