Жртви на историјата
27 октомври 2021Вчера бев да купам месо од еден скопски маркет. Додека чекам, по обичај разговарам со месарот. Овој пат месарот разговараше со една негова колешка која го информираше дека до крајот на неделава си заминува за Германија. Си замина неговата колешка, а месарот додека се уште го средуваше месото кое го побарав, почна да разговара со мене. Ми вели, што се случува, сите си заминаа, еве и син ми кој има дваесет години, секој ден зборува само за една работа, како и каде да си замине од нашава држава. Не останаа веќе луѓе кај нас, заклучува. Нема ни кој да работи веќе. Вели имам колеги заминуваат за Алјаска, таму за 5-6 месеци заработуваат по дваесетина илјади долари. Чистат риба. Ништо потешко од тоа што тој тука го работи. Ми вика, тука тие пари никогаш не можам да ги заработам, а не па за 6 месеци. Молчам. Знам дека е во право, а ја знам и точната причина зошто е тоа така. Ако почнам да му објаснувам ќе изгледам како демагог. Си велам, подобро е да одмолчам и да се обидам да објаснам на далеку поголем број на луѓе преку оваа моја колумна.
Ги губиме ресурсите
Одговорот е едноставен. Ние не сме во ЕУ. Ако навреме станевме членка на ЕУ ќе имавме далеку повисок стандард, сопственикот на маркетот ќе имаше далеку поголем приход, па ќе беше во позиција да му плати повисока плата на месарот и на неговата колешка. Можеби и сега може малку да му ја покачи, но во услови кога се уште некако може да најде друг работник, платата на месарот и неговата колешка остануваат исти. Кај плочкарите на пример е различно. Плочкари кај нас нема ни за лек, па така тие што се занимаваат со оваа тешка физичка работа, заработуваат и над 90 евра дневно, неоданочени пари. Но, за кратко, нема да има ни месари па и нивните плати ќе се покачат. Но, дали е добро да растат платите како резултат на недостаток на кадар предизвикан од иселувањето? Нормално дека не. Го губиме најважниот државен ресурс, луѓето. Затоа велам, да бевме во ЕУ немаше да биде така. Со оваа колумна сакам тоа и да го покажам преку конкретни податоци обработени и објавени од Светска банка.
-претходни клумни од авторот: Возот за ЕУ заминува, трчајте!
За таа цел направив споредбена анализа на Албанија, Србија и Северна Македонија како земји од вечната станица наречена Западен Балкан од една, и Бугарија, Полска, Романија и Чешка како земји членки на ЕУ од друга страна, притоа земајќи го како параметар за споредба нивниот БДП по глава на жител. Инаку според дефиницијата дадена од нашиот Завод за статистика, со податокот за бруто-домашниот производ по жител се врши споредба на развиеноста на државата во однос на други држави, споредба на продуктивноста на трудот и истовремено податок од кој се добиваат податоците за бруто-националниот доход, бруто-штедењето и нето задолжувањето на државата.
„Далечната" 1991
Во 1991 година Македонија, Србија, Полска и Чешка имаат слична појдовна основа, Бугарија и Романија заостануваат, додека Албанија заостанува сериозно. Ние во 1991 година имаме БДП по глава на жител од 2.477 долари, Полска 2.235$, Чешка 2.896$, Бугарија 1.267$ и Романија 1.260$. Во 2000 година ние имаме сериозно повисок БДП по глава на жител од Бугарија и Романија. Во 2005 година, односно 1 година по влезот во ЕУ Чешка има 13.430$, а Полска 8.021$. Бугарија и Романија во 2008, односно 1 година по нивниот влез во ЕУ веќе имаат сериозно повисок БДП по глава на жител од нашиот. Минатата 2020 година ние ја завршуваме со БДП по глава на жител од 5.888$, Полска со 15.656$, Чешка со 22.762$, Бугарија со 9.975$, Романија со 12.896$, Албанија со 5.215$ а Србија со 7.666$. Нето просечната плата кај нас изнесува 460€, во Албанија 364€, во Србија 551€, додека во Чешка изнесува 1.207€ а во Полска 928€. Заклучокот што лесно може да се извади од овие податоци на Светска Банка е дека ние, земјите од вечната станица наречена Западен Балкан живуркаме и многу споро се развиваме, па поради тоа преовладува чувството кај граѓаните дека тапкаме во место. Затоа после 30 години независност чувството е дека е убиена надежта. Е поради ова одмолчив и не му одговорив на месарот на прашањето што се случува. Ако му кажев дека основниот проблем ни е што не сме членка на ЕУ, без ова вака сликовито да го објаснам, ќе делував неубедливо, а месарот кусо ќе забележеше дека ЕУ нема со магично стапче да ги реши проблемите. Ама, еве, овие податоци покажуваат дека членството во ЕУ буквално како со магично стапче ги решава проблемите и дека основниот фактор за развој е членството во НАТО и ЕУ. Не измислив топла вода, точно, но ако сите ова го знаеме тогаш не треба да се прашуваме што ни се случува, не треба да се нервираме зошто тапкаме во место и зошто младите, а богами и постарите сакаат да се иселат. Треба да заклучиме дека сме одлучиле националните прашања да ги ставиме пред развојот на државата. Ќе речете, нормално, националните прашања, особено историските прашања се најважни и не треба по секоја цена и постојано да правиме некои национални отстапки и да трпиме национални понижувања. Еве и со тоа ќе се согласам, ама повторно ќе констатирам дека тогаш не треба да се прашуваме што ни се случува.
„Жртвите" за националниот дигнитет
Треба да си кажеме дека тапкаме во место бидејќи сме одлучиле по секоја цена да го штитиме нашиот национален дигнитет. Ова значи дека на листата на стратешки цели прво ни е заштитата на националниот дигнитет ставено во историски контекст, па потоа е развојот на државата и подобриот животен стандард. Во оваа глобална светска битка (војна) ние така сме одлучиле и така сме се поставиле. Ние, а не некој друг. Тезата дека само нас ни поставуваат вакви услови кои задираат во нашиот идентитет и суверенитет, не е целосно точна бидејќи Словенија имаше проблем со Италија, а Хрватска со Словенија, но еве и да е така, тоа повторно потврдува дека ние сме одбрале да ја браниме историјата пред иднината. Не ни треба ЕУ, ако таму не сме Македонци е наративот на оваа наша стратешка поставена цел на бојното поле. Точно е. И затоа опстојуваме на оваа цел доследно и долго. Во меѓувреме дадовме 201.268 „жртви“ бранејќи ја оваа цел. На пописот во 1991 година бевме 2.033.964 граѓани, а денес сме 1.832,696. Разликата се луѓето кои во изминативе 30 години ја напуштија државата зголемено за оние кои не се родиле заради лошиот демографски тренд. Некои од оние кои се иселија беа приморани да потпишат дека нивните предци биле Бугари, а со цел да земат бугарски пасош кои им е неопходен за да можат да живеат и работат во ЕУ. Но, знам дека добар дел од нив сонуваат за денот кога ќе можат да го фрлат или скинат бугарскиот пасош. Тоа ќе биде сигурно кога ќе го исполнат условот да земат германски, шведски или швајцарски пасош.
Кои се предавниците?
Ајде да се запрашаме сега, предавници ли се луѓево кои одлучиле наместо да се борат за нашата прва стратешка цел- историјата и националниот дигнитет, да се борат за личната благосостојба и благосостојбата на нивните деца? Одговорот го имаат партиите. Секоја партија кога е во опозиција ќе каже дека луѓето се селат од мака, дека им е тешко и дека неспособноста на власта ги брка луѓето од државата. Истата таа партија кога ќе дојде на власт вели дека иселувањето, односно миграцијата е нормална европска работа и дека иселување има и од земјите членки на ЕУ. Во основа точно е и едното и другото. Партијата секогаш е во право, освен тогаш кога народот греши.
-претходни клумни од авторот: Како Јане Сандански ја ослободил пиринска Македонија од окупаторските сили на Бугарија
А еве, баш сега е време на избори, па власта ќе тврди дека земјата е на вистинскиот пат и дека направила чудо, опозицијата ќе тврди дека власта е неспособна и дека доколку таа дојде ќе направи вистинско чудо. Реалноста е друга. Во основа, што и да се случи ќе тапкаме во место и ќе имаме чувство дека ни е убиена надежта се додека не влеземе во ЕУ. Само влезот во ЕУ е тоа што може нешто драматично да промени на подобро. Тоа е Game changer.
И за крај се прашувам кои се жртвите на историјата, оние иселените и неродените 201.268 или оние 1.832.696 лица што останале тука?